Регион

Евреите во БиХ и натаму се надеваат дека ќе им биде вратен одземениот имот

Архитектурата на Сараево и неговите прекрасни историски градби, често ги импресионираат посетителите на главниот град на Босна и Херцеговина, но за оние чии семејства некогаш биле сопственици на некои од нив, или на земјиштето на кое се изградени, се болен потсетник на она што, како што сметаат, им го должи БиХ.

Нерешеното прашање за имотот одземен во Втората светска војна и во повоениот период од страна на југословенската комунистичка власт, одамна е проблем во оваа земја, каде што некои луѓе и организации (еврејската, муслиманската и православната) со децении чекаат да го вратат она што сметаат дека со право им припаѓа.

Ова прашање повторно беше истакнато во резолуцијата на Европскиот парламент, усвоена на 13 февруари, со која властите во Сараево се повикуваат „да го обезбедат правото на сопственост” и во која се нагласува „недостигот на сеопфатна законска рамка за решавање на барањата за враќање на имотот”.

Светската еврејска организација за реституција (СЕОР) го поздрави притисокот на Европскиот парламент врз БиХ, која бара членство во ЕУ, да се донесе закон со кој ќе се регулира враќањето на имотот.

„Ја повикуваме Босна и Херцеговина да усвои легислатива за враќање на приватната и на општествената сопственост”, соопшти претседателот на оперативниот сектор на СЕОР, Гидеон Тејлор.

Јакоб Финци, претседател на Еврејската заедница во БиХ, укажува дека, сепак, не постојат прецизни податоци за вкупната вредност на имотот што некогаш ѝ припаѓал на Еврејската заедница во оваа земја и посочува дека некои од овие објекти, всушност, ги користат босанските институции.

„На пример, зградата во која се наоѓа Министерството за внатрешни работи на Кантон Сараево, а тоа е зградата на Ла Беневоленција, сѐ уште не е вратена”, вели Финци за БИРН.

Оваа зграда се наоѓа во сараевската улица која го носи името Ла Беневоленција, назив на еврејска организација основана во 1892 година во Сараево, со цел да им помага на еврејските студенти од БиХ, да студираат на универзитетите во другите делови на тогашна Австро-Унгарија.

Пред Втората светска војна, во Сараево живееле околу 12.000 Евреи. Денес, во целата земја ги има околу 1.000.

По војната, во 1945 година, комунистичките власти ја забраниле Ла Беневоленција, но таа повторно се појавила под името Слобода. Во 1991 година, организацијата го враќа своето старо име и Финци станува нејзин прв официјален потпретседател.

За време на војната во БиХ и на опсадата на Сараево, во периодот 1992-1995 година, Ла Беневоленција била една од најистакнатите организации кои им помагале на сараевчани.

Што се однесува до прашањето зошто овој објект, но и многу други објекти, не им се вратени на поранешните сопственици, Финци, вели дека се работи за „недостиг на (политичката) волја”.

Барања за враќање на земјиште на атрактивни локации

 Ерна Коен Израел, Рахела Монтиљо и Малина Рашел, поседувале земјиште во општината Стари град во Сараево.

Израел и Монтиљо во меѓувреме починале, но Рашел и натаму се надева оти земјиштето, кое во меѓувреме им било дадено на властите на општина Стари град, да ѝ биде вратено.

„Борбата за нешто што ви припаѓа е исцрпувачка, бидејќи барате правда во систем во кој може да се види дека не постои волја за решавање на ова прашање”, вели Рашел за БИРН.

Адвокатот на Рашел, Ненад Маглајиќ, објаснува дека поради немање на закон, никој не е подготвен да ја преземе одговорноста за барањата за поврат на имотот.

„На БиХ ѝ треба закон за реституција, за денационализација на имотот, кој јасно дефинира што може да биде предмет на реституција, кој е редоследот на наследување (меѓу наследниците) и во кој временски период поранешните сопственици и нивните наследници можат да аплицираат за враќање на имотот”, вели Маглајиќ.

Податоците од Комисијата за реституција на Советот на министри на Босна и Херцеговина, покажуваат дека се национализирани околу еден милион хектари земјиште и околу три милиони квадратни метри станбен и деловен простор, кои им припаѓаат на верските заедници во земјата.

Православната црква вели дека е законски сопственик на згради и земјиште на атрактивни локации.

„Тоа е имот што главно се наоѓа во центарот на Сараево, како што е зградата на Економскиот факултет, потоа земјиштето на кое се наоѓаат Парламентот на БиХ и Советот на министри, како и земјиштето на кое се наоѓа (хотелот) Холидеј Ин”, изјави за БИРН, Вања Јовановиќ, православен свештеник од Сараево.

И Исламската заедница на Босна и Херцеговина побарува локации во центарот на Сараево, истакнувајќи дека има право на поврат на околу 30 милиони хектари земјиште низ целата држава, далеку повеќе од проценката на Комисијата за реституција.

„Само во Сараево ја побаруваме зградата на ЈАТ, хотелите Централ и Стар град, зграда Багат на Маркале (пазарот), Стаклениот град (трговскиот и деловен простор), 900 деловни простории во Башчаршија и во Безистен, зградата на улицата ‘Маршал Тито’ број 32, земјиштето на кое се наоѓа Скендерија (спортски, културен и трговски центар) и Претседателството на БиХ“, потенцираа за БИРН од Исламската заедница.

Мустафа Бегиќ, претседател на Комисијата за реституција на Советот на министри, вели дека во моментов не се знае точно колку земјиште и колку имот можат да бидат вратени на поранешните сопственици или на нивните наследници.

„Сѐ додека Босна и Херцеговина не усвои закон на државно ниво, овие податоци ќе останат нецелосни, бидејќи ние во комисијата собираме извештаи за сиот недвижен имот, но постои и процес на верификација … На крајот, законот треба да ги разјасни сите тие технички детали”, нагласува Бегиќ.

Застој поради политички несогласувања

Во февруари 2016 година, Здружението на сопственици на национализираниот и конфискуван имот, изготви предлог-закон за враќање на имотот, кој го достави до Советот на министри, со сугестија тој да биде вклучен во обврските што БиХ мора да ги исполни, за да стане членка на ЕУ.

Сепак, законот стана жртва на политички несогласувања, кои често го парализираат комплексниот систем на управување во оваа земја.

Советот на министри не може да го поднесе овој предлог-закон до Парламентот, бидејќи нема согласност од босанскиот ентитет, Република Српска (РС).

Политичките лидери на РС тврдат дека ваквите прашања треба да се решаваат на ентитетско, а не на државно ниво.

Врз иста основа, РС го отфрли нацрт-законот за денационализација, подготвен пред десет години.

РС во 2000 година донесе свој закон за реституција, но Канцеларијата на високиот претставник го поништи, со образложение дека ова прашање мора да се регулира на државно ниво.

БиХ е една од земјите кои во 2009 година ја потпишаа Декларацијата од Терезин, со што се обврза дека ќе работи на враќање на имотот, конфискуван за време на холокаустот.

Потписниците на Декларацијата од Терезин ​​се обврзаа дека ќе ги вложат сите напори за да ги корегираат „последиците од незаконското одземање на имотот”.

Луѓето кои бараат имотот да им се врати, како што е Малина Рашел, сè уште се надеваат дека БиХ ќе го исполни своето ветување.