Анализи

Финансирање на партиите – Од донаторите на лажиче, од државата на послужавник

Функционерите и лани биле најголеми партиски донатори

Кога политичките партии би функционирале само со парите што ги добиваат од донации, едвај би врзале крај со крај. Но, затоа тука е редовниот финансиер – државата, која со години исплаќа милиони евра за нивното работење.

Условот за партиите да ги добијат тие пари е редовно да поднесуваат финансиски извештај за претходната година.

Партиите ја исполнија обврската што произлегува од Законот за финансирањето на партиите и која налага јавност и транспарентност, па до 31 март до државните ревизори ги доставија финансиските извештаи за ланската 2022 година.

А таму се пријавува сѐ: Од тоа колку пари во годината исплатиле за плати и трошоци, до тоа колку потрошиле за купување опрема или за отплата на кредити и камати, пракса што редовно ја прават сите фирми.

Меѓу парите што ги пријавуваат се и тие што ги добиле од донации и од членарини. За трите најголеми партии, лани донаторите биле повоздржани во споредба со годините кога има избори.

Анализата на БИРН покажува дека лани во споредба со 2021, трите најголеми партии, СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ собрале помалку пари од донации. Станува збор за неизборна година, па веројатно поривот да се донира за партијата е поголем во годините кога се одржуваат избори и кога амбициите за делче во поделбата на изборниот плен повеќе го отвораат паричникот.

Традиционално, донатори се министри, заменици, директори, пратеници и советници.

Скромни уплати за СДСМ

Првите уплати за партијата стигнале на првиот работен ден од 2022 | Фото: БИРН

Првото нешто што направиле четворица социјалдемократи во првиот работен ден од новата 2022 година, на трети јануари, било да уплатат донации за партијата.

На неколку месеци по локалните избори во 2021, кога партиите потрошија значителни суми државни и свои пари за рекламирање, контото на СДСМ почнало повторно да се полни.

Некои по симболични 90 и 120 денари, а други, како пратениците Панчо Минов и Емилија Рамбабова по 3.500, односно по 3.000 денари.

На четврти јануари 2022 година донирале уште шестмина, меѓу кои министрите Оливер Спасовски и Љупчо Николовски. Уплатите продолжиле и на 8, 9, 10 и на 11 јануари.

Списокот донатори продолжил да се полни, а на крајот на месецот достигнал 49.

Меѓу уплаќачите што не се министри, тука се функционерите од пониските ешалони, како директорот на затворот „Скопје“, Филип Андов, поранешниот директор на Агенцијата за конфискација, Фатон Асани, членот на ДИК, Оливер Ристовски, братот на генсекот на СДСМ, Новица Зечевиќ, кој е директор на националниот парк „Јасен“…

Партијата добивала донации, не само од актуелни, туку и од поранешни функционери. Такви се Дамјан Манчевски и Андреј Жерновски.

Некои од донаторите уплаќале редовно секој месец, а други по неколкупати годишно.

Случајно или не, исто како и во минатото, во еден ден уплаќале по 8, 10, па и 14 донатори. Највисоката поединечна уплатена сума за партијата на власт е 68 илјади денари.

На крајот на годината вкупно стигнале 674 уплати, а партијата собрала 36 илјади евра. На листата донатори го нема името на лидерот на партијата, Димитар Ковачевски.

Донаторите на ВМРО-ДПМНЕ со подлабоки џебови

Функционерите за ВМРО-ДПМНЕ донирале повисоки суми | Фото: БИРН

Слично е и кај опозиционерите. Регистарот на донатори за ВМРО-ДПМНЕ не е објавен на веб-страницата на Државниот завод за ревизија, но го има на партиската веб-страница.

На сметката на ВМРО-ДПМНЕ во 2022 од донации легнале 54 илјади евра. За разлика од социјалдемократите, кои, иако се на власт, биле поскромни, опозиционерите, пак, биле помалку, ама со „подарежлива рака“.

