Истражувањa

„Ексико“ ги врзува Панама и Белизе во Македонија

Мистериозната скопска фирма „Ексико“ првично имала сопственик од Белизе, а пред неколку години продала македонска фирма на компанија од Панама

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Има ли македонски компании и физички лица со оф-шор сметки на Панама беше првото логично прашање што се поставува во македонската јавност откако во медиумите протече најголемата база на фирми и финансиски тајни на светски лидери, политичари, јавни службеници, бизнисмени со сметки на оф-шор компании преку кои се переле пари.

eksiko

Во Македонија засега се познати десетина компании, меѓу кои и два медиуми чии основачи се фирми во даночните раеви, претежно од Белизе, независната уставна монархија во Средна Америка со излез на Карипското Море, каде што, како што веќе пишуваше БИРН, потребни се само 650 долари за да се отвори фирма за 24 часа.

БИРН долго време истражуваше кои се овие компании и кој се крие зад нив, но освен нивната индиректна поврзаност со познати бизнисмени и со функционери во земјава, речиси невозможно е да се открие од кои причини овие компании решаваат сопственоста на бизнисот да ја кријат во даночните раеви.

Ова се само дел од фирмите за кои е познато дека „ја кријат“ својата сопственост на Белизе, Лугано (Швајцарија), Панама и во САД, а најчесто, тие се регистрирани на исти адреси, односно кај исти компании кои посредуваат при отворање т.н. „школка фирми“.

ЕКСИКО остана најголемата македонска офшор-тајна

Македонската фирма „Ексико“ е можеби најмистериозната компанија во земјава за која се знае дека има капитал од оф-шор даночните раеви, дека е поврзана со заеднички бизниси со „Орка Холдинг“, но нејзиниот вистински сопственик засега останува тајна.

infografik eksiko

 

Првиот сопственик на познатата фирма Ексико е Делта Инвестмент ЛТД, оф-шор компанија со седиште во Белизе. Во 2008 година се менува сопственоста – нов газда станува Калвус ЛЛЦ од Соединетите Американски Држави. Седиштето на „Калвус ЛЛЦ“ е на улицата 41 State Street Albany 106.

На истата оваа адреса се наоѓа и фирмата Финзи ЛЛЦ – сопственик на порталот Нетпрес. Имено, Нетпрес е регистриран од компанијата „Нет прес ком ДООЕЛ“, која е во целосна сопственост на „Финзи ДООЕЛ“, формирана од американската компанија.

Сега, сопственик на мистериозната Ексико е Т&МЈ Инвестмент од Лугано, Швајцарија.

Во Македонија, „Ексико“ е регистрирана во 2001 година. Единаесет години подоцна, во 2012, таа се наоѓа на 29-тото место според успешност, со бруто добивка од речиси три милиони денари. Година дена подоцна, според истражувањето на „Еуробизнис Центар“, таа се искачи на 14-тото место со добивка од над 540 милиони денари или околу девет милиони евра. Во 2014 година, добивката на Ексико се намалува и изнесува околу 22 илјади евра.


5 милијарди долари нелегално изнесени од земјава

Повеќе од 5 милијарди американски долари се нелегално изнесени од Македонија во периодот од 2004 до 2013, се вели во извештајот „Нелегални финансиски одливи од земјите во развој“ подготвен од американскиот тинк-тенк „Глобал Фајненшл Интегрити“.
Според методологијата што ја користи оваа организација, сите овие пари се пари кои се нелегално заработени, односно нелегално изнесени од земјите во развој како што е Македонија. Речиси 97 проценти од овие пари од Македонија излегле преку лажни фактури со кои се зголемувала вредноста на стоки и услуги при извоз.

Фирмата „Ексико“ се јавува или се јавувала како сопственик на повеќе македонски компании, кои исто така се лоцирани во даночните раеви, по што станува речиси невозможно да се лоцира вистинскиот сопственик.

Во многу случаи, „Ексико“ „настапува“ заедно со фирмите кои се поврзуваат со бизнисменот Орце Камчев, но досега никој не открил кое лице всушност се крие зад оваа фирма. Се знае само името на директорот на компанијата, Тодор Мирчевски, кој никогаш се нема појавено во јавноста и одбива да дава изјави за медиумите.

Како пример, ќе ја земеме фирмата О.Т.Е Инвест, компанија со приходи од околу 8,5 милиони евра во 2013 и во 2014 година. До 2014 година, „Ексико“, заедно со Орка Холдинг се јавуваат како сопственици на оваа фирма, но потоа сопственоста се менува и завршува кај фирма од Панама – Траинов Корпорејшн.

