Првичната одлука за куќен притвор на осомничениот сопственик на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, во истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, во која вкупно се осомничени 13 луѓе и една фирма, предизвика низа контроверзи.
Тој првин доби куќен притвор, на што жестоко реагираше премиерот Мицкоски, а потоа судот да ја смени одлуката.
Во тие 24 часа судот и обвинителството излегоа со различни верзии како е донесена одлуката за куќен притвор.
Судијката, обвинителката, осомничениот, неговиот адвокат и записничарката.
Ова биле сите присутни во Кривичниот суд на 11 март , на рочиштето на кое обвинителката Катерина Коларевиќ првпат побара притвор за Јахоски.
Во 17.20 часот, 40 минути откако полицајците го спровеле осомничениот во судот, судијката Сандра Крстиќ го отворила рочиштето.
Според увидот на БИРН во решението на судот, обвинителката барала притвор поради опасност дека Јахоски, кого го товари дека перел пари, може да избега и да им влијае на сведоците.
Според соопштението на судот, обвинителката се согласила за куќен притвор. Но, делот што недостасува, а што никој не го соопшти, е дека таа поставила дополнителен услов – дека се согласува со куќен притвор, само ако осомничениот понуди гаранција.
„Предлагам од страна на одбраната да понуди и гаранција“, рекла Коларевиќ, според решението на судот.
Но, судијката Крстиќ го игнорирала ова барање на обвинителката и му дала куќен притвор, а полицијата во скопски Карпош да му прави надзор. Му го одзела и пасошот.
Образложила дека ја дала поблагата мерка затоа што Јахоски има четири деца, од кои три малолетни за кои треба да се грижи, дека е самохран родител, има здравствени проблеми, а опасноста дека ќе влијае врз сведоци што ја истакнала обвинителката Коларевиќ, „не е доволно силен аргумент“.
Следниот ден, премиерот Христијан Мицкоски, ja нападна одлуката за куќниот притвор. Тој говореше дека клучна улога во одредувањето куќен, наместо притвор за Јахоски, имал шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, од каде што доаѓа обвинителката Коларевиќ.
„За мене се алармантни информациите коишто ги добивам, коишто се поврзани со однесувањето на прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата којашто ја спроведуваше МВР и БЈБ пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува“.
Соопштение по одлуката на судот, oбјави и обвинителството, во кое нема ништо за согласноста на обвинителката за куќен притвор, туку само дека со жалба ќе бараат ефективен притвор.
Читајќи ги соопштенијата на двете институции, се создава впечаток како судијката и обвинителката да не биле на исто рочиште, бидејќи и во едното и во другото недостасуваат важни детали. Еден таков детал е понудата за гаранција која ја нема во ниедно од соопштенијата. Постои само во судските документи, што отвора сомнежи за задкулисни игри на обвинителството и судот, што влијае врз довербата на јавноста во нивната работа.
Од Коалицијата Сите за правично судење велат дека за да нема сомнежи во работењето на јавното обвинителство, но и на судот потребно е јавноста да се информира „навремено и точно“, а одлуките на судовите „мора да бидат јавно објавени откако ќе станат правосилни“.
Во конкретниот случај нагласуваат дека гаранцијата „не може да биде изречена во комбинација со куќниот притвор“, како што барала обвинителката во случајот, туку само со поблаги мерки, како што е на пример, одземањето пасош.
Гаранција од 1,6 милиони евра
Неколку дена подоцна, предметот по жалба стигнал пред тројцата судии од кривичниот совет: Софче Гаврилова Ефремова, Ленка Давиткова и Илија Трпков.
Oбвинителката Коларевиќ се жалела дека решението на судот е нејасно и противречно.
Само со куќниот притвор, обвинителството не било согласно, па појаснила дека нејзиниот предлог бил куќен притвор заедно со гаранција, која судијката не ја ценела.
Во обидот да се дообјаснат, адвокатот на Јахоски, Владимир Доневски, рекол дека кога се одлучувало за притворот на Јахоски, биле сите присутни, сосе обвинителката која го потпишала записникот, што, со други зборови, значи дека обвинителката се согласила со сѐ што е напишано.
Во предметот за кој Јахоски издржува притвор, осомничени се и бизнисменот Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски добиле пари од ЕЛЕМ за испорака на мазут, кои биле стекнати преку кривично дело. Штетата на буџетот за која се товари Асмир Јахоски е 72 милиони денари, односно околу 1,1 милион евра.
Доневски предложил неговиот клиент да уплати гаранција од 100 милиони денари, односно 1,6 милиони евра, што е повеќе од штетата од 1,1 милион евра, за кои, обвинителството тврди дека е оштетен државниот буџет.
Тројцата судии оваа понуда за гаранција ја игнорирале, па го укинале куќниот притвор на нивната колешка Крстиќ и на Јахоски му определиле ефективен притвор. Јахоски потоа се жалел до Апелација, но судиите одлучиле дека неговата жалба не е дозволена.
Првиот притвор на Јахоски и останатите осомничени истече. Обвинителството може да бара нови 30 денa за осомничените, бидејќи истрагата е уште во тек.