Меѓу 57 донатори има и пет фирми. Сумите што ги донирале донаторите се помеѓу три илјади и 154 илјади денари. Толку уплатил Сашо Павловски. Пратеникот Миле Лефков и партискиот портпарол, Наум Стоилковски, уплатиле по 100 илјади денари.

Некои од донаторите се традиционално дарежливи, односно за партијата донираат со години.

Фирмите, пак, за ВМРО-ДПМНЕ дале меѓу 100 илјади и 700 илјади денари. Меѓу имињата го нема она на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Само две фирми и двајца донатори за ДУИ

100 илјади евра лани пријавила ДУИ како донации | Фото: БИРН

Во владејачката ДУИ има најмалку донатори. Само двајца и две фирми. Но, ако се суди по износот, сумата е највисока. 105 илјади евра.

Парите ги дале фирмите „Еуровиа“ од Тетово и „Виаком“, заедно со директорот на „Еуровиа“, Бејтула Адеми и Елмедин Адеми.

Со години регистарот на донатори на ДУИ нема датум кога парите се уплатени, односно не е јасно дали сумите се исплатени наеднаш или постепено. Тоа е спротивно на Правилникот на Министерството за финансии од 2014, кој пропишува на кој начин партиите треба да го изготвуваат Регистарот.

Но, годините покажаа дека оваа законска обврска партиите генерално ја доживуваат како формална обврска, а не како суштински отчет, па затоа оваа обврска за ДУИ не важи.

Но, затоа партијата добила 20 илјади евра од членарини. Највисока членарина уплатил директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Јетон Акику. 72 илјади денари. На листата уплаќачи на членарина се лекари на скопските клиники, директорот на Фондот за здравство, Фатон Ахмети, заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани

Од останатите парламентарни партии, речиси 900 поединечни уплати од донатори добила Левица во 2022. Некои од нив донирале различни суми по неколкупати во текот на годината.

Носителот на советничката листа на партијата во Велес, Димитар Абрашев, лани донирал 14 пати, различни суми, од 116 денари до 13 илјади денари. На крајот на годината, партијата до Државниот завод за ревизија пријавила нешто над 24 илјади евра примени донации.

Алијанса за Албанците, која годинава влезе во Владата, пријавиле дека не добила ни денар од донации и членарини ланската година.

По милионче од државата за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ

Парите од државата се најстабилен извор за финансирање на партиите | Фото: БИРН

За партиите „нема зима“. Редовно добиваат пари од буџетот. Со тоа ги организираат нивните партиски активности, исплаќаат плати, купуваат опрема, ангажираат експерти.

СДСМ, во финансискиот извештај до ревизорите напишале дека ланската година од државниот буџет им биле исплатени нешто над 1,2 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ добила 1,3 милиони евра, а ДУИ, пак, нешто над 570 илјади евра.

Од 0,06 на 0,105 проценти од буџетот

До 2018 година, државата на партиите им исплаќаше 0,06 отсто од буџетот. Во 2015 оваа норма скокна за 150 отсто, односно изнесуваше 0,15 проценти. Во 2020 година, владата донесе Уредба со законска сила и одново го зголеми процентот на 0,105 отсто.

И додека државата редовно финансиски ги обезбедува партиите преку буџетот, тие собираат неспоредливо помалку пари од донации.

Од 87 илјади евра што ги собрал на сметката владејачкиот СДСМ во 2020, сумата во 2021 паднала на 75 илјади евра, а лани била eдвај 36 илјади евра.

Кај партијата со која раководи Мицкоски за последните три години најмногу донации се собрале во 2020, речиси милион евра, за лани тој износ да биде 54 илјади евра.

Ако во изборната 2021 кај ДУИ се слеале речиси половина милион евра од донации, лани тој износ е намален на 105 илјади евра.

Алтернатива собрала речиси двапати помалку донации лани во споредба со 2021, односно 12.800 евра наспрема 45 илјади евра во 2020.

Единствено Левица бележи нагорен тренд на собирање пари од донатори. Од 13 илјади евра во 2020, до 24 илјади евра за ланската година.