Интервјуа

Фотографирање на болката: Поглед на војната во Косово

Новата книга на Вејд Годард, кој е родум од Нов Зеланд, ја прикажува суровоста на страдањето, за време на конфликтот во Косово. Сепак, овој фотограф на балканските војни, се обидувал, среде крвопролевањето, да најде и храброст, и надеж

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Сербезе Хаџиај | БИРН | Приштина

Сликата за Косово што Вејд Годард ја има врежано во своето сеќавање, е сликата на убиени деца кои лежат на влажна земја, а која е дел од неговата нова книга со фотографии, „Војната во Косово”, објавена минатиот месец.

Неговите фотографии ја прикажуваат горчливата трагедија, низ која, за време на војната 1998-1999 година, минале многу семејства, косовски Албанци, како и последиците од конфликтот врз нивните животи и чувства.

Годард никогаш не помислил дека неговата страст кон фотографијата, ќе го доведе во ситуација со својот фотоапарат да забележи серија на војни, сѐ додека еден ден нѐ погледнал на насловната страница на едно списание, на која биле фотографии од, со војната погодениот Вуковар, кој во 1991 година прво се најде под опсада, а потоа беше разурнат од страна на силите на Белград.

Вејд Годард. Фотографија на Вејд Годард

Фотографиите на градот во урнатини и на телата на убиените кои лежеле по патиштата, ги окупирале неговите мисли и тој решил, среде крвавиот колапс, да отпатува во Југославија.

Во тоа време, овој 22-годишен фотограф бил невработен и немал професионално искуство.

„Никогаш не сум помислувал дека ќе работам на бојното поле. Јас контактирав со еден фотограф за да го прашам како да стигнам дотаму. Дојдов на Балканот на еден месец, а останав засекогаш”, вели Годард во интервју за БИРН, одговарајќи на нашите прашања од својот дом во Дубровник, каде што денес живее.

Од Хрватска, војната се прошири во Босна и Херцеговина, а фотографиите на Годард, од градот Мостар, погоден од војната, биле објавени во медиумите низ целиот свет.

„БиХ и Косово беа мојот универзитет. Ја научив работа. Како да преговарам и како да ги продавам моите фотографии на медиумите“, објаснува тој.

Како слободен фоторепортер, во следните десет години тој ги покривал конфликтите за Ројтерс, Њујорк тајмс, Асошиетед прес, Њузвик.

Меѓу сцените во Босна што најмногу влијаеле врз него, била сцената на пристигнување на илјадници бегалци од Сребреница на градскиот стадион, додека се подготовувале озлогласените масакри што беа извршени во јули 1995 година.

„Тоа беше фудбалско игралиште, на кое во нормални услови сите навиваа и добиваа енергија, кое тогаш се претвори во место на тага. Жените плачеа бидејќи останаа без своите деца, своите сопрузи“, се сеќава Годард.

Масакр на ридот

Едно утро, во септември 1998, Годард се упатил кон западно Косово, каде што на еден селски рид видел масовни убиства на цивили, вклучувајќи и жени и деца, кои биле застрелани додека се обидувале да избегаат.

„Егзекуцијата на децата беше една од најгрозните сцени. Дваесет и пет жени и деца беа егзекутирани додека се обидуваа да избегаат низ грмушките. Едно од нив беше новороденче. Беше ужасно, еден од моите најтажни моменти во Косово“, раскажува тој.

Книгата содржи фотографии на кои се гледаат убиени луѓе кои лежат по земја, делумно покриени со ќебиња, луѓе кои страдаат по планините и импровизирани бегалски кампови.

На една од фотографиите е прикажан косовскиот Албанец, Имер Делиу, од селото Абри кое се наоѓа во регионот Дреница, во централно Косово, кој стои како камен до телото на своето убиено четиригодишно дете, кое лежи на дрвена плоча. Неговата сопруга, исто така, била убиена; 16 членови на неговото семејство биле убиени во септември 1998 година.

Едно шестмесечно бебе од неговото семејство било пронајдено живо во рацете на неговата убиена мајка, но неколку часа подоцна, и бебето починало.

„Значи, да се биде на местото на една таква сцена беше ужасна, физичка и ментална болка. Оваа мачна атмосфера сè уште е присутна во мојот живот и јас никогаш нема да ја заборавам“, додава тој.

Годард со своите фотографии ги прикажал ужасите на војната, но, исто така, и човечките напори за раскинување на синџирот на насилство и на одмазда.

„Губењето на човечкиот живот и трагедијата што им се случи на оние што беа вклучени, не можат да се заборават”, објаснува тој.

Чување на живи сеќавања

Албанци од Косово им мафтаат на германските припадници на силите на НАТО на 16 јуни 1999 година, на граничниот премин Морина со Албанија, на враќање кон Косово по војната. Фото: Вејд Годард

Годард се надева дека фотографиите, како оние што тој ги фотографирал во текот на војните, ќе можат да придонесат за документирање на некои од најмрачните страници од најновата историја на човештвото во Европа.

„Сликите како оние од Косово или од Босна, можат да послужат во иднина да се смени текот на човековата историја. Но, од друга страна, ако мислите дека ова е доволно за некаква промена, ќе бидете многу разочарани“, вели тој.

Денес 49-годишниот Годард верува дека неговите фотографии од Косово, ги одржуваат живи сеќавањата на луѓето кои починале.

„Секогаш се надеваме дека таквите слики можат да ја привлечат јавната свест и да извршат притисок врз носителите на одлуки. Барем го направивме она што требаше да го направиме. Забележавме неколку страшни моменти и се обидовме да фрлиме светлина на вистината“, нагласува тој.

Годард смета дека правдата за злосторствата извршени во поранешна Југославија не е вистински задоволена. „Правдата не е задоволна. Како? Па, истите момци продаваат оружје од една војна во друга и заработуваат пари, а ништо не им се случува“, забележува тој.

Годард нагласува оти историјата на Косово, начинот на кое тоа беше родено како држава, но и дадените жртви, не треба да се извртува или да се користи за политички цели. „Мора да се држиме до вистината дека злосторства беа извршени и од албанска страна. Ова е целиот пакет на раѓањето на Косово“, нагласува тој.

Освен очајот, убиствата и запалените села, Годард на фотографиите во книгата, исто така, настојувал да ја покаже и човечката храброст и надеж.

„И покрај големата мизерија и тешката ситуација, во очите на тие луѓе кои беа заробени во мизеријата на војната, секогаш гледав едно парче надеж. Го пронајдов таму“, вели тој.

Повеќе информации за книгата на Вејд Годард, „Војната во Косово”, може да најдете тука.