Истражувањa

Етничките тензии ја комплицираат борбата против екстремизмот во Македонија

Преку интернет и во џамиите се врши радикализација на младите муслимани, со што се оневозможува целосна контрола, предупредуваат експерти, додека Скопје ги проценува безбедносните ризици што се создаваат поради борците повратници, во услови на меѓуетнички тензии и бегалски кризи

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во Сирија и Ирак има околу 110 Македонци, во конфликтите досега загинале 27, а над 70 се вратиле дома, велат проценките на полицијата.

Бројките се изненадувачки, со оглед на тоа дека Македонија официјално има 2.1 милиони жители, од кои, грубо, околу една четвртина се претежно етнички Албанци со муслиманска вероисповед.

Високи полициски извори, кои побараа да останат анонимни, велат дека радикализацијата и регрутирањето и натаму се сериозен проблем во Македонија, и покрај неодамнешните законски реформи со кои нелегалната борба во странски војни стана кривично дело, кое се казнува со минимум четири години затвор. Оние кои се обвинети за промовирање на насилен екстремизам, се соочуваат со затворски казни во траење до пет години.

„Проблемот и натаму е во голема мера присутен… и многу е тешко да се следат радикалите кои работат во мали затворени групи и да се предвидат нивните намери, вклучувајќи можни терористички дејствија на територијата на Македонија“, вели полициски извор за Балканска Истражувачка Мрежа, БИРН.


Број на борци
Околу 110 Македонци, вклучувајќи жени и деца, се во Сирија и Ирак.
Досега во конфликтите починале 27, а над 70 се вратиле дома, велат проценките на полицијата.
Нема официјални годишни проценки за заминувања во Сирија и Ирак.
Извор: Проценки на македонската полиција (февруари 2016 година)

Експертите велат оти се чини дека новиот закон го намалил бројот на Македонци кои заминуваат да се борат со џихадистички групи во странство, но забележуваат дека протокот не е целосно сопрен.

„Овој (закон) помага, до одреден степен, да ги одврати луѓето“ вели овој полициски извор за БИРН, „но, секако не е доволно да се измени само законот, бидејќи имаме работа со индивидуи со испран мозок, кои понекогаш се спремни да ризикуваат, па дури и да загинат ако е потребно, заради нивната имагинарна причина“.

Само овој јануари, неколку локални медиуми известија дека двајца млади етнички Албанци од Скопје, биле убиени додека се бореле за ИСИС во Сирија.

Повеќето, но не сите, Македонци, кои им се придружија на насилните џихадистички групи во Сирија и Ирак, потекнуваат од Скопје и соседните села со етнички Албанци. Со исламскиот екстремизам се поврзуваат две населби во главниот град, во кои живее претежно албанско население, Чаир и Гази Баба, и со две села во предградието, Арачиново и Сарај.

Помал број биле регрутирани од други градови, со мнозинско албанско население, во северна и северозападна Македонија.

Постои забележителен недостиг од подлабоко покривање на ова прашање, поради што, како што вели Рамадан Рамадани, имам и политички коментатор, јавноста е погрешно информирана.

„Нема доволно (медиумски) истражувања… тоа се должи на медиумската атмосфера во Македонија, како и на чувствителноста на темата… а државните институции се ограничени во откривањето на информации“, вели тој.

Рамадани ја критикува „тенденцијата ова (прашањето за исламистичкиот екстремизам) политички да се злоупотребува против Албанците, како главни претставници на муслиманите во државата“.

„Ние немаме само исламофобични напади и ’спин’… туку, исто така, и конкретно насочени напади кон една етничка заедница“, вели тој.

Млади „со испран мозок“

Весникот на албански јазик „Коха“, е меѓу ретките медиуми во земјата, кој што се обидува да го покрие ова прашање подлабоко и разговара со семејствата и пријателите, за тоа зошто младите Македонци избрале да се борат за џихадистички групи во странство.

Семејствата и пријателите на семејствата, обично одбиваат да зборуваат за нивните искуства, од страв или од срам, а оние кои зборуваат, скоро секогаш инсистираат на анонимност.

Весникот објави дека три машки лица од Гази Баба, кои неодамна заминале во Сирија, биле на возраст помеѓу 19 и 20 години.


