Регион

Eкстрадицијата на Алчин- тест за посветеноста на Бугарија во ЕУ

Бугарија се соочува со тест за нејзината посветеност на плурализмот и човековите права

Одлуката на регионалниот суд во Бугарија да ѝ го испорача на Москва рускиот дисидент што живее во егзил во црноморскиот град Варна е скандалозна.

Случајот ја демонстрира опасноста со која се соочуваат Русите што ѝ се спротивставуваат на војната во Украина, дури и кога живеат во држава на Европската Унија.

Одлуката за екстрадиција е во спротивност со обврските на Бугарија, кои произлегуваат од договорите на ЕУ и ја истакнува тешката состојба на владеењето на правото во Бугарија, која е членка на унијата од 2007 година.

Таа, исто така, го нагласува степенот до кој е присутно руското влијание во балканските држави додека Бугарија се движи кон четврти општи избори во последните осумнаесет месеци.

Окружниот суд во Варна неодамна пресуди дека Алексеј Алчин, руски државјанин, може да биде екстрадиран во Русија, врз основа на меѓународна потерница издадена од Москва. Оваа одлука беше потврдена од Апелациониот суд во Варна и со неа Алчин се става во крајно ранлива положба.

Тој е бизнисмен, кој водел успешен бизнис со отстранување благородни метали од отпад и кој ја напуштил Русија во 2017 година.

Алчин го привлече вниманието веднаш по рускиот напад во Украина на 24 февруари, кога ги запали рускиот пасош и личните документи на протест во Варна против војната. Москва тврди дека тој не платил данок на додадена вредност во вредност од повеќе од 4,5 милиони евра пред да ја напушти Русија во 2015 година.

Бугарските власти го уапсија Алчин во мај, а по две недели го ослободија и го пратија во домашен притвор. На први август е вратен во затвор.

Овој случај открива голем број непријатни елементи во односите на Бугарија со Русија и фрла светлина на причините за континуираната загриженост за владеењето на правото во земјата-членка на ЕУ.

Во расчекор со ЕУ

Прво, одлуката на судиите е значително спротивна од политиката на ЕУ кон Русија. Од 24 февруари, ниту еден руски државјанин што престојува во земјите-членки на унијата не е екстрадиран во Москва. Во меѓувреме, Русија беше исфрлена од Советот на Европа и стана сѐ поизолирана на меѓународно ниво.

Москва, исто така, е под санкции, додека државите на ЕУ бргу се обидоа да ги зголемат своите резерви на  гас за да го намалат влијанието на Кремљ врз енергетската политика на ЕУ во зима.

Да се ​​екстрадира руски државјанин во овие околности е спротивно на заложбите на ЕУ за човековите права, слободата на совеста и фер третман, односно спротивно од долгата табела на вредности содржани во член 2 од Договорот за Европската Унија.

Иако Алчин можеби има значително понизок јавен профил од Алексеј Навални или од Владимир Кара-Мурза, тој речиси сигурно ќе се соочи со затворање и со варварски третман доколку биде вратен во Москва.

Доколку Бугарија продолжи со екстрадицијата, тоа би било договарање со монструозен режим и осудување на Алчин, на речиси сигурни репресивни мерки од страна на многу одмаздољубиви органи на руската државна безбедност.

Второ, пресудата е конзистентна со општата симпатија кон Русија, која проникнува низ бугарското општество. Тоа има корен во позитивните чувства за улогата на Русија во ослободувањето на Бугарија од отоманската власт во 1877-78 година  и носталгијата поврзана со братските врски за време на комунистичката ера.

Руските дезинформации, најмалку две децении, се многу видливи во бугарскиот медиумски систем и голем број Бугари имаат многу погрешен впечаток за бруталната руска акција во Украина.

Овој општествен рефлекс е евидентен во бројките на Евробарометар од април 2022 година, кои покажуваат дека Бугарите имаат најниско ниво на симпатии кон Украина меѓу земјите на ЕУ. Четириесет и шест отсто од Бугарите не се согласуваат со тврдењето дека Русија е одговорна за поттикнување на војната. Само Кипар покажа поголема бројка на несогласување.

Бугарија е дом на голема руска заедница: речиси 300.000 Руси купиле имот во земјата, во последниве две децении, најмногу на Црно Море. Тоа присуство не е само на поединечни Руси: градот Москва, на пример, поседува огромен комплекс за одмор во близина на Камчија.

Рускиот јазик наголемо се зборува во Варна и во други крајбрежни градови. До денес, Владимир Путин изрази мал интерес за оваа заедница, но некои Бугари стравуваат дека ако Путин оствари воена победа во Украина, тој ќе почне да агитира за правата на етничките Руси во Бугарија и другите земји на ЕУ. Ситуацијата се искомплицира со доаѓањето до 100.000 Украинци во Бугарија од инвазијата, а околу 70.000 сè уште живеат во земјата.

Иако имаше бројни протести за поддршка на Украина во Софија (а во Варна и во Софија, мали протести за поддршка на Алчин), надвор од главниот град има значително повеќе симпатии за руската позиција. Во неколку наврати ова лето наидов на добро образовани Бугари, кои тврдат дека Украинците не се бегалци, туку овде „на одмор“.

