Анализи

Година на незавршени интеграции

Договорот од Преспа ги подигна очекувањата за ЕУ и НАТО | Фото: Flickr на Владата на Северна Македонија

„Година на интеграција“. Со таков епитет беше дочекана 2019 година, а ќе биде испратена со половично реализирани очекувања. Политичкиот капитал што го произведе Договорот од Преспа, постигнат со соседна Грција, (17.6.2018) со кој се реши тридеценискиот спор за името наметнат од Атина, ги подигна очекувањата дека тој ќе биде клучот-калауз што на Скопје ќе му ги отвори вратите на ЕУ и НАТО.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ договорот го оцени како „капитулантски“, а за „предавници“ ги прогласи осумте пратеници од нејзината коалиција што гласаа за пристапување кон уставните измени и помогнаа да се обезбеди двотретинско мнозинство за нивно усвојување.

На 11 јануари, со 81 глас „за“, Собранието ги изгласа уставните амандмани за менување на името Република Македонија во Република Северна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на таа седница и побара предвремени парламентарни избори, а Владата му се заблагодари на Собранието за испишаното „ново, историско поглавје на државноста“.

Набргу потоа беа собрани првите „преспански плодови“. На 6 февруари, на церемонија во Брисел, амбасадорите на 29 земји-членки на НАТО го потпишаа пристапниот Протокол, со кој Македонија треба да стане 30-та членка на Алијансата. Во деновите потоа почна процесот на негова ратификација во националните парламенти на земјите-членки на НАТО. Првата ратификација беше реализирана во парламентот на Грција на 8 февруари, а четири дена подоцна, Договорот од Преспа влезе во правна сила.

Република Македонија под тоа име последен пат се разбуди на 12 февруари. Но, вечерта ја дочека со новото име – Република Северна Македонија

Република Македонија под тоа име последен пат се разбуди на 12 февруари. Но, вечерта ја дочека со новото име – Република Северна Македонија, откако со објавувањето на уставните амандмани во „Службен весник“, во сила влезе договорот со прилично долго име: „Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на ОН, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Истиот ден, прва што претрпе измени беше веб-страницата на македонската Влада, која доби ново лого: Влада на Република Северна Македонија. Втората промена се случи следниот ден, на преминот „Богородица“ на македонско-грчката граница, каде што беше поставена првата табла со новото уставно име, која истиот ден беше испишана со графит „Никогаш Северна“.

Пендаровски избран за шеф на државата

Петтиот македонски претседател | Фото: Роберт Атанасовски

На јавна сцена силно доминираше наративот за „предавници и патриоти“, кој се засили по одлуката на Кривичниот суд од 15 март, со која беа изречени вкупно 211 години казни затвор за 16 лица обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок, во врска со настаните од 27 април 2017 година. Највисока казна од 18 години затвор доби Митко Чавков, екс- директор на Бирото за јавна безбедност и носител на т.н. златна команда во Оперативниот штаб на МВР.

Март и април главно поминаа во меѓупартиски препукувања за тоа кој ги чува, а кој ги распродава националните интереси, што се претвори и во своевиден тренинг за претстојниот изборен мегдан – претседателските избори на 21 април. На патеката за трка кон кабинетот на Водно застанаа тројца професори, независни кандидати: Стево Пендаровски заеднички поддржан од владејачката коалиција, Гордана Сиљановска Давкова поддржана од опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Блерим Река со поддршка од опозициските Алијанса на Албанците и Беса.

Во првиот изборен круг, и власта и опозицијата паднаа под резултатите од локалните избори во октомври 2017 година, што беше протолкувано како жешка шлаканица од јавноста, која бара промени и реформи, а не црна кампања. Пораката е примена, одговорија од власта, а премиерот најави и кадровска „метла“.

Тесната разлика во првиот круг меѓу Пендаровски и Давкова од 4.600 гласови (во корист на Пендаровски) иницираше поголема мобилизација во вториот круг

Тесната разлика во првиот круг меѓу Пендаровски и Давкова од 4.600 гласови (во корист на Пендаровски) иницираше поголема мобилизација во вториот круг, кој заврши со негова убедлива победа. Тој стана петтиот македонски претседател, и прв по промената на името на државата во Република Северна Македонија.

„Мојата мисија е да обединувам, сите заедно да одиме напред. Ќе бидам фактор на стабилност, а не фактор на кризи. Ќе бидам претседател од кој нема да се срамите“, вети Пендаровски. Ја презеде функцијата на 12 мај, а неговиот претходник Ѓорге Иванов си замина од претседателската „Вила Водно“ по два мандата (10 години), испратен лично од новиот претседател.

Метлата на премиерот во јуни резултираше со мини-реконструкција во неколку ресори: финансии, животна средина, локална самоуправа, култура и во министерството за политички систем. Намерата на премиерот Заев истовремено да раководи и со ресорот финансии беше спречена од ДКСК, со образложение дека законот не го дозволува тоа. Еден месец подоцна, „метлата“ зафати и неколку десетици директори на јавни претпријатија, установи, акционерски друштва во државна сопственост и членови на надзорни и управни одбори. Но, сето тоа падна во сенка на други настани.

