Репортажи

Сведоштво за „бомбите“ од прва рака

Ѓорги Лазаревски, човекот кој помогнал да се извлечат прислушуваните материјали од УБК, вчера за првпат сведочеше пред суд

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Задоцни десетина минути, седна на средина од клупата залепена до ѕидот каде што обично чекаат сведоците и не се потпре. Така наведнат ги стави очилата и кусо го погледна мобилниот.

Судијката веднаш го повика, а Ѓорги Лазаревски полека се приближи до пултот и по пат собра една негазирана „пелистерка“ од масата каде што седеа обвинителите. Со поглед се разбра со познатите лица од СЈО дека е жеден.

Поминале 30 часа заедно кога Лазаревски давал исказ долг 36 страници за тоа како со колегата од УБК, Ѕвонко Костовски, ги ваделе прислушуваните разговори и му ги давале на поранешниот разузнавач Зоран Верушески.

Овие материјали завршија кај тогашната опозиција, која ги објавуваше како политички „бомби“.

Лазаревски застана зад пултот на околу два метри од клупата каде што седеа обвинетите. Таму на чело седеше Сашо Мијалков, а од страна стуткана покрај нејзиниот адвокат беше Гордана Јанкулоска.

Најзначајниот сведок

„Вие сте еден од најзначајните сведоци“, обвинителот Трајче Пеливанов го стартуваше испрашувањето.

Избегнувајќи ги погледите на сите во салата, тој почна со биографијата.

Раскажа како се вработил во тогашното ДБК и како брзо напредувал, меѓутоа формалната атмосфера во судницата се разби кога тој сосема намерно потенцираше дека првото унапредување го добил во времето на министерот Јордан Мијалков.

Новинарите побрзаа да го запишат насловот на првата вест од судењето, а Сашо Мијалков само рамнодушно го подигна погледот.

Сведочеше дека бил деградиран на ниво на почетник веднаш штом ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт во 2006, а бргу потоа почнале и неволјите со тогашниот прв човек на Петтата управа и негов претпоставен, Горан Грујевски.

Веднаш се забележа дека гневот на Лазаревски е повеќе насочен кон пребегнатиот Грујевски, а не толку кон Мијалков, со кого речиси и немал контакт во времето кога работел во УБК

„Имав впечаток дека од првиот ден бев изложен на мобинг и тоа не престана.“

Веднаш се забележа дека гневот на Лазаревски е повеќе насочен кон пребегнатиот Грујевски, а не толку кон Мијалков, со кого речиси и немал контакт во времето кога работел во УБК.

Горан Грујевски му пришол со совет да не се појавува пред новиот директор, оти тој не сакал да го види зошто претходно работел за непатриотската влада.

Тремата и циничната насмевка му се измешаа во цртите на лицето кога раскажуваше дека неговиот претпоставен, а сега бегалец од правдата, зборувал како тој е одговорен зошто во негово време почнале многу да се ограбуваат поштите.

За смеењето доби прекор од судиите.

Ова нетрпение ескалирало неколку години подоцна.

„Нешто чудно се случуваше“

Мијалков, во еден момент сосема спонтано влезе и во кус дијалог со Лазаревски | Фото: БИРН

„Уште тогаш самиот амбиент во Управата индицираше дека нешто чудно се случува.“

Играта на случајот сакала Ѓорѓи Лазаревски дел од новите работни задачи да ги извршува токму во собата каде што бил сместен системот за прислушување, кој се користел до 2008 година.

Таму просторот каде што работел и системот биле разделени само со параван.

„Првата година воопшто не ме интересираше што имаше зад преградата, не го ни погледнував системот.“

„Меѓутоа, цело време бев во друштво со луѓето што ја одржуваа опремата и забележав чудни реакции во неврзани муабети. Почна да ме копка, сакав да видам до кој степен е отидена работата.“

Иако претходно само еднаш ја преминал преградата и тоа откако претпоставените го пратиле да поправи некаков технички проблем, при крајот на 2008 решил да провери што има на компјутерот од другата страна.

