Истражувањa

Фатална неактивност: Како повторно се вратија малите сипаници

Неуспехот на Романија да ја спречи смртоносната појава на мали сипаници е приказна за лажното чувство на сигурност и несвесност за потенцијална опасност, пропустите и дискриминацијата. Исто така, тоа е предупредувачка приказна за Европа

Пишува: Октавијан Коман | Темишвар, Букурешт, Шарлероа, Рим

Карла никогаш не била вакцинирана против мали сипаници. Нејзиното здравје не го дозволувало тоа. Родена со прекинат хранопроводник, таа речиси целото свое рано детство го поминала во болница, најчесто со пневмонија.

За време на еден рутински престој во болницата за итни случаи „Луис Туркану“ во Темишвар, град во западна Романија, детето било на ист кат со едно девојче кое имало мали сипаници. Наскоро, кај Карла се појавила треска.

Таа била префрлена на другиот крај од градот во Клиничката болница за инфективни болести и пневмологија „Виктор Бабес“. Болницата била толку полна со пациенти кои имале мали сипаници, што Карла на почетокот морала да биде сместена во одделението за возрасни. Треската се влошила и таа дигнала температура од 42 степени целзиусови.

Во текот на ноќта на 18 декември 2016 година, таа почнала да офка на начин што нејзината мајка, Флорентина Маркусан, никогаш порано не го слушнала. Се појавил осип на лицето и градите.

Набргу по 8 часот наутро, додека медицинската сестра ѝ давала на Карла инјекција, главата на девојчето почнала да се грчи. Додека медицинската сестра отишла да викне помош, Маркусан го држела своето дете.

„Кога видов дека повеќе не реагира, испаничив и ја спуштив, бидејќи знаев дека умре … во моите раце”, се присетува таа.

Лекарите ѝ рекле на вознемирената мајка да го напушти одделот додека се обидувале да го реанимираат девојчето. Чекала на студ надвор пред зградата, пушејќи цигара по цигара и држејќи го мечето на Карла.  

Четириесет и пет минути подоцна, во 9:10 часот, Карла Јасмина Георгиана Попа била прогласена за мртва. Имала една година и три месеци.

Девојчето било една од првите 10 жртви на епидемијата на мали сипаници или морбили во Романија, која до крајот на ноември ги зеде животите на 36 лица, најмногу бебиња, и зарази околу 10.000, откога се појавиле првите случаи минатиот јануари.

Ова е најсмртоносната епидемија во земјата од 2005 година, кога стапи на сила новиот режим за двостепена вакцинација против морбили, паротит и рубеола (МПР) во Романија.

Случаите со морбили со потекло од Романија се откриени и во земји кои се наоѓаат многу подалеку, како во Белгија, Шпанија и Ирска, иако овие епидемии биле со мал размер во споредба со епидемијата од која починала Карла.

Мајката на девојчето ги обвинува болниците во кои престојувало девојчето бидејќи не направиле повеќе за да го заштитат.

„Имам толку многу омраза во мене”, вели Маркусан, зборувајќи шест месеци по смртта на Карла во своето родно село Дубести, на околу 90 километри од Темишвар.

„Никому не верувам повеќе”.

Недостатокот од доверба е главната причина за епидемијата со мали сипаници во Романија, каде што вербата во здравствените услуги е нарушена од перцепциите за лошите услови и лошото управување во здравството.

И покрај тоа што вакцината за мали сипаници, заушки и рубеола е достапна бесплатно кај семејните лекари, и им се дава на децата во две дози во временски период од неколку години, стапката на вакцинација драстично е намалена.

Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО) и романското  Министерство за здравство, стапката на вакцинација за првата доза паднала за 11 отсто во текот на изминатата деценија, додека за втората за 29 отсто.

Многумина за епидемијата избрзано го обвиниле агресивното движење против вакцинација, но лекарите и експертите за јавното здравство, исто така, посочуваат кон романските власти, кои заради системски неуспех не успеале да ја отстранат кризата што требале да ја предвидат.

Од лошото ракување со залихите на вакцини до задоцнетото вклучување на алармот, тие прикажуваат слика на бирократските пропусти и лажно чувство на сигурност, со смртоносни последици.

„Програмата за имунизација не може да биде подобра од здравствениот систем кој ја применува”, вели Едуард Петреску, координатор на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во Романија.

