Регион

Шефови на српската служба за безбедност оперирале во Хрватска во ’94

Раденко Новаковиќ пред ММКТ во Хаг

Пензиониран службеник на СДБ Србија, на судењето на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ пред ММКТ,  изјави дека се сретнал со обвинетите во ноември 1994 година на планината Петрова Гора во Хрватска, која во тоа време била дел од самопрогласената Република Српска Краина (РСК), основана од побунетите хрватски Срби.

Сведокот, Раденко Новаковиќ, додаде дека покрај Станишиќ и Симатовиќ, на средбата „ присуствувале и претставници на РДБ (Ресорот за државна безбедност) на РСК, претставници на војската на Српска Краина, и претставници на цивилните и воените власти на РСК“.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за основање, финансирање и вооружување на специјални воени единици, кои вршеле злосторства во Хрватска, каде што силите на РСК се бореле против хрватските воени сили, до нивниот конечен пораз во 1995 година.

Новаковиќ пред судот истакна оти на Петрова Гора останал околу еден месец и дека испраќал извештаи до таканаречената Втора управа на СДБ Србија, позната и како разузнавачка управа, во која обвинетиот Симатовиќ имал голема улога.

„Претпоставувам дека извештаите биле испраќани до господинот Симатовиќ. Така претпоставувам. Сигурно. Тие не можеле никому друг да бидат дадени“, рече Новаковиќ.

Франко Симатовиќ, кој истовремено бил и командант на единицата за специјални операции на СДБ и Јовица Станишиќ, поранешен шеф на службата, се обвинети дека учествувале во здружен злосторнички потфат, предводен од српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите, од големи делови на Хрватска и на БиХ.

Во декември 2015 година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја укина првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Станишиќ, поради болест, од 2017 година, се наоѓа на привремена слобода во Белград и судењето тече без негово присуство во судницата.

Според Новаковиќ, пред да биде распореден во Хрватска, тој бил оперативец во центарот на ДБ во Ужице.

Центарот, додаде тој, бил надлежен за безбедносната состојба на овој регион, кој се наоѓа на границата со БиХ и каде, во некои места, живее населението со национално мешан состав.

Според Новаковиќ, по започнувањето на војната, во овој регион биле активни и српски, и муслимански екстремисти, при што вторите соработувале со силите предводени од Бошњаците во БиХ.

Тој истакна дека оваа ситуација „барала поорганизиран, конкретен, сериозен, оперативен пристап“, со кој бил опфатен и надзор.

Новаковиќ рече оти центарот ги надгледувал воените сили кои делувале преку границата, во БиХ, но, исто така, и прислушувал српски граѓани.