Извештај

Францускиот предлог објавен, консултациите продолжуваат

Францускиот предлог е прифатлив, рече премиерот Димитар Ковачевски и најави широки консултации

Продолжуваат неизвесните часови за македонската јавност, делумно со истенчени нерви поради обременетиот евроатлантски пат со билатерални прашања. Овојпат, за разлика од првичниот, кога македонската влада молчеше, модифицираниот француски предлог го стави на широки консултации.

По час и половина долгата средба со коалициските партнери, премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција кажа дека македонскиот јазик е загарантиран, протоколот во модифицираниот предлог не се споменува, а испочитувана е позицијата за понатамошно безусловно отпочнување на преговарачкиот процес.

„Исполнето е очекувањето да ги нема историските прашања, со тоа што го нема протоколот во рамката“, прецизираше вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ

Македонскиот јазик се споменува во контекст на преводите на акиата (севкупните правни норми и одлуки на ЕУ), при што се наведува дека „ЕУ ги забележа соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија за македонскиот јазик“.

„Исполнето е очекувањето да ги нема историските прашања, со тоа што го нема протоколот во рамката“, прецизираше вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи појасни дека пакетот има европска и билатерална компонента, а прецизираше и дека протоколот е веќе усогласен меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, па владата ќе го усвојува во пакет со другите два документа.

Ако помине на влада, тогаш ќе биде потпишан од двајцата министри.  

Зборот протокол, кој претходно беше во предлог француската преговарачка рамка и беше неприфатлив за Македонија, во новата модифицирана верзија го нема. Документите се објавени во англиска верзија на веб-страницата на македонската Влада.

Пресот на Ковачевски по средбата со коалициските партнери | Фото: Влада на РСМ

Во сегашниот предлог пишува дека ќе се изготвуваат „годишни прегледи и мерки“ за ефективно спроведување на Договорот за пријателство, а согласно член 12 од Договорот. 

Тој член, пак, предвидува дека Заедничка меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, на кои ќе ја разгледува неговата примена, мерките за подобрување на билатералната соработка, како и решавање прашања што се појавиле за време на исполнувањето на Договорот.

Но, и протоколот на кој досега инсистира официјална Софија дека е составен дел од документите за пристапување на Македонија во ЕУ се однесува на член 12. Во неколку соопштенија на тоа инсистираше бугарското Министерство за надворешни работи, повикувајќи го македонското да го потпише протоколот.

Инаку, и оваа последна модификација објавена точно на денот на кој истекуваше француското претседателство не помина без нејаснотии.

Веднаш откако францускиот претседател Емануел Макрон, од Самитот на НАТО во Мадрид објави „најдовме компромис околу спорот “, премиерот Ковачевски напиша дека во неговото изготвување „се земени предвид нашите позиции и барања“.

Инаку, и оваа последна модификација објавена точно на денот на кој истекуваше француското претседателство не помина без нејаснотии

Но, уште вечерта се внесе забуна. Mинистерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска рече дека нема втор француски предлог, а на прашањето дали е вистина дека историските прашања не се дел од преговарачката рамка, како што кажа Ковачевски, таа го повтори истото како и претходно.

„Пакетот е од три документи – Рамка за преговори, Заклучок на Советот и протокол“, рече таа.

Нејаснотиите што се случувало во Мадрид ги засили и француската амбасадорка во Бугарија, која инсистираше дека вчерашниот предлог е идентичен со првичниот што беше изгласан во бугарскиот парламент.

Тој документ, пак, Македонија го отфрли. Официјално, Бугарија го одобри францускиот предлог, а со тоа и преговорите за Македонија, но притоа додаде и свои дополнителни услови.

Условите се: Бугарите да влезат во македонскиот Устав, јасно да биде истакнато дека не може ништо во процесот на пристапување во ЕУ да се толкува како признавање од Бугарија дека постои „македонски јазик“ и да се  обезбеди дека добрососедството останува хоризонтален критериум до крајот на преговорите за членство.  

Како контрапункт на ова се исцртаа и македонските црвени линии. Не се прифатливи идеи што не прават јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, протоколот не треба да биде во преговарачката рамка, не смее да се вклучат билатерални прашања во мултилатерални рамки, а меѓувладина конференција треба да се одржи пред вметнувањето на Бугарите во Уставот.