Други на тоа гледаат како на предупредувачка приказна за тоа што се случува кога властите не успеваат да ги стават маргинализираните заедници, во овој случај, ромското малцинство, под капата на националната здравствена заштита.

„Ако не вакцинирате постојано, систематски и упорно, вирусот веднаш ја пополнува празнината”, вели Адриана Пистол, директорка на Центарот за надзор и контрола на заразни болести во Романија, дел од Националниот институт за јавно здравје под Министерството за здравство.

Флорентина Маркусан ја проучува медицинската документација на нејзината почината ќерка, Карла. Фото: Октавијан Коман

Надвор од системот

Пред пронаоѓањето на вакцината против мали сипаници во 1960-тите, скоро сите деца ја фаќале болеста до 15-тата година. Високо заразниот вирус се пренесува преку кашлање, кивање или контакт со заразен секрет.

Пред масовните кампањи за вакцинација, големи епидемии избувнувале на секои две или три години, при што, според СЗО, во просек умирале 2,6 милиони луѓе ширум светот. До 2016 година, глобалната бројка на починати лица паднала на околу 90.000 годишно.

Факти: Науката позади малите сипаници

Малите сипаници се една од најпознатите заразни болести кај човекот. Пред откривањето на вакцината во 1963 година, тие земале повеќе од 2 милиони животи и заразувале околу 30 милиони луѓе секоја година. Еве неколку клучни факти за оваа болест.
* Од мали сипаници умираат еден до двајца на секои 1.000 луѓе кои се заразуваат од вирусот.
* Не постои специфичен третман освен лечење на симптомите.
* Првите симптоми често вклучуваат треска, кашлање, конјунктивитис и општа слабост. Два до четири дена подоцна обично се појавува карактеристичен осип.
* Пациентите имаат тенденција да бидат заразни околу четири дена пред појавата на осипот до четири дена по нејзиното избивање.
* Малите сипаници се најсмртоносни кај децата под пет години. Децата кои се недоволно исхранети, дефицитарни со витамин А или кои имаат имунолошки нарушувања, како што се ХИВ/СИДА, се најранливи.
* Вообичаените компликации вклучуваат пневмонија, дијареа, отитис и ангина.
* Во ретки случаи, малите сипаници може да предизвикаат оток на мозокот, што може да резулира до губење на слухот и интелектуална попреченост.
* Светската здравствена организација препорачува децата да бидат вакцинирани двапати. Времето кога се даваат дозите варира во зависност од земјата, но првата обично се дава на 12 месеци.
* Ако најголем дел од популацијата е вакцинирана, морбилите многу потешко се шират, што значи дека дури и оние кои не биле вакцинирани се заштитени бидејќи вирусот не циркулира во заедницата. Ова е познато како имунитет на стадо.
Извори: СЗО, Центри за контрола на болести и превенција во САД, Центар за надзор и контрола на заразни болести во Романија

Вакцинацијата против мали сипаници за првпат била воведена во Романија во 1979 година, но дури во 2004 година комбинираната вакцина станала дел од бесплатната национална програма за имунизација. Една година подоцна, била додадена и втората доза на МПР. Нормално, децата се вакцинираат на возраст од една и пет години.

Стапката на вакцинација со МПР во 2007 година изнесувала 97 проценти за првата доза и 96 проценти за втората, што е повеќе од минимумот од 95 проценти што е препорачан од страна на СЗО за да се задржи ширењето на вирусот на мали сипаници.

Но, до 2016 година тие паднале на околу 86 отсто за првата доза и 67 отсто за втората, кога се појавила најновата епидемија, покажуваат податоците од Министерството за здравство.

Оваа бројка е веројатно дури и пониска за припадниците на ромската заедница, второ по големина етничко малцинство во Романија, по Унгарците.

Според студијата на УНИЦЕФ и неколку други организации од 2012 година, 45 проценти од ромските деца не ги добиле сите вакцини според националната програма за имунизација.

Здравствените работници во заедницата велат дека ромските семејства се отсечени заради околностите или по сопствен избор. Некои не се регистрирани кај лекарите затоа што немаат документи за идентификација. Други имаат патувачки начин на живот.

Дискриминацијата е исто така фактор. Според студијата на СЗО за 2013 година, „согледаниот низок квалитет на интеракција со лекарите претставува главна пречка [за Ромите] да побараат медицинска помош”.