Реформи на законот за антитероризам
Во септември 2015 година, македонскиот парламент усвои промени во кривичниот закон, со кои се криминализира охрабрувањето на луѓето да се приклучат или да понудат помош, вклучувајќи и финансирање, на оние кои што бараат да се борат со милитантни групи во странство.
Ревидираниот закон наведува „оние кои, на било кој начин, регрутираат, повикуваат или охрабруваат македонски граѓани да се приклучат кон воени или паравоени формации… или да ги превезуваат овие лица, се соочуваат со минимална казна од пет години затвор“.
Македонските граѓани, обвинети за илегална борба во странски војни, се соочуваат со минимална казна од четири години затвор.
Лицата кои ќе понудат поддршка или финансии за испраќање на македонски граѓани во воени конфликти во странство, ќе бидат осудени на најмалку пет години затвор. Оние кои ќе бидат прогласени за виновни поради охрабрување на други лица да се борат во странство, преку социјалните мрежи, исто така, ќе бидат затворени.
Македонци, кои ќе бидат прогласени за виновни, поради помагање или криење на борци повратници од конфликти во странство, се соочуваат со казна затвор во траење од една до пет години.

Човек, кој вели дека ги познава овие млади луѓе, изјави за „Коха“ дека не верува оти парите биле мотивирачки фактор, тие да заминат да се борат со џихадистички групи во странство.

„Никој не може да ги сопре бидејќи тие го сакаат тоа, тие се ’со испран мозок’“, вели тој за „Коха“.

Весникот објави дека друг млад човек од Гази Баба, бил убиен во Сирија на почетокот на 2015 година. Неговите родители велат дека позајмиле пари за да го испратат во Германија, каде што требал да започне нов живот, но, наместо тоа, без да знаат тие, нивниот син заминал во Сирија.

„Коха“ интервјуираше човек, кого го опиша како близок пријател на семејството, кој изјави дека овој млад човек, кој имал 20 години, пред да замине во Сирија, се соочувал со ментални здравствени проблеми. Тој тврди дека екстремистичката група го регрутирала, откако претходно ветила дека ќе ги излечи неговите псохолошки проблеми.

Иако признава дека постојат многу причини за радикализацијата, вклучувајќи ги и социјалните и економските фактори, Рамадани верува дека некои Македонци кои заминале во Сирија и пред појавата на Исламската држава, ИСИС, не ја гледаат борбата со силите против Асад како погрешна.

„Пред да се прошири ИСИС од Ирак во Сирија, се создаде слика дека целиот правдољубив свет треба да ѝ помогне на сириската опозиција и на луѓето во борбата против режимот кој пушти хемиско оружје, уништи градови и уби цивили“, вели тој.

„Некои луѓе решија да се приклучат од солидарност, но беа заглавени во внатрешните борби помеѓу (сириските) опозициски сили и новопојавената терористичка група ИСИС“.

Рамадани вели дека „теориите на заговор, кои со години беа нагласувани од екстремистичките организации, станаа автентични“ кога „САД и Русија се согласија да не го казнуваат“ режимот на Асад, на почетокот на конфликтот.

Некои џамии „му се спротивставија на надзорот“

Како и да е, и македонската полиција и духовниците од Исламската верска заедница, ИВЗ, предупредуваат дека во голем дел, радикализацијата и регрутирањето на млади Македонци, произлегуваат од радикалните, милитантни предавања во џамиите, кои не секогаш се под целосна контрола на ИВЗ.

ИВЗ, кој промовира умерена интерпретација на исламот, кој се смета за потрадиционален на Балканот, вели дека се бори да воспостави контрола над околу 700 џамии во Македонија.

Поранешниот скопски муфтија, Ибрахим Шабани, е загрижен дека младите муслимани се изманипулирани од страна на радикали поканети да проповедаат ноќе, без дозвола на ИВЗ.

„Во повеќето случаи имамите се борат против овој феномен (насилниот екстремизам), но предавањата што ги држат неовластени лица во ноќните часови, фрлаат сериозен сомнеж за тоа што се случува таму“, вели Шабани.

„Проблемите се поврзани со советите на џамиите, кои одбиваат да комуницираат со нас… кога тие канат луѓе, теолози, дури и оџи (духовници) од други места… да држат предавања, ние не ја знаеме содржината на тие предавања, бидејќи ниту еден од нив не е официјално поканет“.

