Анализи

Верушевски и Мијалков: Врана на врана очи не вади

Се очекуваше дуел Мијалков – Верушевски, а добивме надмудрување на обвинителите со нивниот сведок

  • 8
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Наспроти очекувањата поранешниот разузнавач Зоран Верушевски да се дообјасни за својата улога во вадењето на нелегално снимените разговори од УБК, тој денеска внесе дополнителна конфузија, со тоа што, наместо да одговара на конкретни прашања, тој вината за прислушувањето ја префрли врз Никола Груевски.

Денеска на неговото второ сведочење во судот тој изложи теорија дека СЈО згрешило и оти поранешниот премиер требало да биде првоосомничен во случајот „Таргет-Тврдина“. Елаборираше на оваа тема, иако го прашуваа сосема други работи што немаа врска со тоа кој е највиновен.

„Специјалното јавно обвинителство направило круцијално поместување од лицето што требало да биде првоосомничено“, академски дефинираше Верушевски.

Тој денеска зборуваше на долго и на широко, често надвор од темата и употребуваше флоскули кои на моменти наликуваа на пасуси подвлечени во учебници по безбедност и по демократија.

„Киша око Крагуевца, зборува како да е на факултет“, ваков коментар се слушна од вториот ред во судницата каде што седеа вработените од УБК, осомничени за прислушувањето.

Мијалков немаше прашања за Верушевски | Фото: Роберт Атанасовски

На конкретното прашање да каже каде физички ги вршел анализите на снимените разговори, Верушевски помалку надмено и со патронизирачки тон образложи:

„Анализите се мисловен процес, а не физички. Тие се предодредени на интелектуалниот капацитет на поединецот. Илузорно е да се фокусираме на локацијата, мисловниот процес може да почне на едно, а да заврши на друго место.“

Се доби впечаток дека Верушевски дошол да каже своја и сосема нова верзија за „бомбите“, а не да одговара на прашањата на обвинителката Ленче Ристоска.

Таа бараше поранешниот разузнавач да објасни што мислел кога пред две недели исто така во судот рече дека разговорите „доживеале страотни модификации“. Ова негово сведоштво тогаш изненади многумина и опозициската јавност блиска до ВМРО-ДПМНЕ и самата партија го протолкуваа како конечен и неприкосновен „доказ сосе печат“ оти „бомбите“ биле сечени, лепени и монтирани.

Можеби токму затоа одбраната, наспроти сите очекувања, денеска реши да не го испрашува Верушевски.

„Немаме прашања“, потстанат кусо соопшти првообвинетиот за прислушувањето, Сашо Мијалков.

Одбраната, не само што немаше прашања, туку ја користеше секоја можност жестоко со приговори да се спротивстави на обвинителката Ристоска да го допрашува сведокот Верушевски, објаснувајќи дека во овој дел од постапката таа нема право на такво нешто.

Обвинителката Ристоска не доби конкретни одговори од Верушевски | Фото: Роберт Атанасовски

Сепак, судијата ѝ дозволи на Ристоска да прашува.

Ристоска сакаше да знае дали некогаш биле изнесувани „материјали“од СДСМ, всушност дури трипати се обиде да го добие овој одговор, меѓутоа Верушевски кажуваше она што го беше наумил. Тогаш ја изложи целата теорија дека најголеми виновници за прислушувањето се тројцата бегалци од правдата, мислејќи на Груевски во Будимпешта и на Горан Грујевски и на Никола Бошковски во Грција.

„Со тешко срце ќе го споменам оној што според мене требаше да биде првоосомничен, поранешниот премиер Никола Груевски. А, СЈО ќе треба да објасни зошто не е осомничен“, потенцираше Верушевски по молбата на судијата да ги именува луѓето за кои зборува.

„Овој човек (н.з. Никола Груевски) да му беше советник на претседателот Никсон по аферата Вотергејт, денес ќе немаше ‘д’ од демократија во Ес-А-Де“, продолжи тој.

Неговото согледување е дека Никола Груевски имал патолошка желба да остане на власт и затоа се случило прислушувањето.

Верушевски денеска во ниту еден контекст не го спомна Мијалков | Фото: Роберт Атанасовски

Верушевски смета дека тројцата бегалци ги поседуваат сите разговори што ги има СЈО и уште многу други и оти токму затоа Унгарија и Грција не ги испорачуваат.

„Таму не ги прашуваат какво е овоштарството или туризмот во земјава, туку тој третман го имаат врз база на документацијата што ја поседуваат.“

Верушевски денеска во ниту еден контекст не го спомна Мијалков.

Сведочењето го заврши со надеж дека новинарите се задоволни од тоа што го слушнале.

„Да не се објаснуваме за сериозни работи на скали“, рече Верушевски.

Си ја зеде личната карта од судијата и замина оставајќи ги новинарите со многу потпрашања во тефтерите.

Долгочекуваниот судир меѓу Мијалков и Верушевски во судот течеше и заврши како што почна – срдечно како нивното ракување пред стартот на рочиштето.