Анализи

Случајот „Таргет-Тврдина“ на брза пруга

За Мијалков набргу застарува едно од делата за прислушувањето

Пет и пол години по првата бомба на Зоран Заев и три месеци по политичкиот погреб на СЈО, судска разрешница за скандалот со прислушувањето нема, но предметот добива забрзана динамика на судење. Крунскиот предмет на згаснатото обвинителство, „мајката“ на сите предмети, поради кој и беше формирана оваа институција, овие денови повторно е во фокусот на јавноста.

На ред стигнаа сведочењата на новинарите, политичарите и бизнисмените што биле прислушувани.

Предметот што го носи судското бројче КОК-47/17, што значи дека e 47-ми по ред предмет за организиран криминал заведен во судот пред три години, за разлика од претходно, кога рочиштата со месеци се одлагаа или траеја кратко, добива акцелерација.

Во бројки, тоа се 40-тина сведоци за месец септември и шест закажани рочишта во октомври. Со оваа динамика на судење, реално е да се очекува дека до крајот на 2020 може да има првостепена пресуда за скандалот со масовното прислушување.

А претходно, во периодот од ноември 2016 до ноември 2018 година, за овој предмет биле одложени дури 60 отсто од рочиштата. Податокот е од вториот извештај на ОБСЕ за мониторингот на случаите на СЈО.

Од бавно до забрзано темпо на судење

„Таргет-Тврдина“ беше едно од најбавните судења | Фото: БИРН

За скандалот со прислушувањето, обвинети се вкупно 12 лица, поранешниот директор на Управата за разузнавање и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и уште десет други вработени во УБК.

Обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, за да го избегнат притворот во овој случај, избегаа во Грција, која, пак, одби да ги екстрадира во Македонија врз основа на амнестијата на преседателот Ѓорге Иванов. Ним им се суди во отсуство. Во случајот веќе има и пресуда. Една од обвинетите призна вина како помагач уште пред да почне судењето и беше осудена на условна казна затвор.

Историјата за овој случај почнува со спојувањето на двете истраги „Таргет“ за незаконското прислушување и „Тврдина“ за уништувањето на опремата користена за таа цел во едно обвинение, кое до судот беше поднесено во јуни 2017 година. Првото судење се одржа половина година подоцна, но по новиот годишен распоред на судот почна одново во јануари 2018 година.

Од тогаш, цели пет месеци обвинетите и обвинителите доаѓаа на 15 минути до судот само за да ги одложат рочиштата, бидејќи судиите одлучија да ја чекааат одлуката на Врховниот суд во Атина за екстрадицијата на Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Одлуката да не се дозволи екстрадиција на двајцата обвинети, грчкиот суд ја донесе во мај 2018.

Во предметот први сведочеа клучните сведоци: укажувачот Ѓорѓи Лазаревски, неговиот колега Звонко Костовски, ексразузнавачот Зоран Верушевски, премиерот Зоран Заев…

Застарува едно од делата за Мијалков

Наместо за три, на Мијалков извесно е дека ќе му се суди за две дела | Фото: БИРН

Во февруари 2021 година застарува едно од трите дела за кои во овој случај е обвинет ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков. Станува збор за делото примање награда за противзаконско влијание, за што е предвидена казна затвор до три години.

Под претпоставка, судењето во прв степен да заврши до крајот на годината, додека второстепениот суд да закаже седница и да одлучи, што е тешко да се случи до февруари в година, извесно е дека за поранешниот шеф на УБК, ова дело ќе застари.

Сепак, Мијалков и натаму ќе остане на обвинителна клупа, но, наместо за три, ќе му се суди за две дела: злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување, за кои се предвидени подолги рокови на застареност. Но, ова директно би ја намалило и вкупната казна во случај поранешниот шеф на тајната полиција да биде осуден.

За Мијалков, кој во последно време стана активен на социјалните мрежи откако отвори фан-страница, покрај овој случај, има активни уште три предмети: „Tрезор“, „Тортура“ и „Титаник 2“.

Мијалков во последниот беше осуден на тригодишна затворска казна, но Апелација ја укина пресудата и предметот го врати на почеток. Другите два почнаа од почеток поради смена на поротничка односно поради протек на 90 дена без одржано рочиште.

Очи в очи со обвинетите за прислушувањето

Сведочењето на новинарите и функционерите траеше неполни четири часа | Фото: БИРН

Вторник, 22 септември, 11.30 часот. Половина час пред почетокот на судењето за случајот „Таргет-Тврдина“, пред Кривичниот суд почнаа да се позиционираат снимателите и фоторепортерите. Пристигнаа и новинарите. Вообичаено тие ги чекаат обвинетите и сведоците, но сега најголемиот дел од нив беа во својство и на сведоци и на оштетени.

