Репортажи

Фестивалот „Комшилук“ ги оживува соседствата и заедништвото

Како уметноста го буди духот на заедницата, во разговор со основачот на фестивалот, Стефан Александар Јовановски

Група креативци, веќе втора година се обидуваат преку културни активности да го вратат времето, кое и не е толку дамнешно, кога соседствата беа вистински заедници во кои луѓето многу повеќе се дружеа, си помагаа и разменуваа знаења.

Културниот фестивал „Комшилук“, во својство на временска машина, досега гостуваше во скопските населби Железара и Шуто Оризари, на подножјето на Скопска Црна Гора – во селото Побожје, па сè до Струга и Битола.

Кога бевме во Побожје се приготвуваше зимница. Околу ќумбето, во еден од дворовите, домаќинот лупеше пиперки, а соседите ја подготвуваа „шерпата“ за ајвар и беа задолжени муабетот да врви со по некоја шега.

„Комшилук“ ги заживува соседствата, промовирајќи заедничка грижа за јавниот простор и активности што подразбираат поблиска социјализација, подавање рака и учење

Во рамките на фестивалот се правеше и џем, и се печеше ракија.

Идејата на групата креативци е преку „Комшилук“ да ги заживуваат соседствата, промовирајќи заедничка грижа за јавниот простор и активности што подразбираат поблиска социјализација, подавање рака и учење.

Тоа е начин на живот што во големите градови исчезнува поради сè брзиот живот и неконтролираната градба што ги отуѓува граѓаните и ги „голта“ јавните површини, драстично намалувајќи го просторот каде што луѓето може да се сретнат.

За многумина, токму настанот во Побожје беше враќање кон она што некогаш значело маалски живот.

Секој од нас е комшија

Фотографија од фестивалот „Комшилук“ каде се гледа човек на тераса во црвена зграда, а под него може да се видат други комшии и облека која се суши на отворено

Фестивалот стартуваше во црвените згради во Железара | Фото: Комшилук

Главни елементи на фестивалот се заедниците и станарите. Нивните домови и дворови се претвораат во галерии за уметнички дела или во бини за музички и уметнички перформанси.

Фестивалот стартуваше пред две години на балконите и прозорците во „Црвените згради“, во скопската населба Железара, со изведби на танчари и актери, имаше и опера сред дневна соба и вечера каде што сопственици приготвуваа храна за непознати гости.

Во еден од становите, пак, се гледаше филм заедно со режисерите.

Мобилизирањето на луѓето не оди баш лесно, ни објасни основачот на фестивалот, Стефан Александар Јовановски. Волонтерите поминуваат речиси три месеци во една заедница, градејќи доверба со станарите и мапирајќи кој и како би можел да се вклучи.

Главни елементи на фестивалот се заедниците и станарите. Нивните домови и дворови се претвораат во галерии за уметнички дела или во бини за музички и уметнички перформанси

„Буквално им ѕвониме на врата, ги наоѓаме надвор пред зграда, во лифт. Кога ќе им влеземе на луѓето во интимата, значи сме си ја завршиле многу добро работата“, вели Јовановски.

Фестивалот сака да покаже дека сè уште постојат простори каде што владее хуманата архитектура. Во Железара, на пример, има зелени површини со простории меѓу зградите, кои никогаш не се искористиле за средби на станарите.

Следно, фестивалот се распосла долж улицата Волт Дизни во Шуто Оризари. Таму целата улица е еден вид заеднички јавен простор бидејќи не е активна со сообраќај.

„Кога ја истражувавме Шутка беше лето, луѓето попладне си ставаа маси, столчиња и си седеа на улицата. Беше едноставно да им пристапиме, сите на едно место.

„На улица ги паркираа автомобилите, переа теписи, пиеја кафе со комшиите, правеа свадба и други некакви веселби, таму улицата им е двор на луѓето.“

Во Министерството за комшиски работи

Фотографија од уметничка инсталација од фрижидер со стари книги и предмети

Дел од изложбата во неофицијалното Министерство за комшилук | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Седиштето на „Комшилук“ го нарекуваат Министерство за комшиски работи и е во стан во „Црвените згради“, од маалото каде што и почна целата идеја. Но, овде нема министер.

Низ станот, во форма на изложба, поставени се фотографии и предмети врежани во сеќавањата на луѓето што живееле во зградите и беа дел од првото издание на фестивалот.

Таму може да се посведочи приказната на брачната двојка од соседството Тице и Баже, кои животот го поминале возејќи велосипед, а сега за нивната младост и вљубеност сведочи заедничка фотографија. Во друга просторија ќе ја забележите златната виљушка на нивната комшика Маре, за која нејзиното семејство раскажува:

„Што и да правеше мајка ми, кога и да готвеше, ако ја видев виљушката, знаев дека се приготвува добар ручек.“

Во ќошот од изложбата има и две фотографии од Стефан како мал. Неговото омилено место од домот било покрај прозорецот, од каде што ja набљудувал Железара.

