Една година по разорниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 луѓе, а над 200 беа повредени, случајот е далеку од судска разврска.
Трагедијата правно се „расплетува“ низ четири судски постапки, во кои обвинети се вкупно 58 луѓе: сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов, неговите брат и син, поранешни инспектори, обезбедувачи, поранешни министри и градоначалници, полицајци…
Половината од нив се опфатени во првиот и најобемен предмет, со кој се утврдува директната одговорност за трагедијата. Во тој предмет, четврти месец на судење одат 35 луѓе. Другите 23 обвинети се полицајци. За нив, обвинителството поднесе три различни обвиненија, од кои две се на самиот почеток.
Годишнината од трагедијата поминува и со отворена истрага за уште 11 луѓе, меѓу кои и инспектори на УЈП, од кои тројца се веќе обвинети во другите предмети што се водат пред Кривичниот суд. Oд кочанското обвинителство велат дека уште собираат докази, па кога ќе комплетираат се`, ќе ги сослушуваат осомничените.
БИРН ја анализираше досегашната правна разврска на случајот.
Тивки обвинети и потресни сведоштва

Рочиште за сослушување сведоци во преполната судница во Идризово | Фото: БИРН
Судницата во Идризово потонуваше во штама, кога родителите што загубија дете во пожарот, во „Пулс“ раскажуваа потресни сведоштва за кобниот 16 март 2025 година. Нивните сведочења одново ја „оживуваа“ трагедијата во судницата во Идризово.
„Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво“, се присетуваше на вознемирувачките слики од болницата, Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова, кога сфатила дека нејзината ќерка загинала во пожарот.
Слична сцена опиша и Марија Петрушова, која говореше како морало да превртува мртви тела за да си го пронајде нејзиниот син Андреј.
РЕПОРТАЖА
Кочани – денот потоа
„Изгледаше толку живо што не верував дека е мртов“, рече таа, опишувајќи дека нејзиниот син немал изгореници, но се задушил во чадот.
Слични сцени опишуваа и преживеаните сведоци.
„Црни лица, свлечени кожи“, опишуваше детали, Кристијан Панов, кој кобната ноќ работел како шанкер во „Пулс.“
„Печеше на очите, не се гледаше ништо, мрдавме по еден сантиметар со ногата…“, сведочеше Мартин Китанов, заглавен со стампедото од луѓе, кое се обидувало да преживее. Со растреперен глас сведочеше дека му починало цело друштво во пожарот.
Ова беа првите сведочења во случајот. Покрај очевидците, сведочеа и сметководителката, која соработувала со агенцијата за обезбедување „Рубикон“, пиарот на ДНК, продавачот на пиротехниката…
Некои сведочења траеја со часови. Такво беше она на инспекторот за заштита и спасување, Дарко Стојков. Тој, во судницата, повеќе од три часа oдговараше на десетици прашања.

Други се „губеа“ во детали. Па така, обезбедувачот од „Рубикон“, Трајче Димишковски одговараше дали обвинетиот директор Јане Јанчески, во вибер-групата со колегите го нарекувал, „шефе, директоре“ и дали знае кој ја активирал и ја деактивирал групата.
Трети, пак, беа конфронтирачки. Таков беше шанкерот Дејан Манасиев, кому обвинителството мораше да му предочува записник зашто едно рекол во истрагата, а друго пред судот.
Во судницата неретко беше и напнато, кога родителите гласно реагираа на некои сведочења и на приговорите на адвокатите. Судијката Диана Груевска-Илиевска се обидуваше да воспостави ред со опомени за казнување, а понекогаш како свесно да ги допушташе реакциите на родителите.
Овие „судири“ се прелеваа и надвор од судницата, кога родителите се среќаваа со некои од обвинетите и нивните адвокати.
Обвинетите, пак, освен во воведните говори и изјавите дека не се чувствуваат виновни, беа тивки. Во нивно име говореа адвокатите. Оваа „стратегија“ е на линија со приговорите во оценката на обвинението, каде што некои од обвинетите ги оспоруваа делата што им се ставаат на товар. Сметаат дека не може за пожарот во дискотеката во 2025 година, да одговара некој што бил на функции десетина години порано.
Првите сведоци на линија со дел од обвинението

