„Дадов сè од себе, јас и моето семејство да останеме во Македонија. Мислејќи дека факултетот ќе ми помогне, се запишав и ги завршив студите по безбедност. Но, тоа не промени ништо. Со сопругот донесовме одлука и најпрво тој, а потоа и јас со двете деца ја напуштивме земјата. Животот во помалите градови стана претежок и во економска и во социјална смисла на зборот“, вели В. Трајковска, која од 2014 година живее во Белгија.
Со дипломата и познавањето на англискиот јазик, таа веќе успеала да се вработи. Работи и нејзиниот спопруг. Не планираат да се вратат во Македонија, освен за летните одмори.
80% од студентите на техничките факултети размислуваат или планираат да заминат по дипломирањето. „Белата чума“ сериозно ќе удри по целата економија
Македонија се соочува со т.н. „бела чума“, незпирливо и во загрижувачки размери. Економистите предупредуваат дека доминантна категорија на оние што заминуваат се невработените млади што може негативно да влијае врз вкупната состојба на пазарот на трудот.
„Иселувањето е во нагорен тренд последните години и тоа не е некоја тајна, иако Владата тоа не го признава, меѓутоа, не го ни демантира. Луѓето едноставно одат во потрага по подобар живот и ним не може да им се замерува“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Сепак, на алармантноста на состојбата со одлив на млади и образовани луѓе укажува владиниот документ Национална стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високо образовани и стручни кадри 2013-2020 година. „Речиси 30% од високообразованите луѓе во Македонија, живеат и работат во странство, а речиси 80% од студентите во завршните години на студиите на техничките факултети размислуваат или планираат да заминат од земјата. Вкупниот број наши граѓани кои денес престојуваат во странство е мошне голем и може да се процени на над 447.000 лица, што претставува речиси 22% од вкупното население во 2010 година, при што проценката на Светска банка е дека надвор од Македонија живеат и работат повеќе од 29% од високообразованите поединци“, се нотира во стратегијата.
За една година бројот на млади работоспособни се намалил за 12.548
Владиниот модел за дисперзирани студии по малите градови значајно ги зголеми можностите и шансите за стекнување на статусот на „академски граѓанин“, но концептот придонесе да се зголеми и бројот на луѓе што чекаат работа со диплома в рака.
Но, во периодот од 2010 до 2015 година, невработеноста кај луѓето со завршен факултет расте со многу поголемо темпо, отколку вработеноста. За овие шест години има нови 4.772 вработени со високо образование, но во исто време се регрутирани нови 39.126 восокообразовани кадри со статус „невработени“.
Број на невработени и вработени со високо образование
Од Заводот за статистика објаснуваат дека според нивната методологија, во категоријата високообразовани лица се вбројуваат луѓето со високо образование, магистри и доктори на науки. Подеталната анализа на податоците покажува дека само во анализираниот период со звање „магистер“ и „доктор на науки“ се стекнале 9.842 луѓе, односно бројот на овој образовен профил е во пораст.
„Ако се споредат бројките на млади вработени и млади невработени луѓе, разликата е фрапантна. Ако продолжи тоа слабо темпо на вработување, за 30 години ќе добиеме армија на граѓани кои немаат пензија, а живеат од социјална помош. Исто така, со тоа темпо се продуцира и кадар кој се извезува, не само високообразован туку и кадар за физички работи кој сè уште е баран во западните земји. Со забрзан чекор ја стигнуваме судбината на соседна Бугарија која стана земја на пензионери и длабоко зафатена со ‘белата чума’“, вели политикологот Соња Стојадиновиќ.
Показател кој може да упатува на иселување, според економистите е намалувањето на работната сила, особено кај луѓето на возраст од 15 до 24 години и од 25 до 49 години.
Според сумираните статистички податоци за 2015 година, бројот на работоспособни од 15 до 24 години се намалил за 2.412, а на оние на возраст од 25 до 49 години за 10.136 или само за една година, понудата на работна сила на пазарот на труд се намалила за 12.548 луѓе само од овие две старосни категории.
„Ако младите иселеници се претежно невработени, а верувам дека тоа е доминантната категорија, тогаш во апсолутна смисла ќе имаме помалку невработени, помалку работоспособно население и помалку население воопшто. Меѓутоа, во релативна смисла, стапката на невработеност нема да претрпи драстична промена поради иселувањето, бидејќи таа е однос помеѓу бројот на невработени и бројот на активни, кој практично ги опафаќа невработените и вработените. Оттука, невработено лице кое се иселува ќе значи намалување и на невработените и на активните, така што односот од тие два броја, односно стапката на невработеност ќе се намали, но не драстично. Сепак, ефектите од иселувањето на младите врз невработеноста во земјава не можат лесно да се квантифицираат поради отсуство на официјални мерења“, објаснува професорот Петрески.
