Анализи

Фејсбук-држава и институции на туркање

Неопходни „граѓанските дежурства“ врз работата на институциите

  • 12
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Бруталноста од страна на полициски службеници врз граѓани Роми, што ја видовме вчера во видеото на социјалните мрежи, е за најсилна осуда“. Оваа изјава осамна на профилот на премиерот Зоран Заев еден ден откако се појави видео во кое се гледа како полицајци претепуваат граѓанин од Битола. 

Содржините што ги постави невладината организација „Аваја“ имаа над илјада споделувања и предизвика голем број остри реакции, па го привлекоа вниманието и на премиерот, но и на полициската внатрешна контрола која, како што соопшти „веднаш ги идентификувала учесниците во инцидентот“. 

Случаите кога властите се ангажирале или кога институциите си ја завршиле работата откако биле „поттурнати“ од медиумски објави или од споделувања на социјалните мрежи станаа многу чести во изминатите години. Еден од најочигледните примери беше веќе фамозната дивоградба пред трговскиот центар „Мавровка“.

Со месеци овој случај се влечкаше со неразбирливи потези на институциите (непознат бил градителот, фирмите не се јавувале на тендерот за рушење итн.), но јавниот притисок во ниту еден момент не попушти. Така, стравувањата дека дивоградбата ќе биде заборавено чудо за три дена, по принципот на многу други, останаа затрупани под купот прашина и арматура на 3 септември.

Често се случува и спротивното, властите, државни и локални, да отповикаат одлуки откако ќе се соочат со негодувања на интернет и на социјалните мрежи. Еден од попознатите примери во изминатиот период беше повлекувањето на предлог-законот за јавни собири во ноември лани, со кој се забрануваа протести пред државни институции и други објекти, се зголемуваше прагот за учество на минимум 50 присутни и се воведуваа други ограничувања.

Преку официјалната интернет-страница, Владата соопшти дека ги послушала забелешките и го запрела донесувањето на овој закон.

Како што објаснува Миша Поповиќ, постар истражувач од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје, тоа покажува дека институциите немаат секогаш сериозна анализа за одлуките што ги носат.

„Па, затоа прават чекор назад по првиот бран реакции“, вели Поповиќ за БИРН.

Интернет-притисокот открива поголема слика за институциите

Објавата на „Аваја“ предизвика силни реакции кај граѓаните и брза реакција на институциите | Фото: Фејсбук

Во раната фаза од својот прв мандат, во септември 2017 година, кога се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации, премиерот Зоран Заев рече: „Ние сакаме да ги слушаме граѓаните и да воспоставиме механизми за континуирана консултација со владата, нашите министерства и агенции“.

Оваа негова изјава, оттогаш во разни варијации повторена повеќепати, дојде по долг период на игнорирања на граѓанските реакции за работата (или во некои случаи за неработењето) на владата на Груевски, за која носењето или повлекувањето одлуки поради јавни реакции беше речиси непознато.

Сепак, ретко кој очекуваше дека тоа ќе отиде во друга крајност, во која институциите мора да се стават под јавен притисок за да си ги извршат основните обврски во многу случаи.

Најчестите примери на притисок на институциите преку социјалните мрежи и медиумите се во врска со комуналните проблеми. 

Неполни 24 часа поминаа од поставеното прашање за сметот и високите треви пред Универзитетската библиотека во Скопје, до претворање на платото пред НУБ во чисто и уредно место.  Иако од библиотеката одговорија за БИРН дека  тие „не се надлежни за одржување на просторот, туку јавното претпријатие Паркови и зеленило “, плановите за работа на претпријатието волшебно се совпаднаа со прашањето на нашата редакција. 

Просторот пред Универзитетската библиотека пред и по прашањето на БИРН | Фото: БИРН

Минатата година, кога немаше пандемија и државните празници можеа да се прославуваат со публика, со ѓубре беше сардисан Мечкин Камен, едно од најзначајните места во македонската историја, и тоа веднаш по прославата на Илинден. Беше исчистено по објавите на Фејсбук. Во слична „постапка“ се исчистени депонии со градежен шут во Тафталиџе, депонија во селото Сопотница во Демир Хисар, дури и ѓубриште на приватен имот, на поранешниот полигон за мали спортови во Охрид, каде што, освен комунални служби, требало да излезе и инспекција.

Фејсбук-притисокот стана толкав инструмент за решавање комунални проблеми, што актерката Ирена Ристиќ, предводник на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, добива стотици пораки за неуредени простори за да ги „популаризира“ на интернет и да поттикне или акција за чистење или реакција од комуналните претпријатија.

Како што напиша на својот профил, таа воопшто не сакала да стане фактор во подобрувањето на чистотата во земјава, но станала активна во овие области само затоа што гледала колку „хорор“ и „некадарност“ имало насекаде. Затоа им порача на надлежните да не ја викаат на состаноци, туку да си ги решат проблемите.

