Државна стипендистка со диплома од престижен лондонски универзитет дигнала раце и заминала во Холандија откако со години чекала работа на скопски факултет.
Таа била дел од програмата за стипендирање на највисокорангираните универзитети на Шангајската листа. Програмата е воведена во учебната 2011/2012 година, со цел талентираните студенти да се вратат во државава како висококвалификуван кадар, барем на одреден период, кој е конкретно утврден со договор.
Државата не ги користи ефикасно младите за чие школување во странство одвојува сериозни суми од буџетот
Студентката во Лондон завршила со одличен успех и првично се вратила во Македонија. Природно-математичкиот факултет од Скопје веднаш поднел барање до МОН за да се вработи на факултетот како асистентка, меѓутоа со години не добиле повратен одговор.
„По 5-6 години некако успеавме да ги убедиме во Министерството дека таквите кадри му се потребни на нашиот факултет, но очигледно колешката се измори чекајќи и се исели од Македонија, притоа вработувајќи се во научно-образовна институција во Холандија“, вели Даворин Трпески, декан на ПМФ.
Повеќе од половина стипендисти не се вратиле
Овој случај не е никаков исклучок, туку само еден од бројните примери за неефикасноста на програмата, а годинешните наоди на државниот ревизор само го „цементираат“ впечатокот дека државата не ги користи ефикасно младите за чие школување, пак, одвојува сериозни суми од буџетот.
Државниот завод за ревизија, во извештајот нотира дека не постои ефикасен систем за следење, кои од стипендистите ги исполниле обврските од договорите.
Посликовито тоа го објаснува и Младинскиот образовен форум (МОФ) во своето истражување „Неискористен студентски потенцијал“, објавено во јуни годинава.
„Кога младите завршуваат со студиите, најчесто враќаат само еден податок како потврда за завршени студии. А понатаму кариерниот пат на овие студенти воопшто не е мониториран“, вели Луција Чукеловска, една од авторките на истражувањето.
„Откога дипломирав, испратив имејл до МОН со документите за да ги информирам дека имам завршено, но никој не ми врати. Ниту ми се јавија, ниту, пак, јас се потрудив потоа“
Ова го потврдуваат и стипендистите со кои БИРН разговараше. Велат дека по завршувањето со студиите, комуникација со МОН практично речиси и да нема.
„Откога дипломирав, испратив имејл до МОН со документите за да ги информирам дека имам завршено, но никој не ми врати. Ниту ми се јавија, ниту, пак, јас се потрудив потоа“, ни кажа поранешен стипендист, кој завршил магистерски студии во полето на компјутерските науки.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која неодамна стапи на функцијата, е свесна за овој тренд. Во разговор за БИРН, таа вели дека ќе се заложи владата и стопанските комори да наоѓаат соодветни работни места за популарно наречените „шангајци“.
За таа цел се подготвува дигитална база на податоци, за подобро следење на стипендистите.
Работејќи на базата, во МОН досега добиле податоци за 178 стипендисти што завршиле со студиите во последните пет години. Од нив, околу 60 отсто се надвор од државата.
Неефикасноста чини речиси девет милиони евра
Клучниот услов за ваква стипендија е студентот да биде примен на еден од стоте најдобри универзитети на Шангајската листа, а од 2015 година, со одлука на владата, се дефинира и кои области се стипендираат.
Моментално, МОН стипендира студии по: технички науки, архитектура, градежништво, математика, меѓународно право, економија и финансии, физика, биологија, хемија и генетика.
Доколку студентот е примен на еден од првите 10 универзитети, критериумот за областа се елиминира.
Во последните четири години, според извештајот на ДЗР, Министерството за образование потрошило околу 8,8 милиони евра за овие студенти.
Максималната сума што МОН ја исплаќа е 40.000 долари годишно по стипендист.
Бидејќи се трошат буџетски пари, овие стипендии се доделуваат под услов студентите да се вратат во Македонија по завршувањето на студиите и да работат во државава двојно подолго отколку што биле во странство.
Досега, Министерството нема тужено ниеден студент што не се вратил во државата, а од МОН велат дека немаат утврдено дека некој ги прекршил одредбите од договорите.
Односно, ако студентот завршил додипломски студии што траеле четири години во странство, треба да работи осум години во Македонија, со тоа што треба да ѝ биде на располагање на државата во првите шест месеци. Доколку за него нема соодветна работа во државните институции, тој има право да се вработи каде било во државата.
„Не ми се јави никој во рок од тие шест месеци, така што обврската истече. Се вработив во меѓународна организација“, ни изјави поранешен стипендист што завршил политички науки.
Слично искуство имале сите поранешни студенти со кои разговаравме. Од нив, по враќањето, ниту еден не работел во државна институција.
Доколку студентите не го почитуваат договорот, тие се задолжени да вратат огромна сума пари. На пример, ако еден студент ја добил максималната сума што ја предвидува стипендијата од 40.000 долари, а студирал 4 години во странство (вкупно 160 илјади долари) и го прекршил договорот, тој би требало да ѝ плати 1,6 милиони долари на државата.
„Да имав јас 10 пати повеќе, зошто би барал воопшто стипендија?“, вели еден студент во Велика Британија.
Други, пак, сметаат дека договорот е премногу општ и во делови нејасен, во однос на нивните обврски. „Што значи двојно подолго, дали мора да си вработен или се прифаќа и договор на дело, дали е дозволено да работиш за странска фирма“, вели стипендист, кој ја одработил својата обврска во приватниот сектор по завршувањето магистерски студии, а сега живее во странство.
Не се води сметка за пазарот на труд
Државниот ревизор заклучува дека Министерството, при утврдување на програмата за стипендирање, не зема предвид дека дел од студентите се запишуваат на студиски програми за кои во нашата земја нема големи можности за вработување, како што се – нанотехнологија, вештачка интелигенција, генетика, авијација, вселенско инженерство, палеонтологија и др.
Па, затоа кога на пазарот на трудот дома нема место за вакви кадри, логично е „шангајците“, или да работат на приближно соодветни места во државата, или да градат кариера надвор.
Таков е и примерот на еден поранешен стипендист, кој за време на неговите студии се занимавал со специјализирани истражувања во областа на вештачката интелегенција и техничките науки – полиња кои во Македонија сѐ уште не се доволно развиени.
Министерката Јаневска вели дека ќе се заложи владата и стопанските комори да наоѓаат соодветни работни места за популарно наречените „шангајци
За да ги исполни обврските кон државата, во Македонија работел за софтверска компанија.
„До некаде беше поврзано со моите студии, но не колку што требаше“, рече тој за БИРН. Сега и тој живее надвор од државава.
Тие, сепак, имаат право да останат во странство ако се вработат во најголемите 500 светски компании или за да стекнат корпоративно искуство до три години. Но, бидејќи недостасуваат целосни податоци, нејасно е поради кои сѐ причини, толку голем број стипендисти се сè уште надвор од државата.
Од Министерството велат дека голем дел од тие што се иселиле добиле стипендии за постдипломски студии, кои обично траат една или две години. Така што, тие прво ги исполниле своите обврски – живееле во Македонија две до четири години по студиите – па ја напуштиле државата.
Во однос на студентите што веќе заминале, министерката на тоа не гледа како голем проблем.
„Тие се наши амбасадори, тоа е најдоброто од нашата држава и тие каде и да се, ја претставуваат Македонија. Ние на тоа не треба да заборавиме“, рече таа.
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија