Интервјуа

Еврократот-твитерџија во демократска мисија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Питер Ванхауте не е дипломат дојден по работа, човекот е на демократска мисија. Од скоро е политичка ѕвезда на социјалните мрежи, иако во Македонија е присутен уште од 2001 година. ВМРО-ДПМНЕ веќе не соработува со него, меѓутоа тој не крева раце и нема намера да стане турист.

„Препознавам добри политичари и вие имате такви. Треба да им се остави простор“ | ФОТО: БИРН

„Препознавам добри политичари и вие имате такви. Треба да им се остави простор“ | ФОТО: БИРН

За некои е персона нон грата, други, пак, би го гласале за премиер. Приврзаниците на власта му ги бројат дневниците, а опозиционерите се плашат дека му се избројани деновите во Македонија. По евроамбасадорот Ерван Фуере, Питер Ванхауте е првиот еврократ што излегол од дипломатскиот шинел и проблемите ги именувал со нивното вистинско име.

Оттаму и вниманието што го добива во медиумите и на социјалните мрежи.

Со белгискиот посредувач се сретнавме во еден од скопските ресторани близу Домот на пратениците. Локал со тераса скриена од метежот, место каде што неговите соработници можат да запалат цигара по исцрпните преговарачки сесии.

Ванхауте говори за кризата во Македонија во прво лице множина, лично е внесен во пржинскиот процес и кога објаснува вели „треба да направиме“ или „да се потрудиме“. Дојден е во мисија, а не по работа.

Не може да се каже декa е некаков дипломат, тој е демократски мисионер со задача да ја „краде“ моќта од тие што ја имаат премногу и да им ја подели на оние што им е неопходна. Тоа, всушност, и го правел на работните групи, секогаш се обидувал да ги постави на исто ниво партиите.

„Дел сум од процесот и целта ми е вистинска демократија.“

Enough is enough

Поимот Ванхауте етимолошки се поврзува со шума, неговите предци потекнуваат од француска Нормандија и таму носеле презиме што ги означувало како луѓе од шумата. Семејството на неговиот татко во 19 век се преселило во Белгија и го прилагодило презимето на новата средина.

Пораснал во индустриското гратче Генк, познато по рудниците за јаглен и по фабриката за автомобилите „форд“. Студирал филозофија, а како радиски новинар известувал за еколошки теми и пишувал за првите IBM компјутери. Преку портпаролското место во еколошка НВО, станал општински советник, а подоцна и пратеник во белгиското собрание од редовите на зелените.

Политички трилер во Орвелијанска Белгија

Политички трилер во Орвелијанска Белгија

Парламентарните денови ги памети по драгоценото искуство што го стекнал во собраниска комисија за расчистување скандал со затруено пилешко месо. По шест месеци работа, пратениците излегле со извештај што ја нотирал одговорноста на властите.

„Собраниската комисија мора да биде куче со заби. Во Белгија не може да не се појавиш на комисија, а огромни се казните ако не ја говориш вистината откако ќе се заколнеш пред пратениците“, објаснува Ванхауте со јасна паралела за лакрдијата во нашиот систем.

Кризата на демократијата не му е само професионална опсесија, таа е и тема на романот „Клучот на парламентот“ што го објавил во родната земја.

Дејствието е сместено педесет години од сега во Орвелијанска Белгија, која ги вратила африканските колонии, општество што го затворило Парламентот бидејќи власта им вградила чипови во главите на луѓето и така дознавала кои се нивните потреби и ставови.

Преку испреплетена љубовна приказна и една авантура во Конго, главниот лик го пронаоѓа клучот од Парламентот и буквално ја отвора зградата и ги враќа граѓаните внатре.

Почнуваат дискусии, Собранието е назад во рацете на граѓаните.

Слични се неговите очекувања и од македонските граѓани. Сака да ги види застанати пред корупцијата и да кажат „не може сѐ да се купи“.

„Enough is enough“, е она што Ванхауте очекува да го слушне. Убеден е дека се можни промени.

„Препознавам добри политичари и имате такви во Македонија. Треба да им се остави простор, системот да овозможи да се гласа за личности, а не за партија.“

Македонија му е познат „пациент“

Прв пат дошол во 2001 | ФОТО: БИРН

Прв пат дошол во 2001 | ФОТО: БИРН

Ванхауте пишува поезија и уште еден роман. Новата приказна ја сместил во Косовска Митровица, а целта му е да го раскаже феноменот што го фасцинирал – како тоа воените злосторници, од друга страна, се грижливи сопружници и уште подобри родители.