Заминуваат доктори, инженери, научници, студенти…
Меѓу оние фели чиишто кадри особено се „ситнат“ е докторската, покажува регионалното истражување за миграција на здравствениот персонал во Македонија, Албанија, Србија и Косово спроведено од „Хелтгрупер“.
Факти за иселувањето:
Последната деценија од минатиот век 5 милиони високо образовани лица мигрирале од помалку развиените во развиените земји;
Научниците и талентите најчесто имигрираат во развиените земји преку вториот и третиот циклус на терцијарно образование;
Во 2007 година 18% од работната сила во САД со универзитетско образование во областа на природните науки и инженерството се имигранти;
Околу 30% од бизнисите започнати во Силиконската долина помеѓу 1995 – 1998 година биле основани од имигранти од Кина и Индија; и конечно
САД привлекува најголем број вешти имигранти и студенти или 32% од вкупниот број на странски студенти во земјите на ОЕЦД.
(Извор: Национална стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година.)
Според него, само последниве три години повеќе од 1.780 лекари од овие четири земји заминале да работат во странство. Овој тренд е во постојан пораст, особено меѓу помладите генерации лекари. Два клучни фактора кои влијаат врз лекарите да се преселат се: желбата за професионален развој и повисоките приходи. Дека овие два фактора се важни за нивните размислувања да заминат во странство укажале 80% од анкетираните во Македонија. Меѓу другите причини се наведуваат политичката состојба, подреденоста и партизацијата.
Освен што заминува обучен и образован кадар, Македонија се соочува и со феноменот на т.н. потенцијална миграција кој, според Министерството за образование, достигнува особено загрижувачки размери последнава деценија. Имено, сè поголем број млади високообразовани луѓе, како и студенти на последните години од студии, размислуваат или планираат да заминат во странство.
Во новообјавената Национална стратегија за млади 2016-2025 година изработена од Министерството за образование и наука се укажува дека еден од клучните проблеми со којшто се соочуваат младите во земјава е високата стапка на т.н. младинска невработеност која во 2015 година кај младите од 15-24 години изнесувала 48,2%. Овој проблем, според Министерството, е тесно поврзан со финансиската состојба и влијае на низа други прашања поврзани со квалитетот на животот. Загрижувачки, според стратегијата, е и процентот на млади кои не се вклучени во образование, работа или обука, а кој во 2013 година изнесувал речиси 30%.
Од факултетите чиишто кадри најчесто заминуваат да работат во странство велат дека голем дел од нивните студенти наоѓаат работа во првите три месеци по дипломирањето, но за да се задржат на тоа работно место важно е какви услови ќе им се понудат.
„Според неформални информации, дури и оние што ќе најдат работа во првата година откако ќе завршат, често размислуваат за иселување и значителен дел од нив наоѓаат работа на друго место“, вели Владимир Трајановиќ, продекан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, ФИНКИ.
Оваа состојба е нотирана и во Националната стратегија посветена на одливот на високообразовани кадри.
„Во овој момент се чини навистина загрижувачки што речиси 80% од студентите во завршните години на студии на техничките факултети (како најатрактивни за заминување во странство по завршувањето на студиите) размислуваат или планираат да заминат од земјата. Доколку не бидат преземени сеопфатни активности, оваа бројност ќе резултира со сериозно намалување на потенцијалот за економски и демографски развој и на долг рок ќе има сериозни негативни имплкации за Република Македонија“, се предупредува во овој стратешки документ. Таму, меѓу другото се наведува потребата од намалување на одливот на мозоци преку зголемување на атрактивноста на земјава како место за работа и ангажман на млади високообразовани лица, премин од одлив на мозоци кон прилив на мозоци преку зголемување на нивото и обемот на враќање на интелектуалната емиграција од Македонија, како и развој на истражувачките институции и компании во земјава.
Група студенти од ФИНКИ, кој е еден од најтрактивните од каде што заминуваат млади луѓе, направи истражување посветено токму на заминувањето на младите. Во анкетата која ја спровеле меѓу 302 студенти од факултетот, дури 251 студент (83%) изјавил дека би отишол да учи во странство кога би имал можност, а 51 од нив (17%) рекле дека ќе останат во Македонија.
Отсуството на перспективност, според анкетираните студенти на ФИНКИ, е една од клучните причини за заминување од Македонија.
Што мислите која е главната причина за големиот одлив на македонски студенти во странство?
Вака, пак, ги рангира најчестите причини за заминување на студентите, професорите и фирмите од Македонија, споменатата владина студија:
Најважни причини за „бегање“ од Македонија во странство
Загрижувачки тренд покажува и последната студија на Фондацијата „Фридрих Еберт“ која е повеќе посветена на иселувањето, односно миграцијата.