Седиштето на „Ексико“ на улицата „Иван Милутиновиќ“ во центарот на Скопје | Фото: БИРН архива

Седиштето на „Ексико“ на улицата „Иван Милутиновиќ“ во центарот на Скопје | Фото: БИРН архива

„Ексико“, заедно со „Орка Холдинг“, „Езимит“ и „ТИМ“ се сопственици и на градежната фирма „Бетон Штип“, која градеше голем број од објектите за проектот „Скопје 2014“. „Орка холдинг“ таму има 17 отсто од капиталот, а „Ексико“ 14,35 отсто.

„Орка Холдинг“ и „Ексико“ во Македонија имаат основано и уште една компанија, друштвото за хотелиерство и туризам „Архи ДОО“ Скопје, фирма која во 2014 година остварува приходи од над 8 милиони евра.

Заеднички бизнис меѓу „Орка Холдинг“ и „Ексико“ е и ЗК „Пелагонија“ каде сопственици се четири компании – „Орка Холдинг“ (18 отсто од акциите), „Ексико“ (8,7 отсто), „Жито Полог“ – Тетово (11,9 отсто) и „Тимох“ ДОО (8.1 отсто).

БИРН во неколку наврати го посети седиштето на „Ексико“ на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје, но во станот во близина на трговскиот центар Буњаковец не ни отвораше никој.

Ниту на влезот, ниту пак на вратата не пишува дека во станот е лоцирана една од најуспешните фирми во земјава со капитал од Лугано, Швајцарија, а единствен доказ за постоење на фирма на таа локација беше поштенското сандаче.

СИРАХ од Белизе стана друштво за одмор и рекреација на пензионери

Компанијата Сирах во јавноста стана позната по објавените аудио снимки на опозицијата, во кои беше објавено дека три компании купуваат земјиште на Водно од 11 илјади квадратни метри. Едната од нив беше „Ексико“, втората „Сирах“, а третата Кара АД.

Сопствеништвото на фирмата „Сирах“ водеше директно кон Белизе – со седиште на улицата Мајлс Нортен Хајвеј. На истата оваа адреса беше регистрирана и Иресине лимитед, која преку фирмата Прва Република стoи зад порталот republika.mk и зад неделникот „Република“. Генералниот директор на „Прва Република“ Доне Доневски никогаш не откри кој се крие зад Иресине лимитед.

republika

На истата адреса се наоѓаше и Игра инвест лимитед од Белизе, газда на кипарската компанија „Бет сити лимитед“ која стоеше зад изградбата на новиот спортски центар „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ во скопски Аеродром. Во јавноста, како сопственик-концесионер на овие објекти беше презентиран рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Во Македонија, фирмата Сирах беше регистрирана во приватен стан на улицата Димо Хаџи Димов, кај кумот од првиот брак на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Ристо Новачевски.

Минатата година, откако беа објавени аудио снимките во која се споменува вредното земјиште на Водно купено од три компании, од кои две се од даночните раеви, фирмата Сирах беше продадена. Нов газда на фирмата е „Орка Холдинг“, а нов директор – бизнисменот Орце Камчев.

Фирмата сега е преименувана во Друштво за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери Систина Лајф Кеар Сентар, а во 2014 година остварила приход од само 13 денари.

Панама не е омилено место за Македонците

За Панама досега се откриени малку имиња на фирми и на физички лица кои се поврзуваат со Македонија.

Истражувањето на Нова ТВ покажа дека во оваа држава се регистрирани најмалку пет фирми чии сопственици се македонски државјани. Заедничко за сите фирми е тоа што се основани со основен влог од 10 илјади американски долари во периодот меѓу 1999 и 2002 година.

Со Панама се поврзуваат мал број македонски компании и физички лица | Фото: dsasso via Foter.com / CC BY-SA

Со Панама се поврзуваат мал број македонски компании и физички лица | Фото: dsasso via Foter.com / CC BY-SA

Имињата на дел од македонските граѓани кои поседуваат фирма во Панама коинцидираат со имињата на актуелниот сопственик на македонската национална ТВ Канал 5, Вања Гавриловски и Марјан Стојменов, синот на поранешниот сосптвеник на истата телевизија и актуелен пратеник во парламентот Борис Стојменов. Заедничката фирма на која според документите од државниот панамски регистер се впишани овие имиња се вика се викаСанлајн Трејдинг (Sunline Trading S.A.) и е регистрирана на 9 септември 1999 година, во периодот кога Борис Стојменов е министер за финансии во Владата формирана од Љубчо Георгиевски.

Со Панама се поврзуваше и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, за кој се пишуваше дека ја продал чешката фирма Миртланис, каде што тој бил стопроцентен сопственик на фирмата Тасига Корп од Панама.

Очекувањата се дека документите од „Панама пејперс“ можно е да покажат и други фирми и лица од Македонија со сметки во даночните раеви, особено ако се земе предвид дека канцеларијата на Мосак Фонсека имала претставништва во 21 држава во светот. Целосната база на податоци за јавноста најверојатно ќе биде отворена наредниот месец, но се прават напорите да се отстранат физичките лица чии сметки и лични податоци не се од јавен интерес.