Истражувањa

Гласачи живеат во Свети Николе, ама на скопски адреси

Четворица светиниколци се единствените жители на четири различни улици што не постојат во Свети Николе, а имињата на овие улици се идентични со називите на улици од скопската општина Центар. Нивните семејства, пак, се водат на постоечки адреси во Свети Николе

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
sveti-nikole-kafulinja-1-1440

Во февруари 2013, еден месец пред локалните избори, 16 лица се „преселиле“ од Свети Николе во скопски Центар и во јуни и во јули истата година, пак се вратиле во родното место, односно извадиле лични карти од градот во Овчеполието / Фото: БИРН

Свети Николе е гратче во источниот дел од Македонија, зафрлено на периферијата од раззеленетото Овче Поле. Важи за земјоделско место, луѓето лебот го вадат од полето или од стоката, а оние што не се по аграрот и не се скрасиле во администрација, заминале во Италија или ги пакуваат куферите.

Малиот плоштад со големо име „Илинден“ вчера попладне беше полн со млади, од кафулињата ечеа поп-рок хитови од осумдесеттите и се пиеше еспресо од 30 или макијато од 40 денари.

На една од околните згради се наѕира графитот „Збогум Никола“, неуспешно премачкан со бело, меѓутоа политичката криза ни оддалеку не е тема во Свети Николе. Сепак, ако се размуабетите со мештаните, па по кафето нарачате и евтин швепс, тие низ шепот ќе ви раскажат една приказна.

„Ги викаме дво-лични, ама не зошто се такви по карактер. Тие се наши сограѓани што добиле и скопска лична карта и гласале на локалните избори во Центар. Само ова не сум ви го кажал јас, имам уште неколку години до пензија“, ни кажа еден повозрасен господин и дополни оти вакви случаи имало со десетици.

Арно ама, овие луѓе немале баш две лични карти.

На зграда се наѕира графитот „Збогум Никола“, неуспешно премачкан со бело, меѓутоа политичката криза ни оддалеку не е тема во Свети Николе / Фото: БИРН

На зграда се наѕира графитот „Збогум Никола“, неуспешно премачкан со бело, меѓутоа политичката криза ни оддалеку не е тема во Свети Николе / Фото: БИРН

Добро упатени извори за БИРН откриваат дека во февруари 2013, еден месец пред локалните избори, 16 лица се „преселиле“ од Свети Николе во скопски Центар и во јуни и во јули истата година, пак се вратиле во родното место, односно извадиле лични карти од градот во Овчеполието.

„Главно станува збор за млади лица, а покрај Свети Николе слични случаи има во Кавадарци, Ресен, Прилеп и во други градови“, велат нашите извори.

Скопски улици, светиниколски адреси

Во избирачкиот список Спасо Здравков е заведен во Свети Николе на улицата „Јордан Мијалков“, која не постои, додека неговото семејство е на „Никола Карев“

Во избирачкиот список Спасо Здравков е заведен во Свети Николе на улицата „Јордан Мијалков“, која не постои, додека неговото семејство е на „Никола Карев“

При прочистување на избирачкиот список, Државната изборна комисија (ДИК) го објави целиот избирачки список и сите имавме пристап до имињата на гласачите и до нивните адреси, сè додека Дирекцијата за заштита на личните податоци не забрани да се објавува на ваков начин, со образложение дека се повредува приватноста на граѓаните.

Додека оваа база беше целосно отворена, воочивме една чудна појава кај четворица гласачи од Свети Николе. Објавениот избирачки список покажа дека тие се единствените жители на четири различни улици што реално не постојат во Свети Николе, а имињата на овие непостоечки улици се идентични со називите на улици од скопски Центар.

Членовите на нивните фамилии, пак, се водат на постоечки улици и адреси во Свети Николе.

БИРН тргна во истражување на сомневањата дека четворицата се меѓу групата светиниколци што пред локалните избори кратко време се преселиле во Скопје, а потоа се вратиле во родниот град и оти при нивното административно враќањето е направена грешка и во адресата им останало името на скопската улица.

При посетата во Свети Николе овој сомнеж ни го потврди 60-годишниот Спасо Здравков со кого зборувавме во неговиот двор. Меѓутоа, тој вели дека во неговата привремена преселба нема ништо спорно, во 2013 престојувал кратко во Скопје, баш тогаш барал работа и во меѓувреме гласал во Општина Центар.

Во избирачкиот список е заведен во Свети Николе на улицата „Јордан Мијалков“, која не постои, додека неговото семејство е на „Никола Карев“.

