Беше 19 август 2022 година, кога Царината објави, а медиумите пренесоа, дека цариниците спречиле во Македонија да влезат 7.000 килограми цвет од канабис, кој, на нелегалниот пазар на наркотици, би достигнал вредност од над 20 милиони евра.
Македонец, двајца Бугари и македонска фирма беа пријавени во гевгелиското обвинителство за криумчарење и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Две години подоцна, од оваа пријава нема ништо. Ниту e oтворена истрага, ниту е подигнато обвинение.
Причината за тоа е што обвинителството две години не може да најде установа во земјава што ќе вештачи дали запленетата материја е марихуана или коноп.
Се бара вештак
„Основното јавно обвинителство Гевгелија презема дејствија во предистражна постапка и бара соодветна институција што ќе го утврди точното ниво на ТХЦ во запленетиот материјал“.
Оваа реченица од соопштението на гевгелиското обвинителство открива зошто две години е заглавена кривичната пријава што ја поднесе Царината за заплена на седум тони канабис.
БИРН, по поднесувањето на пријавата, во неколку наврати прашуваше во Обвинителството што се случува со предметот, но постојано го добивавме истиот одговор.
Предметот го води единствената јавна обвинителка во Гевгелија, Василка Садикова-Ковачева. Таа не може да најде установа што ќе утврди колкав е процентот на наркотичната супстанција тетра-хидро канабиол (ТХЦ) во запленетата материја.
А од тоа зависи дали станува збор за марихуана или за коноп.
И други помпезни акции на Царината завршиле неславно. Една од нив беше заплената на ненаплатени обврзници во август минатата година. Царината тврдеше дека Турчин внел и не пријавил обврзници што вредат 92 милиони долари. На крајот излезе дека станува збор за корпоративни обврзници, кои се со истечен рок и без никаква вредност.
Првичниот, брз тест, т.н. „ник“ (narcotic identification kit), кој бил направен при контролата, утврдил, а МВР потврдило дека станува збор за марихуана.
Но, овие „ник“ тестови, кои инаку може да се нарачаат и преку интернет, не утврдуваат степен на присуство на психотропната супстанција ТХЦ, туку само дали има присуство.
Во вештачењето на полицијата, до кое дојде БИРН, пишува дека во седумте тони канабис има ТХЦ.
Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења (ОКТИВ), во мислењето констатирал дека „во однос на прашањето од наредбата дали доставениот предметен материјал претставува индустриски канабис или наркотична дрога марихуана, не сме во можност да дадеме дециден релевантен одговор, од причина што во нашата лабораторија не се врши утврдување на процентуалниот состав на присутната психоактивна супстанца…“
Што се случувало во август 2022 година
Во кривичната пријава што стигнала од Царина до Обвинителството пишува дека на 11 август, пријавениот шпедитер Ристо И. поднел царинска декларација за влез на стока во Македонија, на која пишувало дека е „органски цвет од канабис“, а организатор на транспортот е бугарскиот државјанин Георги Д.
Според пријавата на Царина, канабисот имал декларација за коноп, кој не подлежи на дозволи за увоз, фирмата што го увезувала, имала дозвола од МАЛМЕД.
Околу 13 часот, „стоката била оцаринета и пуштена во слободен промет“.
Но, најверојатно нешто ги премислило цариниците, па шпедитерот, по само 15 минути, му се јавил повторно на возачот на камионот со канабисот да се врати назад на царинскиот терминал.
Потоа бил направен дополнителен преглед на материјата, при што со ник-тестер било констатирано дека во канабисот ја има психоактивната супстанца ТХЦ.
Во кривичната пријава пишува дека директорот на фирмата што го увезува канабисот изјавил и дека се појавила разлика во тежината на стоката за увоз.
Па така, на дозволата пишувало дека е над 10 тони, а увезени биле 7 тони.
За разликата од три тони, како што пишува во кривичната пријава, го контактирале МАЛМЕД, од каде што добиле одговор дека не е проблем што едно пишува на дозволата за увоз, а друго количество се увезува, бидејќи „увезената килажа ќе се отпише од дозволата“.
На прашањето зошто не била користена декларација за увоз што не подлежи на дозволи, пријавениот директор кажал дека „најверојатно е направена грешка од страна на шпедитерот“.
На крајот од пријавата пишува дека стоката е привремено сместена под царински и видеонадзор, затоа што Агенцијата за управување со одземен имот одбива да ја чува, „од причина што немаат место за толкаво количество стока“.
БИРН веќе следеше и истражуваше сличен случај, кога обвинителството пред судот докажуваше дали полицијата запленила еден тон дрога или еден тон коноп.