Шабани вели дека ИВЗ добила информации оти лицата кои регрутираат им нудат високи плати на идните џихадисти, иако признава дека ова е мала мотивација за борците, кои се свесни дека можеби нема да се вратат живи.

„Имавме случаи кога родители ги обвинуваа џамиите за заминувањето на нивните деца (на боиштата)… Војната против овие луѓе (екстремистите) и овој феномен, мора да бидат координирани, бидејќи ние не можеме сами да се справиме“, вели Шабани.

Македонската полиција, во август минатата година, во, како што се смета, единствената поголема рација официјално поврзана со исламскиот екстремизам, уапси девет лица, кои беа обвинети, меѓу другото, за наводни врски со ИСИС, за регрутација и за учество во конфликтите во Сирија и во Ирак.

Обвинети се единаесет осомничени, шестмина од нив најавија дека ќе ја признаат винат,а во замена за поблаги казни. Останатите ги отфрлаат обвиненијата.

Полицијата вели дека сѐ уште трага по 25 осомничени лица, кои можеби се, а можеби и не се во Македонија, во рамките на операцијата од големи размери низ цела држава, наречена операција „Ќелија“.

Страв од радикализација преку интернет

Полициските извори, исто така, се загрижени дека младите продолжуваат да бидат регрутирани преку интернет, често пати остварувајќи директни врски со познати насилни странски џамии на ИСИС или со импровизирани религиски објекти.

„Уште колку млади луѓе ќе бидат заразени со овој вирус преку пропагандните страници и социјални канали на интернет, седејќи во своите домови, додека зборуваме?“, прашува еден од полициските извори.

Рамадани се согласува, велејќи дека прашањето за борците џихадисти е глобален феномен.

„Ние немаме домашен извор за интелектуална регрутација. Ова е глобален настан и преку достапноста на Јутјуб и другите (социјални мрежи), апсолутно е ирелевантно дали овие лица кои индоктринираат други луѓе, се физички присутни овде (во Македонија), вели тој.

Во обид да се справи со радикализацијата, ИВЗ, минатата година, започна кампања, наречена „Стоп терор“, со цел да го промовира исламот како мирољубива религија и да ја зајакне посветеноста на организацијата, кон толерантната и умерена интерпретација на исламот.

Полициски извори велат дека безбедносните ресурси се веќе широко ангажирани, поради обидите на бегалците да ја поминат македонско-грчката граница | Фото: Агенција Анадолија

Полициски извори велат дека безбедносните ресурси се веќе широко ангажирани, поради обидите на бегалците да ја поминат македонско-грчката граница | Фото: Агенција Анадолија

Програмата има цел, исто така, на повратниците борци, кои би можеле да бидат затворени поради нивна вмешаност во конфликтите во Сирија и Ирак, да им помогне да се реинтегрираат во општеството.

„Имаме поддршка од сите странски претставници во државата, кои сметаат дека ова е добра идеја, но, иронично, сѐ уште немаме практична поддршка од нашите сопствени институции“, вели за БИРН, челникот на ИВЗ, Сулејман Реџепи.

Планот е релативно едноставен, да се работи со притвореници кои се затворени поради учество или помагање на насилните џихадистички групи, така што, откако ќе бидат ослободени, ќе имаат подобри шанси за реинтегрирање во општеството.

Сепак, ИВЗ и натаму е загрижена поради, како што велат, немањето соработка помеѓу религиските и владините органи на локално, регионално и меѓународно ниво, кога станува збор за сузбивање на религискиот насилен екстремизам.

На борбата против тероризмот „се гледа како на антиалбанска“

Поранешниот секретар на ИВЗ, Африм Тахири, вели дека полицијата никогаш не му се обратила врзано за насилниот исламскиот екстремизам и верува дека македонските власти можеби не се подготвени да се вклучат во работата на џамиите, од страв дека ова ќе се сфати како нешто што е насочено против Албанците.

Во 2001 година, Македонија се соочи со краток вооружен конфликт помеѓу безбедносните сили и албанските бунтовници, кои бараа поголеми права. Врските помеѓу православното население и етничките албанци во државата и натаму се многу тензични.


