Регион

Филм за Аида, првoто дете жртва на војната во БиХ

Новиот филм на босанската новинарка, Лејла Звиздиќ, ни ги доловува трагедијата и надежта на приказната за таткото на петгодишната Аида, првото дете убиено за време на опсадата на Сараево

„Од тој момент, и долго потоа, не знаев дали е светлина или мрак, со кого разговарам или што правам, сѐ беше механички“, вели, Фахрудин Кучук, во документарниот филм „Леснонога“ (Лаконога), посветен на неговата ќерка Аида, првото дете убиено во Сараево, на почетокот на војната во Босна и Херцеговина, 1992-1995 година.

Аида, која во тоа време имала пет години, е убиена на 2 мај 1992 година, датум кога официјално започна војната, кога Сараево се најде под тежок артилериски напад, иако опсадата на градот започна еден месец претходно.

За време на опсадата, 1.601 момче и девојче биле убиени, но до денес, Обвинителството на БиХ нема поднесено ниту едно обвинение за убиствата и ранувањето на илјадници луѓе во Сараево.

Една од првите гранати експлодирала во зграда во населбата Грбавица, при што шрапнелите ѝ го одзеле животот на Аида. Таа денес би имала 33 години.

Авторка на овој филм, кој се фокусира на таткото на Аида, Фахрудин Кучук, писател на книги за деца, е Лејла Звиздиќ, босанска новинарка и водителка на државната телевизија БХРТ. Неговата премиера во Сараево е најавена за во недела.

„Отсекогаш сум го гледала Фахрудин како големо разиграно дете, посветен на литературата за деца, несвесен за причинската врска помеѓу траумата и креативноста … дека задината на овој шарен свет што тој го создава денес, е таква трагедија и траума“, вели Звиздиќ за БИРН.

Таа објаснува дека била заинтригирана како човек, како мајка, како дете на опколено Сараево и како режисер. „Со овој конкретен редослед“, додава таа.

Самиот филм е за справувањето со минатото, за тоа колку е болен овој процес, но и колку трагедијата може да биде извор на надеж и нова енергија за подобри работи во иднина. Во овој случај, губитокот на ќерката, го инспирирал Кучук да се обиде, преку неговите приказни, да создаде подобар свет за децата.

„Филмот се заснова на споредба – како војната го уништила мирниот живот на Фахрудин, но дури и тогаш, тој решил да го избере животот, да ја избере надежта … да пишува за другите деца“, објаснува Звиздиќ.

Предупредување за бесмисленоста на војната

 

Кучук денес е реномиран босански писател кој има објавено повеќе од десет романи, збирки на песни и раскази, сликовници и неколку текстови за театарски претстави.

Една од нив е претставата „Леснонога во волшебната шума“, па оттука и насловот на документарецот, „Леснонога“.

Во филмот Кучук открива дека неговата прва сопруга починала млада.

Тој, исто така, за медиумите изјави дека има само една фотографија на Аида, од новогодишната ноќ во 1991 година, бидејќи сите други предмети семејството ги изгубило во опсадата.

Фахрудин Кучук. Фотографија од филмот „Леснонога“

Звиздиќ информира дека Кучук е член на групата што го организира Фестивалот на детска уметност во Сараево и дека една од главните фестивалски награди го носи името на неговата сакана ќерка – Аида.

„Самиот филм е мој обид да предупредам на бесмисленоста на војната, преку судбината на еден човек и на многу други … но и за надежта што доаѓа по безнадежноста“, потенцира таа.

Лејла Звиздиќ. Фотографија на Лејла Звиздиќ

Ова е нејзин втор документарец. Пред 15 години, таа го режираше филмот „ДаНок“ (ДаНАк), кој зборува за процесот на идентификување на телата што се ексхумирани од масовните гробници во БиХ.

Звиздиќ посочува дека 2 мај 1992 година, таа го памети како еден од најтрагичните денови во нејзиниот живот, поради што и го избрала Кучук за протагонист на нејзиниот филм.

„Сакав да знам повеќе за Аида, како изгледала, што сакала, каде, зошто и како е убиена“, вели таа.

„По филмот, знам каде и како, но никогаш нема да разберам зошто“.

 

Леснонога“ премиерно ќе биде прикажан денес во киното Синема сити во Сараево, како дел од филмскиот фестивал AЏБ ДОК (АЈВ DОС), меѓународен фестивал на документарни филмови, кој го организира Ал Џезира Балкан, во соработка со Медиумската мрежа Ал Џезира и Институтот за медиуми Ал Џезира.