Седиштето на „Комшилук“ го нарекуваат Министерство за комшиски работи и е во стан во „Црвените згради“, од маалото каде што и почна целата идеја

Кога го посетивме, покрај фотографиите стоеше возрасниот Стефан. Нѐ пречека со домашно слатко, чај и печена тиква од Побожје – како што е редот, најубавото за гостите.

Некогаш под тој прозорец сонувал да биде возачот на камион што носел стока во продавницата од спроти. Но, стана уметнички куратор на фестивали, чиј главен фокус е јавниот простор – од изложби на Зелен пазар, бензински станици, градски превоз, па и автопералница.

„Преку тој прозорец многу набљудував. Но, многу работи во последните години се сменија. Добиваме нови згради на кои не им е тука местото, кои воопшто немаат балкони и прозорци што гледаат кон шумата.“

„Да ја имаш парк-шумата Гази Баба, која има вакво зеленило, ваков прекрасен поглед и да имаш стан кој нема прозор. Тоа е феномен“, реагира Јовановски.

Тој е основач и на Skopje Light District, фестивалот кој носеше уметници од целиот свет со своите светлосни инсталации низ градот. А, основал и фестивали во Холандија и во Финска.

Трансформација на просторот

Фотографија од кураторот на фестивалот Александар Стефан Јовановски

Кураторот на фестивалот Јовановски | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Фестивалот „Комшилук“ потсетува дека станарите на една заедница имаат обврски и надвор од својот дом и дека меѓусебното здружување ќе им го направи животот полесен и подобар.

„Многумина не знаат што сѐ можеме да издејствуваме преку куќниот совет.“

„Едноставно не си го чувствуваат просторот како нивен. Преовладува ставот – станот е мој, тоа што се случува надвор, не е мое“, вели Јовановски.

Оттука и еден од мотивите за фестивалот. Да се нагласат придобивките што ги имаат овие заедници – од довербата што ја имате за некому да ги дадете клучевите од станот за да ви ги наводнува цвеќињата додека сте на одмор или да ви ги носи сметките до врата кога ве нема.

„Ние, со „Комшилук“, всушност, правиме настани што често ги нарекуваме дека тоа се некакви проби на идеално соседство во текот на еден ден. Со тоа што сите учествуваат од тоа соседство и заедно прават нешто“, појаснува Јовановски.

Иницијативата сака да покаже дека комшилукот е јадро на микрозаедници – од семејства што се здружиле поради децата, комшии што се грижат за маалското маче или куче, па сè до комшиите што мака мачат со прокиснатиот покрив.

Иницијативата покажува дека комшилукот е јадро на микрозаедници – од семејства што се здружиле поради децата, комшии што се грижат за маалското маче или куче, па сè до комшиите што мака мачат со прокиснатиот покрив

Главен проблем, според Јовановски, е тоа што луѓето немаат начин во денешно време да се запознаат меѓусебно.

За само една година, фестивалот веќе доби две признанија – „Арт Експлора“ во Париз и финалист за New European Bauhaus Prize во Брисел. Јовановски соопшти дека се номинирани и за трето.

„Убаво е признанието дека ќе го добиеш од големи организации, дава некаква мотивација да продолжиме со тоа што го работиме и само да го надградуваме да го дополнуваме“, вели тој.

Сепак, најголемо признание за Јовановски се реакциите на станарите, како оние во Струга и во Битола.

„Тие што живеат таму 40 години, коментарот им е: Првпат се чувствувам гордо на тоа каде живеам“.

„Ако се чувствуваш гордо каде живееш, автоматски ти почнуваш и да се грижиш за тој простор“, верува Јовановски.

За годинава веќе имаат планови за ново издание на „Комшилук“, повторно во Железара. Со претстава по мотиви од операта „Травијата“ на Џузепе Верди. Исто така, во план е и да ребрендираат два автобуси на ЈСП со фотографии и илустрации налик на македонски ендемични растенија.

Во моментов, на листата имаат уште 128 потенцијални локации, а предлози им пристигнуваат од секаде.

„Тоа е добар индикатор дека луѓето сакаат да им се случуваат работи каде што живеат. Потребно им е“, смета Јовановски.

Негова и визија на неговите соработници е овие настани да бидат почести и да опфаќаат повеќе заедници.

„Ако заедницата е доволно силна, многу подобро ќе одговори на каков било проблем што ќе ја нападне“, поентираше младиот куратор.