Истражувањa

Договорот прекршен, „Казандол“ може да се затвори

Концесионерот на рудникот Казандол не го исполнил условот од Договорот за концесија, да изгради постројка за експлоатација на бакар најдоцна до февруари 2017 година

Истражувањето на БИРН открива дека владата има основ да го прекине договорот за Казандол поради неисполнети услови, дека постојат сериозни сомневања оти концесијата е добиена противправно, но и дека различни институции имале контрадикторни наоди за изградбата на погонот за производство во рудникот.

Еден од основните услови наведени во Договорот за концесија за експлоатација на бакар беше концесионерот во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда, но тоа не е исполнето.

Член 13 од Договорот за концесија за експлоатација

Фотографиите од терен, покажуваат дека ниту по три години од потпишувањето на договорот на 27 февруари 2015 година, постројката за производство на катоден бакар не е целосно изградена ниту пак има капацитет да процесира бакарна руда.

До каде е изградбата на овој рударски комплекс може да се види и од видео снимките направени со дрон во декември минатата година, објавени од страна на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“.

Со неисполнувањето на овој услов, Владата има основа да го стопира овој рудник, вели за БИРН универзитетскиот професор Борче Давитковски.

„Непочитувањето на членот 13 од Договорот за концесија за експлоатација, кој предвидува во рок од две години концесионерот да изгради постројка за експлоатација на руда, е една од причините за еднострано раскинување на овој договор“, додава Давитковски.

Од компанијата Сардич МЦ, којашто е концесионер на рудникот во изградба, Казандол, не одговорија на прашањата на БИРН поради кои причини не го исполниле овој договорен услов.

Меѓутоа, пред неколку дена во соопштение на својата веб страна, давајќи детален преглед со фотографии што е досега изградено во овој рударски комплекс, инвеститорот практично потврди дека постројката за производство се уште  сѐ гради.

Кој извештај е веродостоен?

Една од последните фотографии на производствениот погон на Казандол објавен на веб-страницата на Сардич

Документите до кои дојде БИРН покажуваат контрадикторност во постапувањето на две државни институции што направиле вонредни инспекции во рударскиот комплекс Казандол, коишто меѓу другото проверувале и до каде е изградбата на погонот за производство.

Инспекторатот за животна средина, при инспекциски надзор во ноември минатата година, утврдил дека „погонот за производство на катоден бакар не е завршен и во тек е изведба на монтажни работи и подготовка на објектот за монтажа на технолошката опрема“.

Наспроти ова,  еден месец претходно, во средината на октомври, Државниот инспекторат за техничка инспекција со спротивен наод. Нивниот надзор констатира дека „изградбата на производниот погон е завршена, кој како објект е составен дел на постројката и се чека испорака на опремата за електролиза и производство на катоден бакар“.

Записниците до кои дојде БИРН покажуваат дека наодите на терен ги констатирале инспекторите за техничка инспекција, Петре Рунчев и Венцислав Бошковски од Државниот инспекторат, а известувањето до Министерството за економија го потпишал директорот на оваа институција, Екрем Буњаки.

Овие контрадикторни наоди на двете државни институции што влегоа во контрола на рударскиот комплекс, Казандол, во близина на Валандово, според информациите на БИРН биле разгледани и на состанок во Владата, по што и дел од министрите побарале заеднички да направат вонредна контрола и да се уверат кој од двата извештаи е веродостоен, меѓутоа, засега тоа не е направено.

Од Државниот инспекторат за техничка инспекција не одговорија на прашањата на БИРН, додека пак директорот на Инспекторатот за животна средина, Мирослав Богдановски, вели дека тие се подготвени заеднички да одат во вонредна инспекција како што било договорено на состанок во Владата.

Кривични пријави за противправно давање на концесија

Сите јавно достапни документи во врска со рударскиот комплекс Казандол ги разгледувало и Јавното обвинителство, откако пред еден месец граѓанското здружение „Спас за нас“ од Гевгелија доставило пријава за основано сомневање за сторени кривични дела во оваа постапка.

Во пријавата до Јавното обвинителство до којашто дојде БИРН, пишува дека „постои основано сомнение дека група од повеќе сторители се здружиле со цел на незаконски начин да овозможат компанијата Сардич МЦ противправно да добие Договор за експлоатација на бакар, злато и сребро“.

Во пријавата се наведени низа недоследности во водењето на постапката.

На пример, одлуката да се спроведе Стратегиска оценка за влијание врз животната средина, којашто е анализа на влијанијата врз животната средина, животот и здравјето на луѓето, Министерството за транспорт и врски ја донело на 13 март 2015 година, што е речиси две недели откако Договорот за концесија веќе бил потпишан.

По три дена од донесувањето на одлуката, Нацрт извештајот за оваа стратегиска оценка бил ставен на увид на јавноста на веб страницата на министерството. Две недели подоцна, се одржала и јавна расправа.

Дополнително на самиот документ, изработен од компанијата Емпириа ЕМС, пишува дека Нацрт извештајот за стратегиската оцена на животната средина е одобрен на 31 декември 2014 година, односно два и пол месеца пред Министерството за транспорт да донесе одлука за негова изработка.

Понатаму, во кривичната пријава се отвораат сомнежи и за изработката на Студијата за оцена за влијанието врз животната средина.

Оваа Студија на 295 страници, што исто така  ја изработила компанијата Емпириа ЕМС, била готова за 14 дена од денот кога Министерството за животна средина ја објавува потребата да се изработи, и е доставена на 27 јануари 2015 година, меѓутоа, и овој документ бил готов, пред одлуката на тогашниот министер Јанакиески за Стратегиска оцена.

