Интервјуа

Државниот испит е обид студентите да се стават под контрола на власта

Ова е еден од најсериозните тестови за „Студентскиот пленум“: ако ги откажат идните активности заради тоа што измените нема да важат за нивните генерации, тоа ќе биде уште едно предавство на или во студентскиот активизам, вели професорот по историја на уметност, Небојша Вилиќ, во интервју за БИРН

„Погледнете, на 21 ноември Министерството за образование објавува конкурс за вкупно 2.905 стипендии!? Соодветно, можно е да постои и обид за замолчување на студентите“, вели Вилиќ

„Погледнете, на 21 ноември Министерството за образование објавува конкурс за вкупно 2.905 стипендии!? Соодветно, можно е да постои и обид за замолчување на студентите“, вели Вилиќ

По многу долго време, дури и ретко кој се сеќава кога Македонија имала слична ситуација, на едно место видовме илјадници студенти со индекси во рацете, наместо со партиски книшки, обединети во нешто со што не се согласуваат – воведување државни испити во високото образование. Протестите што ги иницираше „Студентскиот пленум“, за некого беа оправдани, а некои се обидоа да ги стават во партиска конотација. Но, тоа како да не им пречеше, бидејќи тие имаа јасна цел и јасна порака до власта – не се согласуваат со мерката предложена од Министерството за образование.

Професорот Небојша Вилиќ, историчар на уметноста и редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, беше еден од триесетината професори што се приклучија на протестите. За него често се вели дека непрестајно и неуморно се вложува во иницијативи за поткревање на стандардите во академската и граѓанска култура.

Кога ги видов студентите, осетив правдина и гордост

„Имав чувство на гордост и на правдина кога ги видов студентските протести“, објаснува професорот по историја на уметност Небојша Вилиќ

„Имав чувство на гордост и на правдина кога ги видов студентските протести“

Тој вели дека во целост застанува зад студентите и дека досега не сретнал држава во која се применува принцип на екстерно тестирање или каква било надворешна проверка на знаењата на идните академски граѓани.

Го прашавме какво беше неговото чувство кога видел околу 2 илјади студенти по улиците, обединети и принципиелни во своите барања.

„Прво, имав чувство на правдина. Со ‘студентскиот марш’ се покри (би сакал да кажам: се изми, ама тоа не е можно) срамот што една генерација студенти во 1997 година му го нанесоа на поимот „студент“, но и на перцепцијата на студентот во јавноста, воопшто, кој остана како небришлива дамка врз студентите како инструменатилизирана, манипулативна и неосвестена ‘стока’“, вели Вилиќ.

Она што дополнително го доживеал е, како што вели тој, чувството на гордост, бидејќи студентите се организарале во духот на сите слободарски традиции и покажале дека придвижувањето е можно.

„Тоа што мене ми е најважно за колегите студенти е токму зајакнувањето на активизмот. Во Скопје, а оттука и во Македонија, се случија низа пројавувања на искажување незадоволство од политиките и стратегиите на оваа Влада, како на ниту една друга влада претходно. Го имавме ‘Првото архитектонско востание’ на студентите од Архитектонскиот факултет, ‘Плоштадот Слобода’ следната година, протестите за Мартин Нешкоски, петицијата на ‘Аман’, иницијативата ‘Го сакам ГТЦ!’, во цела една долга низа на разни дебати и акции…“.

Зад сето тоа, како што вели Вилиќ, можеби не стоеле исклучително студенти, но сепак, стоеле млади луѓе.

„Ако Македонија немала студентски и младински капацитет да ѝ се случи ‘68’, тогаш еве го времето кога тоа станува сè посериозно и поорганизирано. А тоа радува не само заради можните промени, туку, пред сè, за создавањето на чувството дека сте одговорен за и во заедницата во која живеете. Создавањето на еден таков ‘багаж’ од вас прави само посамоосвестена личност и поцврст карактер за да се спротивставите на секоја неправда, нееднаквост и ограничување на вашата слобода. А тоа е многу. И тука лежи големата одговорност на колегите-студенти од ‘Студентскиот пленум’, и на сите нас, заедно со нив – тие не смеат да ги заборават своите студентски денови дури и тогаш кога ќе имаат одлични примања, кога ќе бидат на раководни позиции и кога ќе бидат – родители, пред сè“.

Власта сака сè и сите да ги има под контрола!

Колку повеќе студентите го креваа гласот, толку повеќе реториката на надлежните омекнуваше. Последната изјава на премиерот Никола Груевски беше дека екстерно тестирање во високото образование не се планира и нема да има, а она што се разгледува е воведување државен испит. Веднаш потоа, тој излезе со изјавата дека државен испит ќе има само за студентите кои ќе се запишат на факултет во 2015 година и се зачуди зошто студентите протестираат кога тие не биле запишани според овој закон. Со професорот Вилиќ го отворивме прашањето дали можеби ваквата реторика служи за да се замолчат студентите кои го креваат гласот.

Ако Македонија немала
студентски и младински
капацитет да ѝ се случи „68“,
тогаш еве го времето кога тоа
станува сè посериозно и
поорганизирано. А тоа радува не
само заради можните промени
туку, пред сè, за создавањето на
чувството дека сте одговорен за и
во заедницата во која живеете

„Оваа Влада покажа и докажа дека со неа и нејзините официјални изјави никогаш не знаете на што сте. Така е и овој пат. Погледнете, на 21 ноември Министерството за образование објавува конкурс за вкупно 2.905 стипендии!? Соодветно, можно е да постои и обид за замолчување на студентите. Поточно, ова е еден од најсериозните тестови за ‘Студентскиот пленум’: ако ги откажат идните активности заради тоа што овие измени нема да важат за нивните генерации, тоа ќе биде уште едно предавство на или во студентскиот активизам; а доколку продолжат, тогаш ќе покажат дека нивната борба е борба за статусот студент, а не за личната засегнатост од измените“, вели тој.

За професорот по историја на уметност, изјавата на премиерот „ништо не менува во однос на политиките и стратегијата на Владата по прашањата за тоа каков е нивниот однос, разбирањето и толкувањето на високото образование“.

Мошне инспиративна и вредна за размислување е тезата на професорот Вилиќ зошто, всушност, власта сака да воведе надворешни испитувања на знаењата на студентите.

„Зошто државата смета дека таа треба да го проценува и оценува знаењето, ако не за да го стави под контрола и оној мал дел од проверката што ја прави наставникот. Мене не ме залажува изјавата дека студентите биле без соодветни знаења по дипломирањето, туку ми е јасно дека во ова уредување постои нескриена намера сите да знаеме, да разбереме и да прифатиме дека сè и сите мора да бидат под контрола, фино спакуванa со панделката ‘само заради подобра иднина на општеството’“, објаснува тој.

Токму затоа, ставот на историчарот на уметноста кој сосема отворено и без страв зборува за сите проблеми во денешното време-невреме е дека во овој период не се потребни никакви други реформи туку треба да заживеат оние што се веќе донесени.