Три награди и едно признание, додели Здружението на новинари на Македонија, на конкурсот за најдобри новинарски стории објавени во 2025 година, чија тема е справувањето со загадувањето на воздухот во земјава.
Првата награда ја доби новинарот Михаил Милошевски од редакцијата „360 степени“ за сторијата „Уште пет града дознаа што им го загадува воздухот, што ќе преземат градоначалниците“, која ги идентификува конкретните извори на загадување во Куманово, Кавадарци, Гостивар, Струмица и Струга.
Милошевски при примањето на наградата, потсети дека иако аерозагадувањето најчесто се поврзува со Скопје, тоа не е ограничено само на главниот град.
„Проблеми има и во останатите градови. Таму не се дише алпски воздух“, истакна тој.
Второнаградена беше сторијата „Властите виновни за занемарувањето на македонската депонија со фосфогипс“, на новинарот Бојан Блажевски, објавена на Призма и Балкан Инсајт. Во неа се открива како милиони тони отпад, во кој има и радиоактивни елементи, со децении, без институционален надзор, стојат во незаштитена депонија во велешкото село Згрополци иако претставуваат сериозен ризик по здравјето и животната средина. Блажевски е дел од алумни мрежата на програмата на БИРН за новинарска извонредност.
Доделувањето на оваа награда, Блажевски го искористи за да упати повик кон институциите за воведување систематски мониторинг на оваа жешка еколошка точка, која, како што потсети, „не е единствена во земјава којашто предизвикува проблеми за животната средина.“
Третата награда ја доби новинарот Владимир Калински од Радио Слободна Европа за сторијата „Секој здив боли: сведоштво на пациентка со рак за животот во загадено Скопје“, во која ја пренесува личната борба на 43-годишна скопјанка со подмолната болест.
„Тажно е што и по години и стотици новинарски стории за загадување на воздухот, сѐ уште имаме поразителни бројки и последици од загадувањето врз здравјето и животот на луѓето, а тоа покажува дека темата е актуелна и институциите конечно мора да преземат поодлучни чекори“, истакна Калински.
Посебно признание пак му беше доделено на новинарот Орце Костов од „Фокус“ за сторијата „Ниедна мерка не дава резултат. Скопје не дишат најотровен воздух во Европа иако постои изум за растерување на маглата и загадувачите“.
Овие награди ЗНМ ги додели во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Амбасадата на Шведска. Наградите се доделуваат неколку години по ред, за да поттикнат создавање поквалитетни новинарски истражувања на оваа тема и да направат притисок кон институциите за справување со аерозагадувањето кое годишно во земјава зема неколку илјади животи.

