Регион

Докази на новинар за масакр во Косово, придонесуваат за остварување на правдата

Британскиот новинар, Џон Свини, во 1999 година пронајде докази за масакр извршен во Косово, кои беа искористени во судските процеси против високи српски претставници

Тасиќ беше осуден на 22 години затвор, бидејќи ги запалил и ги фрлил во река мртвите тела на жртвите од масакрот, ни и за грабежи и уништување на имотот на албанските жители на селото.

Свини, кој ја освои наградата „Еми“, за неговото известување за масакрот во Мала Круша, беше еден од сведоците кои сведочеа на судењето на Тасиќ.

„Кога слушнав дека уапсиле некого на Косово, реков, да, ќе бидам сведок. Тоа е моја работа како репортер и моја должност како човечко суштество“, вели тој за БИРН.

Веднаш по завршувањето на војната во Косово во 1999 година, Свини заминал во Мала Круша и известувал за она што таму го видел, за британската телевизиска станица Канал 4, весникот „Обсервер“ и емисијата „Панорама“ на БиБиСи.

Неговите извештаи за масакрот во селото, кога српските борци со автоматски пушки во штала стрелале над 100 мажи на возраст помеѓу 13 и 72 години, го откри хоророт за злосторствата извршени во Косово, од страна на силите на Слободан Милошевиќ, кои тој ги опиша како „систематско, оркестрирано зло“.

Неколку години подоцна, тој направи уште еден детален извештај за убиствата во Мала Круша за БиБиСи, за обидот за нивно прикривање и за последователното судење на југословенски и српски претставници пред Хашкиот трибунал.

Свини се појави како еден од сведоците на судењето во Хаг, сведочејќи во случајот против поранешниот српски претседател, Милан Милутиновиќ, на потпретседателот на Владата на Југославија, Никола Шаиновиќ, на началникот на Генералштабот на Војската на Југославија (ВJ), Драгоjуб Ојданиќ, на генералите на ВJ, Небојша Павковиќ и Владимир Лазаревиќ, и на српскиот полициски генерал, Сретен Лукиќ.

Милутиновиќ беше ослободен, но сите други беа осудени за одговорност за воени злосторства во Косово, вклучително и за масакрот во Мала Круша.

Човекот со изгорени раце

Одбележување на масакрот во селото Велика Круша. Фотографија на Смаил Латифи.

Свини и неговите колеги влегле во Косово од Албанија на 12 јуни 1999 година, два дена по завршувањето на воздушните напади на НАТО, со кои Милошевиќ беше принуден да ги повлече своите сили.

Претходно, група мажи го запреле нивниот автомобил на албанската страна од границата, бидејќи биле исцрпени од повеќедневното одење пеш. „Кои се овие момчиња?“, се прашал Свини, на кого потоа му било кажано дека тие се членови на семејство на човек убиен во масакр во селото Мала Круша.

Првиот извештај на Свини се базирал на изјавите на овие луѓе и на други бегалци, косовски Албанци, за стрелањето на цивилите на 26 март 1999 година во Мала Круша.

Мажите кои разговарале со Свини, му кажале и за Мехмет Красниќи, „човекот со изгорени раце“.

Красниќи успеал да го преживее масовното стрелање во селската штала, криејќи се под телата на мртвите. Откако ги убиле скоро сите машки жители на селото, српските борци ја запалиле шталата, но Красниќи, додека горел, успеал да избега скокајќи од прозорецот. Неговите изгорени раце сведочат за тоа што се случило тој ден.

Кога Свини пристигнал во селото за да го сними својот следен извештај, тој открил дека „сите куќи на Албанците се запалени“. Србите од селото, исто така, избегале, откако силите на Милошевиќ се повлекле во Србија.

Единствената личност што тој ја видел во селото било 14-годишно момче, кое носело „воена беретка“ и пиштол. „Тој беше премал за пиштол!“, се сеќава Свини.

Тој се сеќава и на плачот на жените кои, кога се вратиле во селото, откриле дека нивните најблиски не го преживеале стрелањето: „Тие го сфатија ужасот – нивните мажи беа мртви“.

Во една од куќите, Свини пронашол остатоци од инвалидска количка, што ја користел парализираниот 35-годишен Саит Хајдари, кој заедно со другите мажи од селото бил однесен на стрелање – „однесен во својата смрт на грбот на друг човек осуден на смрт“, рече Свини во својот извештај за „Обсервер“ и „Канал 4“.