Досегашни апсења и обвиненија
Се смета дека операцијата „Ќелија“ е единствената голема полициска рација која е директно поврзана со насилниот исламски екстремизам во Македонија.
На почетокот на март, 11 лица беа осомничени за учество во странски воени и паравоени групи во Сирија и Ирак.
Петмината обвинети, Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Ерол Рустеми, Мухамед Имери и Стефан Стефановски, ги отфрлија обвиненијата.
Шестмина од обвинетите, Реџеп Мемиш, Ахмет Дарлишта, Фазли Суља, Сејфула Ефтимовски, Мухамет Шеху и Ресуљ Саити, ја признаат вината, а за возврат добија помали казни. Тие рекоа дека се спогодуваат за доброто на своите фамилии.
Суља, Ефтимовски, Шеху и Саити добија по пет години во затвор.
Мемиш, самопрогласен имам од Тутунсуз џамијата во Скопје, исто така, беше обвинет за организирање и подготовка на луѓе кои ќе одат на сириските бојни полиња, преку, како што се вели во обвинението, „нивна индоктринација преку религиозни и националистички говори“. Тој доби затворска казна од седум години.
Дарлишта беше државен советник во Владата за спроведување на Охридскиот мировен договор од 2001 година. Беше осуден на затворска казна од пет години и шест месеци.
Судиите од скопскиот кривичен суд сеуште не го закажале почетокот на судењето за останатите пет обвинети.

„Во (соседно) Косово, на пример, беа уапсени 150 лица, осомничени за радикализам, но таму, на ова не се гледаше како на антиалбанска борба. Ако нешто слично се случи во Македонија, со сигурност ќе се протолкува поинаку“, вели тој.

Тековното судење на 29 етнички албанци, од кои некои се од Косово, а на кое минатиот мај му претходеше вооружен судир со полициските сили во Куманово, е случај кој го покажува тоа. Беа убиени 8 полицајци и 10 вооружени напаѓачи.

Постои загриженост дека албанските и македонските политички партии, можеби ќе манипулираат со албанската етничка припадност на напаѓачите, сакајќи да го прикажат судењето како политички мотивиран атак врз нивните заедници.

Судењето започна во февруари и обвинетите се соочуваат со обвиненија за тероризам, во врска со наводен напад на полицијата, со цел да се предизвика меѓуетнички раздор. Сите ги отфрлија обвиненијата и тврдеа дека полицијата ги нападнала нив прва, пa тие делувале во самоодбрана.

„Мора да бидеме внимателни со овој и со сличните случаи. Иако минатото на некои од обвинетите и на убиените напаѓачи покажува дека тие се бореле во Сирија и Ирак, можноста овој случај да добие етничка конотоација, е огромна“,изјави за БИРН полициски извор.

Ресурси пренасочени кон бегалската криза

Во прилог на високо чувствителните меѓуетнички тензии, полициски извори велат дека повеќе се загрижени за пренасочувањето на ресурсите во справување со бегалската криза и зголемените безбедносни мерки, воведени после ноемвриските терористички напади во Париз.

Бидејќи бегалците, од кои многумина бегаат од земјите од средниот исток кои се зафатени со војна, продолжуваат да патуваат низ балканските земји, обидувајќи се да дојдат до западноевропските држави, безбедносните служби имаат малку ресурси за следење на борците повратници, на екстремистите што вршат регрутација и на оние кои се подложни на радикализација.

„Фактот дека многу од нив (од џихадистичките борци) се враќаат, претставува голема закана за безбедноста, бидејќи полицијата мора да биде способна да ги следи нивните активности и евентуално да ги уапси“, вели полициски извор.

„Имаме лимитирани ресурси, како во работна сила, така и во разузнавачки персонал… ризикот од инфилтрирање на радикали помеѓу бегалците е секогаш присутен, но, што е уште поважно, мораме повеќе да внимаваме на домашните радикали и повратници.

„За следење на нивните активности се потребни ресурси, а заканата која доаѓа од нив е, според мое мислење, е далеку поголема отколку заканата од бегалците“.

БИРН контактираше со Министерот за надворешни работи на Македонија за да даде свој коментар, но не добивме одговор.

Сторијата е објавена и на „Балкан Инсајт“