Технички тоа не било проблем, имало мрежен кабел, на кој лесно можел да се приклучи, арно ама долго време се мислел и ја реализирал идејата непосредно пред да се повлече стариот систем.

Влегол со стариот пасворд, кој го знаел уште кога бил началник, и за пет минути ги извлекол таканаречените логови што откриваат кои од службениците наречени оператори, кој мобилен телефон го таргетирале.

„Првата година воопшто не ме интересираше што имаше зад преградата, не го ни погледнував системот.“

На крајот од 2008 успеал да извлече само список на мобилни телефони што биле прислушувани и по увидот заклучил дека најверојатно тие се нелегално следени.

„Имаше броеви на јавни личности, политичари од опозицијата и зачудувачки – бројот на министерот Миле Јанакиески“, раскажуваше Лазаревски додека во рацете го вртеше капачето од втората испразнета „пелистерка“.

Во тој момент не можел и не извлекол снимки и смс-пораки.

Тој забележал дека псевдонимите зад операторите се поклопуваат со имињата и функциите на службениците од УБК, па така меѓу нив ги нашол називите Г.Г. и Директор, за кои сметал дека се однесуваат на Горан Грујевски и на Сашо Мијалков.

„Овие оператори за разлика од другите беа комплетно сконцентрирани на нелегални таргети.“

Додека го слушаше сведочењето, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, ги носеше очилата и уредно фаќаше забелешки на бел лист хартија, повремено се консултираше со адвокатот и смирено дофрлаше.

„Тоа е на база на претпоставки“, полугласно ги коментираше исказите на Лазаревски дека имало нелегални таргети.

Мијалков, во еден момент сосема спонтано влезе и во кус дијалог со Лазаревски,  а на Јанкулоска гласот ѝ го слушавме само на паузите, кога на моменти дури пријателски разговараше со обвинителите од СЈО.

Анегдотата „Демир Хисар“ и упадот во А1

„Мислев на кого да пријавам, се советував. Никој не беше изненаден, ама и никој не ми даваше решение. Живеев две години со сознанието дека не можам ништо да докажам.“

Пресвртот се случил кога слушнал анегдота за снимен разговор меѓу тогашните министри Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска.

„Министерот, кој бил многу изнервиран, наводно рекол дека Груевски е за во Демир Хисар, алудирајќи дека е луд.“

Јасно му било дека оваа снимка не е легална и затоа го прашал Ѕвонко Костовски дали е вистина дека се прислушуваат двајцата министри.

„Ми рече нема кој не се прислушува!“

Кога разбрал дека министри се прислушуваат, Ѓорги Лазаревски сфатил дека работата отишла предалеку и решил нешто да направи. Го потсетил колегата Костовски дека ништо не направиле да ја спречат претходната афера „Големото уво“.

Клучниот момент кога и Ѓорги Лазаревски и Ѕвонко Костовски решиле дека ќе ги вадат аудиофајловите е упадот на полицијата во А1 телевизија, кој се случи неколку дена пред крајот на 2010 година

„Го чувствував тоа како дамка на мојата совест.“

Во меѓувреме, новиот систем за следење на комуникациите работел во полн ек, а тој немал никаков допир со опремата.

Повторно играта на случајот посакала да дели канцеларија каде што биле сместени луѓето што маркираат, оние што ги ставаат телефонските броеви во системот за следење.

Тие биле дискретни и не зборувале за работата, но никогаш не ги видел да дојдат во канцеларијата со официјален документ што личи на судска наредба.

„Доаѓаа со нешто напишано на оние ливчиња што ги викаат стикери во разни бои и го вклучуваа компјутерот за кој сите знаевме дека се користи за маркирање. Најчесто велеа дека наредбите им доаѓаат од Горан.“

Клучниот момент кога и Ѓорги Лазаревски и Ѕвонко Костовски решиле дека ќе ги вадат аудиофајловите е упадот на полицијата во А1 телевизија, кој се случи неколку дена пред крајот на 2010 година.