Студијата открила спектар на дискриминаторски практики од страна на здравствените служби, вклучувајќи и користење на навредлив јазик, ограничен физички контакт за време на медицинските прегледи и сегрегација во породилиштата.

Според здравствените власти, најновата епидемија на сипаници прво се појавила во една ромска заедница, околу селото Ретеаг  во северна Романија.

Ромите од Ретеаг  се релативно просперитетни. Куќите тука се големи и нови. Некои имаат порти украсени со статуи со лав.

Многу деца имаат италијански имиња: Рикардо, Франческа, Матео или Зоро. Градоначалникот Василе Кокос објаснил дека жителите голем дел од годината поминуваат во Италија, модел на миграција што датира од падот на комунизмот во 1989 година.

Ромите трговци од селото обично патуваат во Неапол за да купат облека и предмети за домаќинството, кои ги продаваат во други делови на Италија.

По една таква посета, две ромски деца, на возраст од 7 и 9 години, фатиле мали сипаници и ги донеле во Романија, во јануари 2016 година.

Здравствените работници знаат дека вирусот потекнува од Италија поради неговиот индикатор Б3. Доколку започнал во Романија, би го носел генетскиот отпечаток на Д4, како и кај претходните епидемии.

Во Ретеаг, многу родители ги однеле своите деца во Италија пред да бидат доволно стари за вакцинирање, вели Михаела Катана, медицинска сестра која претставува посредник помеѓу локалниот семеен лекар и ромската заедница.

„Сè уште постои ваквата миграција […] Се плашам од други болести, како полио, со уште поопасни последици”, вели таа.

Ана Лингурар (56) им помогнала на две од нејзините осум внучиња да закрепнат откако се вратиле од Италија со мали сипаници. Момчињата не биле вакцинирани, веројатно затоа што биле во странство кога требало да ја примат вакцината, вели таа.

„Во Италија, ако не сте на списокот на семејниот лекар, тие не се заинтересирани за вашето дете”, вели таа.

Романскиот епидемиолог Адриана Пистол се фаќа за глава од фрустрација. Пистол ја предвиде романската криза со морбили, но вели дека нејзините напори да се вклучи алармот не наишле на одзив. Фото: Тудор Винтилоу

„Тоа не е приоритет“ 

До август 2016 година, случаи на мали сипаници биле пријавени во повеќе од половина од земјата, заразувајќи луѓе од сите етнички групи, како богати, така и сиромашни.

Ништо од ова не било изненадувачки за Адриана Пистол од Центарот за надзор и контрола на заразни болести.

Во 2015 година, таа забележала алармантно намалување и нееднаква вакцинација. На пример, само половина од децата во западниот округ Тимиш, каде што живеат околу 700.000 луѓе, ја добиле првата МПР  вакцина, покажале податоците од локалните здравствени власти.

Таа ја пренела својата загриженост во министерството за здравство, предупредувајќи за епидемијата што следува.

„Да речеме дека епидемијата доаѓа: ако имате деца, одете и вакцинирајте ги”, се присетува што им рекла тогаш. „Кажете нешто, по ѓаволите! […] Тоа не е приоритет. На многу полиња работиме како пожарникари. Преземаме нешто само кога ќе почне да гори”.

До јануари 2017 година, кога бројот на починати во Романија стигнал до 10, владата ги повикала родителите да ги вакцинираат своите деца. Министерството за здравство, исто така, еден месец претходно одлучило да воведе дополнителна МПР вакцина за бебињата на возраст од девет месеци како привремена кризна мерка.

Но, многумина кои дошле кај семејните лекари биле одбиени.

Матичните доктори бараат значително поголема количина вакцини од фактички доставениот број вакцини / Инфографик: Сорина Василеску

Матичните доктори бараат значително поголема количина вакцини од фактички доставениот број вакцини / Инфографик: Сорина Василеску

Податоците од министерството за здравство покажале дека во април 2017 година, биле достапни околу 36.000 МПР вакцини на национално ниво, четири пати помалку отколку во истиот месец претходната година.

Фрустрираните лекари велат дека владата задоцнила со нарачување дополнителни резерви.

Далида Мосореску, матичен лекар во јужниот град Крајова, изјавила во јули дека два месеца ја чекала испораката на МПР вакцини- дури и кога Министерството за здравство ги уверувало граѓаните дека има залихи.