Точно напладне, пред судницата број 1 речиси и да немаше слободно место. Покрај 13 новинари, поканети беа и брачната двојка Ременски, екс министерот Горан Сугарески и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Пред судницата веќе беа обвинетите вработени во УБК со своите адвокати. Во 12 часот се појави и екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, со обезбедувањето и се поздрави со некои од новинарите.

Истрагата за „Странски служби“ засега без епилог

СЈО во декември 2017 година отвори истрага против Горан Грујевски и уште едно лице, кои ги осомничи дека спротивно на Законот за јавни набавки ѝ доделиле тендер на странска фирма, која со извештај потврдила дека на подрачјето на Скопје се регистрирани двојни базни станици за прислушување.

Судењето почна речиси една час подоцна, бидејќи се чекаше од третиот кат да се симне екс министерката Јанкулоска, која беше на судење за друг случај, процесот „Титаник“. Нејзинот адвокат побара судот да ја сослуша како оштетена.

Сослушувањето на новинарите почна во 13 часот и со паузи заврши во 17.20 минути. Еден по еден одговараа во просек на три кратки прашања од обвинителката Ленче Ристоска. Сведоците беа на само десетина метри од обвинетите за прислушувањето. Потврдија дека дознале дека се прислушувани од папките што ги подели тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев. Рекоа дека се чувствуваат професионално оштетени, а некои и лично поради што побараа отштета.

Ниту обвинетите, ниту нивните адвокати не беа заинтересирани да им поставуваат прашања на новинарите. Напротив. Еден од адвокатите на Мијалков, Љупчо Шврговски, реагираше дека некои од новинарите излегуваат надвор од прашањата.

Екс министерката за внатрешни работи, Јанкулоска, пак, речиси за целото судење го проверуваше мобилниот телефон, а Мијалков фаќаше прибелешки.

Затворска и условни казни за уништувањето на списите за прислушувањето

Во предметот „Тврдина 2“, за уништувањето на списите од прислушувањето, Горан Грујевски беше осуден на 1,5 година затвор, а условни казни добија службеничките во УБК.

За време на едно од сведочењата, вработена во судот алармираше дека судската камера престанала да снима. Судот даде пауза за да го пронајдат техничарот што требаше да ја промени мемориската картичка.

Прв сведочеше екс министерот за транспорт, Горан Сугарески, а последна новинарката Оливера Трајковска.

„Папката од СДСМ ја чувам во истата фиока каде што ми стојат килотите“, им рече Трајковска на присутните, кои веќе беа уморни од слушањето на новинарските искуства со прислушувањето и појасни дека има информации дека за неа има над 15 илјади телефонски разговори.

„Сум ја потврдила автентичноста, но не сум ги слушнала“, дополни Трајковска.

Судот закажа ново рочиште на крајот од септември, на кое, меѓу другите, поканети да сведочат се директорот на Комерцијална банка, Хари Костов, Игор Ивановски, екс директорот на БЈБ, Бранко Бојчевски, екс разузнавачот Слободан Богоевски и други.

Како изгледала шемата за прислушувањето

Сведочеа новинарите Орданоски, Секулоска и Костова | Фото: БИРН

Со обвинението, СЈО тврди дека поранешниот директор на УБК, Мијалков, формирал злосторничко здружување за да прислушува и со тоа да добива информации од новинари, политичари, бизнисмени и други, со што стекнал политичка и деловна корист.

Екс началникот на петтата управа во УБК, Грујевски, и шефицата на оперативното одделение, Надица Николиќ, се обвинети како соосновачи на злосторничкото здружување.

Мијалков, Грујевски и Николиќ им наложувале на хиерархиски потчинетите да внесуваат телефонски броеви во системите за прислушување (Vernit, Nice Track и IPS62) за да ги следат комуникациите во УБК. Службениците што сега се обвинети ги транскрибирале разговорите, а транскриптите му ги предавале на Грујевски.

Во февруари 2015 година, по објавувањето на прислушуваните разговори, Грујевски и Мијалков се обиделе да го скријат фактот дека незаконското прислушување се одвивало во УБК.

Мијалков му наредил на Грујевски да ги уништи системите за следење Vernit и Nice Track, во време кога вториот систем уште бил во употреба. Грујевски и шефот на одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, формирале комисија за да ја уништи наводно застарената и нефункционална опрема без постоење какви било законски основи.

Екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е обвинета дека тоа го одобрила. Со уништувањето на опремата за следење на комуникациите му била нанесена штета на буџетот од приближно 1,4 милиони евра.