Трето, руското влијание врз енергетскиот сектор во Бугарија одамна е силно. Во поголемиот дел од неодамнешното минато, Газпром имаше монопол на испораките на гас за Бугарија, Лукоил имаше контрола над единствената рафинерија на земјата во Бургас, како и широката мрежа на бензински пумпи, додека Росатом беше клучен изведувач на нуклеарната енергија Белене.

Со текот на времето, рентите достапни од овие високопрофитабилни сектори овозможија испреплетување на структурите на бугарската мафија со руските енергетски и геополитички интереси.

Егзистенцијално политичко значење

Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков сега се соочува со нови избори фото: gov.bg

Бугарскиот реформски тандем, составен од поранешниот премиер Кирил Петков и министерот за финансии Асен Василев, ја ставија борбата против корупцијата во срцевината на политичката програма на нивната влада.

Тие тргнаа по посредниците на неформалната моќ со невидена посветеност, штом беа поставени на функцијата по третите општи избори во Бугарија, во 2021 година.

Во нивната владина коалиција беа Бугарската социјалистичка партија- БСП, Демократска Бугарија – ДБ и Има таков народ – ИТН, предводена од поранешен пејач и шоумен Слави Трифонов.

Руската инвазија на Украина ја дестабилизираше коалицијата. Тензиите се зголемија и беше тешко, особено за БСП да ја проголта коалицијата, која се придржува кон позицијата на ЕУ во спротивставувањето на руската инвазија, бидејќи таа партија традиционално има силни врски со Москва.

Гаспром, кој беше одговорен за снабдување со 90 отсто од гасот во Бугарија, веднаш ги прекина испораките како одмазда за одлуката на коалицијата на Петков да одбие да ѝ плати на Русија во рубљи.

Меѓутоа, во случајот, не БСП, туку партијата на Трифонов ја напушти коалицијата. Падот на коалицијата на 22 јуни значеше дека политиката на Бугарија кон Русија и Украина влезе во вакуум.

Преодната влада назначена од претседателот Румен Радев, сепак, покажа желба да го блокира завршувањето на гасниот интерконектор со Грција (кој носи гас од Азербејџан) што владата на Петков го забрза. Тоа ќе ја врати Бугарија целосно во доменот на зависност од Гаспром.

Некои дури веруваат дека преодната влада, целосно во чекор со Радев, намерно се зафати со саботирање на интерконекторот, како средство за повторно воспоставување на доминацијата на Гаспром на бугарскиот енергетски пазар.

Лидерот на БСП, Корнелија Нинова, исто така побара обновување на договорот со Гаспром, и покрај фактот што рускиот гигант го раскина договорот со Бугарија и го прекина снабдувањето во април. Впечатокот создаден по нејзината изјава е дека Бугарската социјалистичка партија сè уште живее во орбитата на Москва.

Радев, поранешен генерал на бугарските воздухопловни сили, им беше трн во окото на Петков и на Василев, а во минатото изразуваше силни симпатии со Москва.

Тој е обвинет дека е поврзан со лоби за оружје тесно ориентирано кон Москва. Бугарскиот претседател, исто така, тврди дека Бугарија, членка на НАТО, направила стратегиска грешка со отуѓувањето на Русија.

Судскиот случај во Варна доаѓа во момент од клучно политичко значење за Бугарија.

По три парламентарни избори во изминатите 16 месеци, Бугарите повторно ќе треба да излезат на гласање на 2 октомври. Петков експлицитно го вклучи рускиот амбасадор во Бугарија, како дел од предаторската олигархиска мрежа поврзана со мафијата, за која тврдеше дека е одговорна за уривањето на неговата коалиција во јуни.

Кампањата што ја водат тој и Василев се фокусира на силна посветеност да се ослободи Бугарија и од мафијашкото и од руското влијание. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека тие водат тешка битка, бидејќи партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов доживува обнова и презема тесно водство, а екстремната десница Преродба, исто така, има добри резултати на анкетите.

Борисов водеше три претходни влади (2009-2013; 2014-2017 и 2017-2021) и за сите имаше обвинувања за корупција.

Бугарскиот Хелсиншки комитет работи со Алчин, а неговите адвокати во следниве денови ќе поднесат претставка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Доколку екстрадицијата продолжи, репутацијата на Бугарија како земја-членка на ЕУ, која се карактеризира со корупција од големи размери и длабоко незадоволително функционирање на владеењето на правото, ќе биде нанесена непроценлива дополнителна штета.

Овој случај, заедно со претстојните парламентарни избори претставуваат голем тест за Бугарија: дали ќе биде членка на Европската Унија управувана со плурализам, почитување на човековите права и независна примена на законот за сите граѓани или гравитира назад кон „Руски мир“ (Руски свет) и се карактеризира со правен нихилизам, клептократија и со бандитизам?

Џон О’Бренан е претседател на Жан Моне за европска интеграција на Универзитетот Мејнут и е директор на Мејнут центарот за европски и евроазиски студии.

 Изразените мислења се на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на БИРН.