„Некои пациенти сфатија дека ги немам”, вели таа. „Но, јас не ги пиев вакцините ниту пак си ги инјектирав во себе. Некои беа лути: “Еј, госпоѓо, видов на телевизија [дека вакцините се достапни]. Зошто не ни ја дадете?”

Нејзиното искуство не било необично. Податоците добиени од локалните здравствени власти покажале дека во округот Долж, чиј главен град е Крајова, лекарите добиле само 20 од 4.102 вакцини што ги побарале во април. И во другите месеци имало екстремни недостатоци.

Состојба со резерите на вакцини во Романија / Инфографик: Сорина Василеску

Состојба со резерите на вакцини во Романија / Инфографик: Сорина Василеску

Портпаролот на Управата за јавно здравство на Долж изјавил дека нема точни информации за причината за недостатоците.

Во меѓувреме, извештајот на министерството за здравство покажал дека до крајот на јули, повеќе од 224.000 деца на возраст од девет месеци до девет години не биле вакцинирани против мали сипаници низ целата земја. Во извештајот се нагласува дека властите немале доволно резерви и буџет за да се справат со епидемијата.

„Ако сте се појавиле во локалната амбуланта и ако сакате да го вакцинирате вашето дете, а вакцина нема, помала е веројатноста дека ќе се вратите следната недела”, вели Роб Батлер, европски програмски менаџер за болести кои може да се спречат со вакцини во СЗО.

Политичката нестабилност дополнително го влошила проблемот. Од крајот на 2015 година, на власт во Романија била техничка влада по оставката на тогашниот премиер поради револтот во јавноста како резултат на пожарот кој избил во еден ноќен клуб и однел неколку жртви.

По парламентарните избори во јануари, и изборот на влада предводена од социјалдемократите, новиот министер за здравство, Флоријан Бодог, го критикувал неговиот технички претходник Влад Воикулеску, поради тоа што зад себе, според неговите зборови, оставил „катастрофа” во однос на залихите со вакцини.

Воикулеску ја бранел својата позиција, велејќи дека залихите со вакцини биле соодветни кога тој го напуштил министерството.

Бодог го одбил барањето за интервју, но од Министерството за здравство одговориле на неколку прашања. Министерството објавило дека немало недостаток на вакцина против МПР помеѓу 2015 и 2017 година, но дека новата дополнителна вакцина за деветмесечните бебиња и кампањите извршиле дополнителен притисок врз снабдувањето.

Поранешниот технократ, Воикулеску, изјавил за БИРН дека откако залихите со вакцини паднале под одредено ниво, министерството требало да се бори за да добие повеќе. „Тоа е проблем на менаџментот”, вели тој.

Залихите со МПР вакцините конечно се стабилизирале, но дури откако владата потпишала нов договор со добавувачот на почетокот од јули.

Според статистичките податоци од министерството за здравство, во јули биле достапни 338.445 дози, во споредба со 116.193 во истиот месец претходната година и 227.250 во јули 2015 година.

Дита Депнер, јавна личност во Романија која е против вакцините, се сомнева во науката зад вакцинацијата. Фото: Тудор Винтилоу

Вознемиреност меѓу оние кои се против вакцинација

Владата турка закон за вакцините да бидат задолжителни. Ако нацрт-законот биде усвоен од парламентот би можел да стапи на сила во 2018 година.

Овој потег наишол на скепса од страна на оние кои се против вакцините. Во август околу 200 родители кои се против вакцините протестирале во Букурешт. На еден од транспарентите пишувало: „Задолжителна вакцинација е задолжителна смрт!” Дополнителни протести следеле во текот на есента за време на парламентарните дебати за новиот закон.

Некои од овие родители се загрижени дека МПР  вакцините може да предизвикаат аутизам, страв што произлегува од долго дискредитираните истражувања од страна на еден дискредитиран поранешен британски лекар.

За Дита Депнер, добро познат борец против вакцините од Брашов, град во централна Романија, виновна е самата наука што стои зад вакцинацијата.

Таа е мајка на едно момче и девојче, и двајцата невакцинирани, држи курсеви за природно раѓање и верува дека болестите имаат емоционални причини.

Оваа лудост со малите сипаници и „епидемиите“ е само измислица

Дита Депнер, борец против вакцините

„Треска значи голем внатрешен гнев”, вели таа, носејќи голем сребрен медалјон додека седи во паркот.