Тој успеал да го најде преживеаниот Красниќи, кој, кога му ја раскажувал својата болна приказна, му објаснил „дека се наведнал пред митралезот да почне да пука и се скрил под човек што умирал. Тој се сеќаваше како стреланите стенкале во агонија и како осетил мирис на чад и сфатил дека Србите ја запалиле шталата“, напиша подоцна Свини.

„Тој го трпел огнот додека можел, а потоа се стрчал помислувајќи дека е подобро да го погоди куршум, отколку да изгоре жив“.

Албанците кои се вратиле во нивното село, на Свини му кажале дека во масовното стрелање биле вклучени и локални Срби, па тој отишол во една од српските куќи и пронашол документи и фотографии, кои го потврдувале нивниот идентитет, кои потоа ги предал на Хашкиот трибунал.

Овие документи, како што подоцна излезе, беа значаен доказ на судењата во Хаг, затоа што иследниците утврдија дека српското Министерство за одбрана им плаќало на овие лица.

Куп мртви тела во камион

 

Полиција го придружува Дарко Тасиќ, кој на 22 јуни беше осуден за учество во масакрот во Мала Круша, на заминување од Основниот суд во Призрен. Фото: БИРН.

Во Мала Круша сè уште можат да се најдат докази, кои можеа да се искористат и две децении по масакрот, на судењето на Дарко Тасиќ, кој беше осуден минатиот месец.

„На крајот на престојот во Призрен, слушнавме приказна дека Дарко Тасиќ фрлил камион со тела во реката“, објаснува Свини.

„Отидов да пливам во реката, а камионот беше половина во реката, а половина надвор“, вели тој.

Телата повеќе не биле во камионот, а „на едната страна на камионот имало дамка од крв и коска“.

Но, како што вели, смета дека е вознемирувачко тоа што „истражителите дошле (во селото) со месеци или години подоцна“, што го отежнува обезбедувањето на доказите, од кои повеќето одамна ги нема.

„Требаше да дојдат, да го земат камионот и да ја фотографираат дамката од крв“, посочува тој.

Подоцна, пред судот во Косово, сведоци изјавија дека по масакрот во март 1999 година, тие го виделе Тасиќ и неговиот татко како возат камион со мртви тела, како го палат и го туркаат во реката.

Свини се надева дека ќе продолжи да се работи на пронаоѓање на телата што биле во камионот, за кои тој верува дека биле или исфрлени од водата, или се сѐ уште можеби некаде во коритото.

Фактот дека доказите што можеле да осудат повеќе сторители исчезнале со текот на времето, покажува дека „исчезнува енергијата“ кога станува збор за потрагата по правдата за воени злосторства и дека „правдата се заборава“.

На судењето на српските претставници во Хаг, нивните бранители се обидоа да ја доведат во прашање непристрасноста на Свини и тврдеа дека неговите извештаи биле пристрасни. Сепак, овие тврдења беа поткопани од фактот дека во неговите извештаи, исто така, се спомнува дека борците на ОВК, во знак на одмазда, ги запалиле српските куќи.

„Покажавме докази дека српската милиција убила луѓе, но и дека ОВК можеби правела лоши работи, како што е палењето на куќите. Значи, ние бевме фер“, вели тој.

Со Свини разговаравме во деновите кога Специјализираното обвинителство на Косово, објави дека подготвува обвиненија за воени злосторства против поранешни високи припадници на ОВК, меѓу кои е и претседателот, Хашим Тачи.

Тој истакнува дека Специјализираните совети на Косово, суд основан пред пет години за да им суди на поранешните припадници на ОВК за воени и повоени злосторства, создаваат кај него чувство на нелагодност.

„Не можат да ги гонат Србите затоа што тие се во Србија, така што се чини неправедно. Погрешно е да се гони само една страна“, нагласува тој.

Тој посочува дека ЕУ, кон чие членство Србија се стреми, треба да изврши притисок врз Белград да ги „предаде луѓето што извршиле злосторства“.

„Косово вели ‘ние ќе ги предадеме нашите воени злосторници’ и тоа е добра работа“, додава тој и заклучува: „Ако има докази против луѓе, тие треба да бидат гонети“.