„Тоа што луѓето се навикнале мене да ми праќаат слики и видеа од нечија незавршена работа, зборува само за себе до кај сме стасале. Праќаат луѓето и до соодветните институции, но одговор, или стасува предоцна, или никогаш“, напишува на својот профил актерката.

Подобро е „граѓанските дежурства“ да не се потребни

Социјалните мрежи го раздрмаа, а механизацијата го докрајчи објектот кај Мавровка | Фото: БИРН

Популаризирањето на проблемите на социјалните мрежи и во медиумите е инструмент за институционална реакција и за многу поголеми животни прашања.

Иако социјалните служби во градот биле запознаени со случајот на 11-годишниот Илче со церебрална парализа напуштено од родителите, помошта за детето доаѓа дури откако сторијата по алармот на загрижениот сосед излезе во медиумите и доби големо внимание на социјалните мрежи. По реакцијата и интервенцијата на министерот за здравство, Венко Филипче, детето е хоспитализирано, а потоа и префрлено во групен дом.

 Темите што доминираат на социјалните мрежи, не само што завршуваат и во првите минути на ударните вести, туку сè почесто ја диктираат агендата и на главните политички партии. Па, се случува за одредена појава да реагираат и власта и опозицијата, понекогаш со исти барања.

Таков е примерот со преиспитување на пресудата за сообраќајката кај Млечен ресторан од пред две години, во која возачот што усмрти моторциклист со неправилно свртување доби условна казна. Иако условните казни се многу чести во судските одлуки за сообраќајни несреќи со смртни последици, тие речиси никогаш не се наоѓаат на репертоарот на политичките партии.

Институциите почнуваме да ги учиме дека треба да седат и да чекаат додека не се разгори дебата, за тие да го откријат и да го решат проблемот

Оваа беше исклучок, откако сопругата на жртвата, Наташа Димитриевска, и самата повредена во настанот, ја објави пресудата од која се скандализираа голем број граѓани, прашувајќи колку вреди човечкиот живот во судската пракса.

Воспоставувањето на ваквата пракса во односот меѓу институциите и граѓаните за кратко време се претвора од полезно во проблематично, вели Миша Поповиќ. Како што додава тој, граѓаните, иако имаат право да ги контролираат институциите за извршувањето на основните функции, тоа не е нивна должност и им претставува товар.

„Со тоа, институциите почнуваме да ги учиме дека треба да седат и да чекаат додека не се разгори дебата, за тие да го откријат и да го решат проблемот“, вели Поповиќ.

Истото важи и за вклученоста на граѓаните во процесот на донесување одлуки, односно во процесот на повлекување донесени одлуки, што се овозможи со лесната достапност на каналите за комуникација со властите.

Во изминативе години, социјалните мрежи, меѓу другото, „го сменија“ Дарко Лешоски од функцијата претседател на управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, „го разрешија“ Александар Донев од директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и „го отстранија“ Џезаир Шаќири од советничкиот тим на Заев.

Може да има дебата за соодветноста на некој новопоставен директор, но таа ќе се разгори ако лицето ѝ е на некој начин познато на јавноста

Според Поповиќ, овде постои ризик корективната улога на граѓаните да се сведе на реакции за тоа што им е познато, но што не е неопходно важно. На пример, речиси и да не се расправа за директорите на водоснабдителните или на енергетските претпријатија, кои вршат витални функции. Податоците на Институтот покажаа дека во управните одбори на овие претпријатија често се назначуваат луѓе со несоодветно образование и стручна подготовка.

„Може да има дебата за соодветноста на некој новопоставен директор, но таа ќе се разгори ако лицето ѝ е на некој начин познато на јавноста. Доколку не е, реакции и дебата може да изостанат, без разлика што лицето управува со многу важна институција“, нагласува Поповиќ.

Таков е примерот со првото именување  во 2017 на Љупчо Зиков за директор за во МЕПСО од кое тој се откажа поради „многу пизма и зли мисли“. Две години подоцна, неговото повторно именување не предизвика реакции. Зиков во моментов ја извршува функцијата.

Освен во кадровските прашања, социјалните мрежи учествувале и во носење материјални одлуки. Тие издејствуваа да се забрани увоз на РДФ отпад, да се демонтира панорамскиот лифт на Градскиот трговски центар, да се повлечат проекти од Фондот за иновации поради семејни врски на добитниците со актуелни функционери, да се променат најавите за изградба на нова Универзална сала и изградба на отворена сцена на местото на сегашната итн.

Преку изјавите на Заев, власта се обидува да го претстави сето тоа како позитивен тренд, но, како што вели Поповиќ, „замислете дека можете да избирате да живеете помеѓу земја што ги решава проблемите пред тие да стигнат на Фејсбук, или земја што ги решава откако ќе се популаризираат“.

„Сите ќе ја одберат првата.“