Депнер е убедена дека случаите на морбили пријавени во Брашов биле фабрикувани за да ги исплашат луѓето да ги вакцинираат своите деца.

„Оваа лудост со малите сипаници и „епидемии” е само измислица”, вели таа.

Но, додека движењето против вакцините е гласно, бројот на неговите поборници не го објаснува целосно падот во стапката на вакцинација во текот на изминатата деценија.

Во февруари, Центарот за надзор и контрола на заразни болести во Романија спроведе студија на повеќе од 15.000 деца на возраст од 18 месеци што разјасни зошто некои од нив не биле вакцинирани.

За 3.690 деца кои не биле соодветно вакцинирани, речиси една четвртина од испитаниците, близу девет отсто родителите изјавиле дека се против вакцинација, особено МПР.

Тоа беше само малку повеќе од бројот на деца кои биле надвор од земјата, кога било време да примат вакцина – и помалку од оние 13,6 проценти кои биле советувани од лекарите да не се вакцинираат заради медицински причини.

Далеку најголемата група – околу 42 отсто – едноставно „не се појавиле на лекар”, што укажува на можна рамнодушност кон вакцините или недоверба во здравствените услуги.

Само мал процент на нереализираната вакцинација е последица на одбивање. Најчесто вакцинацијата не се реализира поради непојавување на лекар, здравствени приини или недостаток на вакцини / Инфографик: Сорина Василеску

Само мал процент на нереализираната вакцинација е последица на одбивање. Најчесто вакцинацијата не се реализира поради непојавување на лекар, здравствени приини или недостаток на вакцини / Инфографик: Сорина Василеску

Повеќето лица хоспитализирани со мали сипаници во Брашов биле од ромската заедница што живее во селото Жижин на 20 километри од градот, каде што локалниот лекар Јан Бадан проценува дека половина од децата родени во изминативе години не се вакцинирани.

Периферијата на Жижин е полна со калливи улици и трошни куќи со дворови полни ѓубре.

Некои од жителите на Жижин имале свои теории за потеклото на малите сипаници.

„Таквите работи доаѓаат од ѓубрето”, изјавил Константин Отелас, истетовиран локален советник кој не бил сигурен дали некое од неговите девет деца било вакцинирано.

Еден млад човек рекол оти мисли дека вирусот бил „фрлен од авион”.

Марчела Тарану (20) вели дека нејзината невакцинирана шестгодишна ќерка фатила мали сипаници две недели претходно. Таа вели дека се обидела да го вакцинира девојчето извесно време пред да се појави кризата со мали сипаници, но им било кажано дека нема вакцини.

Зборувајќи пред нејзината еднособна дрвена колиба, таа нема многу доверба во напорите за вакцинација на здравствените власти.

„Не го разбирам тоа”, вели таа. „Некои ја направиле оваа вакцина, но децата од оваа „циганска земја” сепак се разболеле”.

Марчела Тарану вели дека не ја вакцинирала нејзината ќерка бидејќи немало вакцини. Фото: Тудор Винтилоу

„Потребен е само еден случај”

Неуспехот на Романија да го спречи ширењето на вирусот овозможил да се прошири во странство, но само на места каде имало плодна почва, велат здравствените експерти.

Властите во Унгарија стравуваа дека морбилите може да се рашират преку романската граница претходно оваа година, кога 29 случаи биле пријавени на југоистокот од државата.

Една неодамнешна епидемија во Србија предизвика слични проблеми, иако властите се повеќе загрижени за случаите кои доаѓаат од Косово, кое се бори со најголемиот раст на мали сипаници откако завршил конфликтот во 1999 година.

Епидемиологот Предраг Кон од белградскиот Институт за јавно здравје вели дека иако вирусот пронајден во Србија го има истиот Б3 генотип како и во Романија, властите немале потврда дека случаите доаѓаат од другата страна на границата.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, девет земји од ЕУ откриле 104 случаи на мали сипаници кои се веројатно поврзани со Романија во годината што му претходела на февруари 2017: Австрија, Чешка, Франција, Германија, Ирска, Италија, Шпанија, Велика Британија и Белгија.

„Потребен е само еден случај за да се појави епидемија, за вирусот да влезе во заедница која не е заштитена”, вели Реми Деместеер, специјалист за заразни болести во болницата „Марија Кири“ во белгискиот град Шарлероа.