Во пријавата се наведува и дека компанијата Сардич МЦ ги завршила геолошките истражувања на локалитетот во нереално краток период од 10 месеци, што според подносителот е причина за „основано сомнение дека Сардич МЦ веќе имал податоци од претходни геолошки истражувања за овој локалитет, кои можел да ги има само Геолошкиот завод на Македонија. Тие податоци се сопственост на Република Македонија, но ние се сомневаме дека некој спротивно на законот, неовластено продал или дал на трети лица доверливи податоци“, пишува во кривичната пријава. 

Претходно геолошки истражувања на оваа локација правела американската компанија Фелпс Доџ Експлорејшн Корпорејшн, која добила Концесија за тоа во 2005 година, потпишана од тогашниот заменик на претседателот на Владата, Радмила Шеќеринска.

Во пријавата е наведено и дека сите потребни документи, како Државната урбанистичка планска документација, Стратегиската оцена, Студијата за оценка на влијание врз животната средина и Договорот за концесија за експлоатација се донесени спротивно на Просторниот план на Република Македонија.

„Просторниот план 2002 – 2020 јасно ја утврдил намената на земјиштето во овој регион и го дефинира како туристички простор и земјоделско земјиште. Просторниот план е Устав за планирање и урбанизација, а со издавањето  концесија за експлоатација на руда се отвора стопанска активност која не е предвидена со него“, пишува во пријавата и продолжува дека „постапката на лужење со сулфурна киселина и отворен коп е дејност со високо влијание врз животната средина и со тоа се доведува во прашање здравјето на граѓаните“.  

БИРН праша во Јавното обвинителство што се случува со оваа кривична пријава, од каде што потврдија дека е доставена до Основното јавно обвинителство – Гевгелија, и „по разгледување, таа е препратена во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во чија надлежност е постапување по предмети за сторени кривични дела од ваков вид“.

Пред три недели, истото граѓанско здружение доставило Иницијатива за раскинување на Договорот за концесија заексплоатација на бакар и злато на рудникот Казандол со предлог за времена мерказа стопирање на сите активности и до Државното правобранителство.

Владините ветувања се сведоа на законски измени

Граѓаните лани во декември протестираа против отворањето на рудникот за бакар Казандол | Фото: Фејсбук страница на здружението „Спас за Валандово“

Иако новата Влада декларативно е против изградбата на рудникот Казандол во валандовско, а премиерот Зоран Заев во кампањата за локалните избори на изјави дека ќе ја стопира изградбата на овој рудник, сепак, засега нема конкретни чекори во таа насока.

„Новата влада ќе води мудри постапки, да не нанесе милионски штети на државата, но рудниците ќе застанат. Добро е да се подготви целиот менаџмент дека ќе престане изградбата на рудниците, заради тоа што тие носат лошо здравје, слаби перспективи и уништување на иднината на сегашните и на идните генерации“, премиерот Заев им порача на граѓаните во југоисточна Македонија за време на кампањата за локалните избори.

Во интервју за „Капитал“ пред два месеца, Заев го повтори ставот дека „здравјето на граѓаните секогаш е пред каква било економска придобивка“, но прв пат обелодени дека се во прашање над 70 милиони евра отштета што би требало да ја плати државата, бидејќи е дел од договорите.

„Тим веќе работи на правно – формалните аспекти и убеден сум дека ќе се најде најпогодното решение, како да се извлечеме од ситуацијата. Македонија сигурно нема да биде единствената земја што има рудник, но тоа мора, значи мора да биде во една еколошка рамка“, изјави Заев, што може да се толкува како ретерирање од првично цврстиот став контра отворањето на рудниците.

Како реакција на ова, граѓаните од овој регион на почетокот на декември излегоа на протест, барајќи од новата Влада да си стои на дадените ветувања.

„Нашето најголемо барање до власта е веднаш да ја запре изградбата на рударскиот комплекс Казандол. Очекуваме дадените ветувања во предизборието да се исполнат и не отстапуваме од тоа. Овие луѓе овде, преку протестен марш покажаа колку им е важна здравата животна средина и покажаа дека се подготвени да се борат за тоа право со сите сили“, истакнаа граѓанските активисти на протестот и порачаа централните власти да направат ревизија на сите 86 концесии издадени во еден ден од претходната Влада.

Како нов сојузник на граѓанските активисти против рудниците им се придружи и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов кој во 2014 година овој рудник го најавуваше како нова инвестиција, но во обраќањето во 2017 со солидаризираше со граѓаните против рудникот.

„Југоисточна Македонија е на нозе. Моите сограѓани од мојот роден крај бараат стопирање на изградбата на рудниците Казандол, Иловица, Боров Дол… Тие се повикуваат на фундаменталното човеково право на здрава животна средина. Нивното барање е и мое барање“, рече претседателот Иванов.

Претходно во текот на летните месеци, граѓаните од трите општини од кои зафаќа територија рударскиот комплекс Казандол, Валандово, Богданци и Дојран се изјаснуваа на референдуми дали се за или против изградбата на овој рудник. Во сите три општини, вкупно 10 илјади луѓе гласаа против на референдумите, што е 96% од сите што излегле на гласање.

Засега, единствено придвижување во оваа насока се законските измени на Законот за минерални суровини со кои што се предвидува забрана за употреба на цијанид и сулфурна киселина во процесот на преработка на рудата. Но, овие законски измени нема да важат ретроактивно, односно не се однесуваат на рудниците што веќе работат според потпишаните договори за концесии за експлоатација на минерални суровини, како што е случајот со Казандол.