Првообвинетиот Дејан Јованов и неговата адвокатка | Фото: БИРН
Досегашните рочишта главно се однесуваа на безбедносните пропусти во дискотеката и на самиот пожар. Сведочењата што досега поминаа, ни посредно не ги „допираат“ обвинетите ексминистри и другите функционери во делот на институционалната одговорност.
Од сведочењата досега се издвојуваат четири клучни причини за кобниот пожар: запаливиот плафон изработен од сунѓер што лесно гори и создава густ чад, блокираната задна врата, недостигот од противпожарна опрема и протоколи, и нелегалната пиротехника.
„Имаше само два противпожарни апарати, хидрантот беше празен, без црево, немаше млазници“, се присетуваше инспекторот за заштита и спасување, кој правел увид по пожарот.
Тој кажа дека задната врата била тесна и без квака, заклучена со катанец и дополнително „запечатена со стиропор.“
„Од едното веце имаше железни решетки, а прозорците беа скршени.“
ДОСИЕ
Пожар во Кочани
Сведоците пред него говореа дека евакуацијата била невозможна поради т.н. „врата пеперутка“, која дополнително ги заглавила гостите. Персоналот немал никаква обука за справување со пожари.
Во објектот биле вршени интервенции на ентериерот. Биле отстранети терасите што постоеле претходно, а била сменета бината за настап. Еден од сведоците кажа дека плафонот по интервенциите бил спуштен. Инвентарот, т.е. масите биле поставени на средината на дискотеката, што го отежнало движењето на гостите.
Сѐ било договарано усно и неформално. Не се проверувала бројката на присутни гости, ниту се правела контрола за влез на малолетници на објектот.
Умерено темпо на судење

Досега судот закажа 18, а одржа 15 рочишта. Сослуша 27 сведоци, или приближно половина од оние што ги предложи обвинителството. Судењата најчесто почнуваа со задоцнување поради спроведување на обвинетите, а еден судски ден без паузите, траеше околу четири часа.
Иако овој случај, поради обемноста и бројот на обвинети има повеќе рочишта во споредба со други, во однос на времетраењето, судењата завршуваат со работното време на судот, а само во еден до два случаи, се судеше по 15 часот.
На две од последните судења, судијката, како дополнителен аргумент зошто треба да прекине со работа, го нагласи тоа дека некои од присутните постат за Бајрам, и дека е крај на работното време, па го врати сведокот за следното рочиште, а во друг случај, сведокот си отиде.
Судијката и нејзиниот помлад колега што го судат случајот, освен оние случаи што ги судат, не добиваат нови предмети, за да може да закажуваат повеќе рочишта во овој обемен предмет.
Голем дел од времето за судење се трошеше за приговори на бранителите. На пример, на едно од последните судења, речиси два часа се потрошија за тоа дали да се спојат обвиненијата за случајот.
Ова темпо изгледа дека е побавно од очекувањата на семејствата на жртвите, кои бараат брза и ефикасна судска постапка. Тие веќе реагираа дека во јануари се одржало само едно судско рочиште.
Обвинителот Дарко Јакимовски најави дека ќе повлече дел од сведоците. Ова е најава за второ „кратење“ на бројот на сведоци, откако обвинителството на самиот почеток веќе ја скрати листата на сведоци и оштетени, од над 200, на педесетина. Сево ова, пак, го отвора прашањето дали уште од самиот почеток, обвинителството можело да скрои пократка листа на сведоци, за судењето да тече побрзо.
Обвинителот рече дека имаат проблеми да обезбедат некои од сведоците, не одговарале на повиците и пораките.
Наскоро пресуда за првиот предмет со полицајците

Првото судско рочиште за тројцата обвинети полицајци | Фото: БИРН
Од пожарот во „Пулс“, одговорност се бара од 23 полицајци од различни сектори во три обвиненија. Двајца од полицајците се обвинети со по две обвиненија.
Едното обвинение е за тринаесет полицајци, кои кобната вечер на 16 март спроведувале т.н. план за акциска контрола на угостителски објекти, без да проверат дали се опфатени сите проверки и дали се испочитувани сите стандардни оперативни процедури.
Полицајците се обвинети дека не презеле мерки за заштита на присутните, ниту, пак, за да спречат активирање на пиротехничката опрема на сцената, која не била пријавена во кочанската полиција. На овие обвинети им се закануваат високи затворски казни, како и во големиот предмет, кој е во фаза на судење. Судењето почнува на први април.
AНАЛИЗА
Случај „Пулс“: Стотина страници приговори и ниедно признание за вина
Втората постапка за полицајци веќе се суди. Обвинети се тројца полицајци, кои од октомври 2023 до февруари 2024 година правеле записници за прекршоци, за пропуштање малолетници, но во нив внесувале неточни податоци, па наместо за активната фирма, ММММ Кафе ДООЕЛ од Кочани, го внесувале името на фирмата „Класик ДМ ДООЕЛ“ од Кочани. Овие прекршочни постапки сѐ уште се водат пред кочанскиот суд.
Во овој предмет, обвинителството веќе ги изведе сите материјални докази, а нема предложено сведоци, што значи дека може да заврши најбрзо од сите предмети што се судат за трагедијата.
Третото обвинение опфаќа деветмина полицајци, кои се обвинети за пропуштањето на службените обврски за издавање согласност за дискотеката да добие лиценца. Иако објектот немал доволно паркинг-места и имало пријавено нарушувања на јавниот ред и мир, дале согласност за Министерството за економија на клубот да му издаде лиценца. Тие се обвинети дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, и со тоа ѝ овозможиле на дискотеката да работи.
Првото рочиште е на 25 март.