„Половина од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома. Бесперспективноста, политичката неизвесност и длабоката партизираност се главните фактори кои ги демотивираат младите да ја планираат својата иднина во Македонија, а дури 67% од испитаниците во анкетата се жалат на финансиски проблеми и не веруваат дека по образованието ќе најдат работа“.
Негативно врз пазарот на работна сила влијае не само иселувањето на образованите туку и на квалификуваните кадри.
„Претпоставувам дека е покритично иселувањето кај одредени професии, не неопходно највисокообразовани, како што се водоводџии, плочкари, кнауф-монтери кои лесно наоѓаат таква работа во странство, а се неспоредиво повисоко платени таму отколку во Македонија. Исто така е веројатно дека нивното заминување го остава пазарот со работници кои немаат конкретни и специфични вештини, што е проблематично“, вели професорот Петрески.
Без попис – кој ги брои луѓето што неповратно си заминале?
Додека Светска банка, Еуростат и Обединетите нации преку спорадични анализи, истражувања и студии прават проценки на бројот на иселени од Македонија и на последиците од тоа, дома, според статистичарите, сè уште нема релевантно следење и мерење на иселеничкиот егзодус.
Сите лицитации со бројките за внатрешна употреба се ставаат под знак прашалник, бидејќи најзначајната статистичка операција – пописот, не е спроведена уште од 2002 година.
„Во Македонија се случува големо механичко движење на населението, но има и процес на иселување што може значајно да влијае врз вкупните економски движења. Бројките покажуваат дека има пораст на работоспособното население, но во тие податоци не е земен предвид бројот на иселени луѓе. Од друга страна, на пример, на крајот од 2015 година, бројот на активно населние бил на најниско ниво изминатите три години што може да биде показател за иселувањето. Но сиве овие мерења се засенети од фактот што земјава, повеќе од 13 години нема спроведено попис кој дава релевантност на сите мерења“, вели универзитетскиот професор по статистика, Драган Тевдовски.
„Во отсуство на попис, а соочени со секојдневно иселување на луѓето кое никој не го мери, тешко верувам дека податоците за пазарот на труд ја отсликуваат реалната состојба“, смета политикологот Соња Стојадиновиќ.
„Нашиот основен проблем е пописот, односно неговото неспроведување. Сите бројки што се објавуваат, без разлика за какво мерење станува збор, треба да се земат со резерва. Пописот е пресуден за да се добие вистинска слика за состојбата. Од друга страна, самиот податок дека се намалува бројот на активни граѓани, меѓу другото, може да се толкува и како резултат на трендот на одлив на работоспособно население“, вели Стојадиновиќ.
Додека во земјава се лицитира со бројки, Светска банка неодамна објави дека од педесетите до крајот на 2013 година од Македонија се иселиле 626.312 луѓе, додека според Еуростат од 2005 година од кога Македонија го доби кандидатскиот статус за членка на ЕУ, вкупно 106.216 Македонци станале Европејци со државјанство и пасош.
Незапирливата миграција, според странските анализи, ќе има несогледливи демографски последици што ќе се прелеат врз сите сегменти во општеството.
Во обемната студија „World Population Prospects – The 2015 Revision“ на Одделот за население на Организацијата на обединетите нации, Македонија во следните 35 години ќе се најде на 29-то место од вкупно 43 земји за кои се прогнозира пад на бројката на населението.
„Во 2050 година Македонија ќе забележи демографски пад за 6,8 отсто, а во 2100 година ќе има само 1.487.000 жители, наместо 2.078.000 жители колку што се проценува дека имала во 2015 година. Тоталната фертилност, односно, бројот на живородени деца, просечно раѓани од една жена, во 2050 година во Македонија ќе се намали на само 1,71 дете, додека таа бројка во периодот 1975-1980 изнесувала 2,54 деца“, наведено е во извештајот на ООН.
Експертите велат дека за решавање на проблемот треба да се видат искуствата од другите земји, но мора да се направи стратегија и како да се вратат оние што заминале.
„Треба да се види прво што правеле други земји со истиот проблем. Тоа можат да бидат и даночни олеснувања за основање фирми од иселеници кои би се вратиле да живеат и да творат овде. Може да биде и отворање научни зони како во Тајван каде што преку 50% од фирмите се основани од повратници од САД. Може да биде и заедничка активност на нашата држава со некои организации како што е Македонија 2025 – да работат на убедување – дел од капиталот и од луѓето да се вратат во Македонија, со низа стимулативни мерки“, вели професор Андреа Кулаков од ФИНКИ.
„Не, младите не бегаат од државава, младите си одат! Бегаш кога ти си згрешил нешто. Си одиш кога други ќе ти згрешат“, напишала на својот профил на Фејсбук студентката Елена.