„Не ви се потребни илегални емигранти за да ги донесат болестите со нив. Секој може да биде носител на патоген агенс [вирус или бактерија]”.

Шарлероа, еден од најголемите градови во француската покраина Валонија во јужна Белгија, се нашол во центарот на епидемијата на мали сипаници, која започнала во декември минатата година и инфицирала речиси 300 лица.

Почетокот на епидемијата водел до невакциниран Романец кој живеел во Белгија. Тој ја донел болеста по посетата на роднините во Романија, вели Карол Ширвел, раководителка на Одделот за надзор на заразни болести на Валонија.

Вирусот брзо се раширил меѓу роднините, пријателите и соседите.

Ширвел рекла дека многу од погодените биле од романски или српски ромски заедници кои живееле во регионот, кои се провлекле низ здравствениот систем во Белгија, бидејќи патувале или не ги носеле своите деца во училиште.

Некои од нив не се регистрирани кај лекарите, бидејќи завршиле директно во одделенијата за итни случаи, заразувајќи и други. Само вакцината против детска парализа е задолжителна во Белгија, иако градинките во Валонија бараат од родителите да им дадат на своите деца вакцини и за други болести, вклучувајќи мали сипаници.

„За три или четири недели, сè експлодирало”, изјавила Ширвел.

Не ви се потребни илегални емигранти за да ги донесат болестите со нив. Секој може да биде носител на патоген агенс

Реми Деместеер, специјалист за заразни болести

Дури и здравствените работници се разболеле, што било 12 проценти од случаите, иако немало жртви. Малите сипаници во Белгија станале толку ретки што некои лекари не успеале да го препознаат тоа, одложувајќи го поставувањето на вистинска дијагноза.

Во Италија имаше најлоша епидемија на сипаници по Романија, со 4.794 случаи – вклучувајќи четири смртни случаи – до почетокот на ноември оваа година.

Епидемиологот Адриана Пистол опиша еден вид „размена на вируси” во кој сипаниците потекнале од Италија, а потоа Романците донеле нови случаи назад во Италија.

Но, за Џовани Реца, директор на Одделот за инфективни болести во италијанскиот Национален институт за здравство во Рим, епидемијата била проблем на превенција, а не на миграција.

Покриеноста со вакцината против мали сипаници во Италија била околу 87 проценти во 2016 година, според Министерството за здравство. Во регионот Јужен Тирол кој се граничи со Австрија и Швајцарија, тој изнесувал само 67 отсто.

Оваа болест несразмерно ги зафатила адолесцентите и возрасните, како одраз на ниското вакцинирање во годините по воведувањето на вакцинацијата во Италија во 1976 година, велат од италијанскиот национален институт за здравство.

Истражувањата на институтот, исто така, покажуваат дека ромското население во Италија не е особено погодено, за разлика од минатите епидемии.

Големо изненадување било тоа што здравствените работници – повеќе од 300 од нив – ја фатиле оваа болест.

Една студија објавена во март од страна на Универзитетот Сапиенца во Рим покажала дека само 38 отсто од анкетираниот медицински персонал во и околу Рим мислат дека вакцините против морбили треба да бидат задолжителни за здравствените работници.

Резултатите го налутиле Џузепе Ла Торе, кој ја спровел студијата.

„Ако сте педијатар, лекар или медицинска сестра и работите во единиците за интензивна нега, во одделение за интензивна неонатална нега, мора да бидете вакцинирани против сè”, вели тој.

Како одговор на епидемијата, владата воведе ново законодавство, усвоено од парламентот во јули, со што е задолжително децата да бидат вакцинирани против 10 болести, вклучувајќи мали сипаници, пред да тргнат на училиште и градинка.

Флорентина Маркусан ја листа медицинската документација во домот на нејзините родители во Дубести. Фото: Тудор Винтилоу

Во Романија, можноста за задолжителни вакцинации не ѝ помага многу на Флорентина Маркусан, мајката која ја изгубила својата ќерка, Карла, заради малите сипаници.

Понекогаш таа ноќе оди на гробот на Карла со болна желба да биде со неа. Во други моменти вели дека се моли да заспие и да не се разбуди повторно.

Таа вели дека дознала за опасноста од мали сипаници откако било предоцна.

„Ако јас не знаев, други требаа да знаат”.

Октавијан Коман е фриленсер со седиште во Букурешт. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската истражувачкa репортерска мрежа.