Токму од поранешната југословенска покраина, во 2001 година за првпат дошол во Македонија и како претставник на белгиските власти се нашол во Тетово на првиот ден од пукотниците.

„Никогаш нема да го заборавам тој ден.“

Се вратил во Македонија во 2004 за да ја промовира идејата за спојување на Штуловиот со Универзитетот во Мала Речица. Малку низ шега и тоа на своја сметка потсетува дека во Македонија предавал на тренинзи за одржување избори, а она што веројатно повеќето сме го заборавиле е дека беше дел од преговорите по црниот понеделник.

Луѓето што работеле со него велат дека Ванхауте е вистински воркохолик. Ако работните групи завршувале во осум часот, често знаел да остане доцна во вечерта и да ги проучува македонските закони, а потоа да им прати на соработниците имејл со сугестии во еден часот по полноќ.

За тоа каков е неговиот начин на работа покажувало и тоа дека низ пржинскиот процес се сретнал со сите оние што можеле некако да придонесат, велат нема фактор во областа на медиумите со кој не разменил мислење, од здруженија, преку новинари – до сопственици.

Како сунѓер ги впивал соговорниците, примал совети од сите, меѓутоа не ги поминувал своите црвени линии, едноставно не поднесувал доцнење, а мана му било што лесно избувнувал. Дел од преговарачите тоа го користеле и го провоцирале.

Благодарение на својот минат труд на Балканот, се служи со српскиот јазик, разбира македонски и ги следи оркестрираните напади од контролираните медиуми и од партиските тролови на Твитер.

На нашата средба дојде пеш и нормално дека подрани. Го оставил велосипедот поради повикот на Твитер да го прегазат кога ќе го видат на улица, ама јасно е дека не се плаши. Барем тоа не може да се види на неговото строго „северњачко“ лице со очила.

„Граѓаните не се навикнати да гледаат луѓе како мене без обезбедување. Често ме застануваат да направиме селфи.“

„Ќе се гледаме“

Белгискиот надреализам како инспирација

Белгискиот надреализам како инспирација

Смета дека на Скопје му недостасуваат градини, меѓутоа главниот град компензирал со природата околу него. Посебно му се допаѓа Водно, неговиот блог е полн со фотографии од цвеќињата што ги нашол пешачејќи до Милениумскиот крст, а напролет шаренилото на планината го потсетува на омилениот цветен фестивал во Лондон.

Кога трите деца го посетиле, ги однел да го видат Маврово.

Малку е воздржан околу „Скопје 2014“, иако јасно му е дека проектот на површина исфрла идентитетски дилеми, а интересно му е тоа што скопјани со него споделувале идеи како безболно и креативно да се поправи штетата.

Многу читал за архитектонскиот татко на модерно Скопје, Кензо Танге, и вели дека и тој бил свесен оти градот ќе има проблеми со загадувањето и затоа го моделирал како open city, место за живеење со многу простор меѓу објектите, дрвја и со пространи паркови.

Ексцентричноста на „Скопје 2014“ не е непозната за човек што доаѓа од Белгија. Од оваа земја потекнуваат неколку познати надреалисти, како сликарот Рене Магрит, авторот на познатата слика на луле под кое пишува „Ова не е луле“.

Оттаму и оној помалку чуден твитер-хумор со мемиња од мачки, кој не го измисли Ванхауте. Веднаш по последните напади во Париз, полицијата трагаше по терористите и во белгиските градови и ги замоли луѓето да не споделуваат информации на Твитер за претресите. Како одговор на оваа полициска наредба, Белгијците почнаа да твитаат мемиња со мачки поврзани со досетливи коментари.

Најпопуларно меме во Белгија било она со мачето што крева раце пред вперениот пиштол.

Ванхауте не дига раце, иако ВМРО-ДПМНЕ е одлучна дека нема да соработува со него. Не открива детали околу неговата иднина во Македонија, ама верува дека сè уште има работа пред да го земе фотоапаратот и да го посети новиот музеј.

„Ќе се гледаме!“, како порака звучеше неговиот поздрав на македонски откако се разделивме во скопскиот ресторан близу Домот на пратениците.