„Тоа беше главниот тригер.“

Тогаш по една случајна средба со Зоран Верушески, ексразузнавачот го посоветувал дека материјалите треба да се чуваат и да се анализираат.

„Вистинското вадење на материјалите следеше откако контактиравме со него.“

Шетале дивидиња по ходниците на УБК

Прво ваделе разговори на опозиционери, а потоа се сконцентрирале на актуелните функционери | Фото: БИРН

Ѕвонко Костовски бил технолошкиот лидер во УБК, тој ги подучувал раководителите што Сашо Мијалков ги донел во Управата и тие имале доверба во него.

Првпат Костовски извлекол само смс-пораки при крајот на 2010 и ги снимил на дивиди.

„Ми го даде дивидито во еден од ходниците, а идејата ми беше да го искршам дискот ако некој нѐ праша што правиме, тој може лесно да се уништи.“

Сите дискови што ги добивал од Ѕвонко Костовски прво ги копирал на свој екстерен хард-диск, па потоа му ги предавал на Верушески.

„Обично се среќававме неколку часа подоцна.“

Лазаревски, всушност, бил посредникот. Ѕвонко Костовски ги вадел материјалите, му ги давал на дивиди и тој ги предавал на ексразузнавачот

Во првиот период изнесувале по две дивидиња неделно, но обемот на материјалите се намалил откако Верушески ги селектирал битните таргети. Прво ваделе разговори на опозиционери, а потоа се сконцентрирале на актуелните функционери.

На крајот ги извадиле, како што вели Лазаревски, најдрагоцените материјали.

Лазаревски, всушност, бил посредникот. Ѕвонко Костовски ги вадел материјалите, му ги давал на дивиди и тој ги предавал на ексразузнавачот.

„Верушески го сметав за професионалец, кој не е конвенционален припадник на партија. Јас и Ѕвонко ќе се задушевме во материјалот, а тој знаеше да го обработи, беше дискретен и работеше сам.“

Во целиот период тројцата биле свесни дека Верушески е еден од нелегално прислушуваните.

Интересно е дека токму на прашање на обвинителот од СЈО, Лазаревски откри дека ексразузнавачот во еден момент побарал да ги маркираат, односно да ги прислушуваат Никола Груевски и Сашо Мијалков.

„Слатко му се изнасмеавме.“

Не прифатиле зошто знаеле дека тоа е криминал и јасно им било дека системот за маркирање е поставен на таков начин што секако ќе оставеле траги дури кај три мобилни оператори.

„Ако маркираш, тоа останува запечатено!“

Крајот на соработката

Тројката престанала да влече материјали во моментот кога Лазаревски принудно си дал отказ. Заминал на 31 октомври 2013 и само уште еднаш, наредната недела во ноември Костовски му дал УСБ со материјали.

„Тука заврши соработката, Ѕвонко не сакаше да се гледа со Верушески, бидејќи тоа беше многу ризично.“

Денот пред отказот, Лазаревски добил порака од колега дека Горан Грујевски го вика наредното утро да се нацрта во неговата канцеларија. По пат порачал дека дошло времето да се испратат со него.

Лазаревски не знае дали отпосле или во меѓувреме Зоран Верушески имал и други извори

Во меѓувреме стигнале гласини дека е можно Лазаревски да биде уапсен во случајот „Шпион“, за кој се зборувало дека ќе биде проширен со нови осомничени.

Ноќта не спиел и утрото кога влегол кај Грујевски, овој му рекол дека едвај измолил да не го апсат пред децата и дека најдобро е да си даде отказ.

„Тоа беше капка во преполна чаша, емотивно изреагирав и заминав. Ден-денеска ми е криво за тоа.“

Лазаревски не знае дали отпосле или во меѓувреме Зоран Верушески имал и други извори.

Ова сведоштво беше првото во низата што ги подготвува СЈО за случајот официјално наречен „Таргет – Тврдина“. На исцрпувачкото рочиште, Ѓорги Лазаревски вчера зборуваше речиси шест часа, сѐ до 17.30 часот.

Неговото сведочење ќе продолжи на 21 овој месец.