Регион

ФХП: Србија не ја спроведува Националната стратегија за воени злосторства

Филип Рудиќ, Белград

Главниот обвинител на ММКТ, Серж Брамерц, со министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ. Фото: Министерство за правда на Србија

ФХП го претстави својот нов извештај, во кој се наведува дека Србија, по усвојувањето на Националната стратегија за процесирање на воените злосторства, во 2016 година, до денес, не успеала во спроведувањето на овој документ.

„Сè уште е доминантно доцнењето во имплементацијата на стратегијата“, соопшти ФХП.

Во последниот од трите извештаи, за периодот од 1 јуни до 1 декември, се укажува дека 12 од 15 поднесени обвиненија, од усвојувањето на стратегијата, не се резултат на работата на српското обвинителство за воени злосторства, туку дека тие се преземени од Босна и Херцеговина.

Според ФХП, судењата за воени злосторства во Србија и натаму се „неразумно долги“, правата на жртвите не се унапредени, а судбината на исчезнатите лица не се решава доволно брзо.

„Соработката со Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) сѐ уште е оптоварена со одлуката на Вишиот суд во Белград, да не ги екстрадира членовите на Српската радикална партија (СРП), обвинети за непочитување на судот“, нагласуваат од ФХП.

Тие алудираат на двајцата членови на ултранационалистичката СРП, Вјерица Радета и Петар Јојиќ.

Хашкиот трибунал ги обвини Радета и Јојиќ дека влијаеле врз сведоците, на судењето на нивниот лидер, Воислав Шешељ, кој во април беше осуден за воени злосторства.

На 13 декември ММКТ ја отфрли жалбата на обвинителството, на одлуката на судот за пренесување на нивниот предмет на српското правосудство.

ФХП, исто така, предупреди дека односите меѓу Белград и ММКТ се загрозени од „сѐ повообичаените негирања и повторни толкувања на фактите востановени од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ)“.

Главниот обвинител на ММКТ, Серж Брамерц, овој месец го предупреди Советот за безбедност на ООН, дека земјите од поранешна Југославија продолжуваат да ги глорифицираат лицата осудени за тешки воени злосторства, извршени во деведесеттите години.