„Нема ништо спорно, јас имам и бугарски пасош“, објаснува Здравков.

Тој вели дека во Скопје престојувал под кирија, меѓутоа не се сеќава како се викал сопственикот на станот, ниту, пак, сподели било какви детали за зградата во која престојувал.

Името на Спасо Здравков се појавува во избирачкиот список во Општина Центар од 2013 и тоа на скопската улица „Јордан Мијалков“.

Дваесетидвегодишниот Благојче Монев е регистриран во Свети Николе на улицата „Петар Попарсов“, која не постои во овој град, додека неговото семејство е запишано на улицата „Орце Николов“, адресата на која и го најдовме Благојче / Фото: БИРН

Дваесетидвегодишниот Благојче Монев е регистриран во Свети Николе на улицата „Петар Поп Aрсов“, која не постои во овој град, додека неговото семејство е запишано на улицата „Орце Николов“, адресата на која и го најдовме Благојче / Фото: БИРН

Дваесетидвегодишниот Благојче Монев е регистриран во Свети Николе на улицата „Петар Попарсов“, која не постои во овој град, додека неговото семејство е запишано на улицата „Орце Николов“, адресата на која и го најдовме Благојче.

Тој се присети дека во 2013 навистина бил во Скопје, се обидувал да студира и да игра ракомет, меѓутоа не знае како се нашол на избирачкиот список за Општина Центар во 2013, ниту, пак, како сега е регистриран на скопска улица ама во Свети Николе.

„Никогаш досега не сум го искористил своето гласачко право“,ни се обрати младиот Благојче Монев пред вратата од неговиот дом.

Триесетичетиригодишниот Владимир Славков е регистриран како жител на Свети Николе на улицата „Стале Попов“, која не постои во овој град, додека неговото семејство е запишано на „25-ти Мај“ и таа е адресата каде го најдовме неговиот татко.

Славков дента бил во Скопје по работа, ангажиран како електричар, и татко му ни го даде неговиот телефон, меѓутоа тој е недостапен, а не ни се јави ниту на бројот што го оставивме кај неговото семејство.

Владимир Славков се јавува во списокот за Општина Центар во 2013, на адресата „Стале Попов“ бр.9, во објектот познат како функционерска зграда веднаш до Железничката станица, каде има гласачи и од Пустец, Албанија.

Четириесетиосумгодишниот Стојче Митев е регистриран во Свети Николе на улицата „Маџирмаало“, која не постои во овој град, додека неговото семејство е запишано на „Лењинова“ и , според соседите, таа е адресата на која живее со семејството.

Кога го посетивме Свети Николе немаше никој во неговиот дом.

Вкупно 135 гласачи во Центар доаѓаат од внатрешноста?

Прислушуваните разговори што лани ги објави претседателот на СДСМ, Зоран Заев откриваат дека во скопската општина Центар во 2013, покрај гласачи од Пустец, имало „доселеници“ и од градови во внатрешноста на Македонија / Фото: МИА

Прислушуваните разговори што лани ги објави претседателот на СДСМ, Зоран Заев откриваат дека во скопската општина Центар во 2013, покрај гласачи од Пустец, имало „доселеници“ и од градови во внатрешноста на Македонија / Фото: МИА

Прислушуваните разговори што лани ги објави претседателот на СДСМ, Зоран Заев откриваат дека во скопската општина Центар во 2013, покрај гласачи од Пустец, имало „доселеници“ и од градови во внатрешноста на Македонија.Поранешниот министер Миле Јанакиески во разговор со сопартиецот Кирил Божиновски коментира за гласачите од Пустец, дека би било добро да се откажат од нивните „услуги“, меѓутоа двајцата се мислат што да се прави „со овие од провинција“.

„Дали, ако е иста ситуацијата и со тие од провинција од Македонија, разбираш, да се набутани повеќе, тогаш е пак истиот ризик. Знаеш. Ако евентуално кај нив е полабаво тогаш да идеме барем со тие. Ме разбираш? Тие се 135, а ова другово сѐ се канцелира, пошто ќе си направиме многу поголем проблем, знаеш“, му вели Божиновски на Јанакиески.

Според нашите информации дел од луѓето што гласале во Центар, а живеат во другите градови од Македонија, биле интерес на Специјалното јавно обвинителство во случајот „Титаник“, меѓутоа оттаму за БИРН не коментираат ништо, бидејќи обвинителите сè уште истражуваат.