„Рекет“ предизвика разорен земјотрес

„Иконата на правдата“ драматично ја еродираше довербата на граѓаните во правдата | Фото: Роберт Атанасовски

Во јуни, кога се очекуваше да биде собрана „втората главна реколта“ од плодовите на Преспанскиот договор, се случи – одложување. Не се оствари ланската препорака на Советот на ЕУ за отворање преговори за членство со Македонија и Албанија во јуни 2019, до кога земјите требаше да постигнат и напредок во реформите. Одлуката беше одложена за самитот во октомври. Тоа ги зајакна опозициските критики за недостиг од реформи, пред сè, во правосудството, особено по бројните кулоарски, но и медиумски наводи за рекетирање и уценување бизнисмени, во кои се инволвирани и чувари на правдата.

Дотогашните бројни шпекулации добија потврда, кога на 15 јули специјалната јавна обвинителка Катица Јанева соопшти дека „ја депонира нејзината оставка, која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение за СЈО и кога ќе го изберат нејзиниот наследник“. Истиот ден, на граничниот премин „Богородица“ беше приведен Бојан Јовановски (Боки 13), кој во јавноста се претставуваше како сопственик на 1 ТВ, а во Скопје беше приведен Зоран Милевски (Кичеец).

Од први септември, УБК беше заменета со новата Агенција за национална безбедност (АНА), која треба да овозможи целосна деконцентрација на моќта во разузнавачките служби

Двајцата беа притворени, а делата за кои ги сомничеше Обвинителството за гонење организиран криминал, станаа и останаа тема број 1 во земјава, во случајот што јавноста го нарече „Рекет“: „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „примање награда за противзаконито влијание“. Според обвинението, тие во два наврата примиле 1,5 милион евра од побарани осум од бизнисменот Јордан Камчев, со ветување дека ќе му ја олеснат положбата во предметот на СЈО – „Империја“, каде што тој е еден од осомничените.

На снимки од разговори меѓу Јовановски и Камчев, кои во почетокот на август ги објави онлајн-изданието на италијанскиот весник „Ла верита“, за првпат се слушна и гласот на специјалната обвинителка Катица Јанева, како преку спикерфон  го уверува Камчев: „Не се секирај за ништо, сè ќе биде океј“. Гласот на дотогашната „икона на правдата“ драматично ја еродираше довербата на граѓаните во правдата. Но „мечката“ заигра и пред нејзината врата. На 21 август, таа беше приведена и притворена, а по претресот во нејзиниот дом беа изнесени парчиња мебел што ги добила на подарок од Бојан Јовановски. На почетокот на септември, 1 ТВ престана да емитува програма.

И додека драматично се нишаше рејтингот на СЈО – институција задолжена да ги гони кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, во историјата си замина Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), синоним за „големото уво“ и за незаконско прислушување на повеќе од 20.000 граѓани. Од први септември, УБК беше заменета со новата Агенција за национална безбедност (АНА), која треба да овозможи целосна деконцентрација на моќта во разузнавачките служби, и функционирање надвор од рамките на МВР. 

Преспанскиот клуч не ја отвори француската брава

ЕУ-блокада поради Франција | Фото: Flickr на Владата на Северна Македонија

На 18 октомври, Северна Македонија доживеа ново разочарување. Иако беа дадени ветувања, одлука за почеток на преговори не беше донесена поради блокадата и ставот на Франција дека најпрво е неопходна нова методологија за процесот на проширување. По шокот со кој се соочи државата која претходно беше посочувана како „пример во регионот“, премиерот Заев на 19 октомври се обрати до граѓаните со најава дека бара „брзи предвремени избори и избори на кои граѓаните ќе донесат одлука за патот по кој треба да продолжи земјата“.

Тој предлог беше ставен на маса на лидерската средба што ја закажа Пендаровски на 20 октомври. Поради барањето на ВМРО-ДПМНЕ до изборите да функционира 100 дена техничка влада според Пржинскиот модел, отпадна предлогот на СДСМ за брзи избори во декември и партиите се согласија изборите да се одржат на 12 април 2020 година.

Во декември заврши истрагата поврзана со невладината организација на Бојан Јовановски, Меѓународен сојуз – Скопје, со која беа опфатени пет лица, меѓу кои и почесната претседателка на организацијата, и пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски, а започна судскиот процес за „Рекет“. Јанева и Јовановски отфрлија вина, за разлика од Милески, кој ја призна вината и следниот ден беше неправосилно осуден на три години затворска казна.

Премиерот Заев на 19 октомври се обрати до граѓаните со најава дека бара „брзи предвремени избори и избори на кои граѓаните ќе донесат одлука за патот по кој треба да продолжи земјата“

Опозицијата во сите изминати месеци обвинуваше дека во случајот се инволвирани и политичари и дека треба да падне „главата на октоподот“, алудирајќи на премиерот Заев. Тој, и во претходните месеци, така и деновиве повторува дека лично го пријавил случајот „Рекет“ во Обвинителството, откако за него бил информиран од страна на Камчев. По инсистирање на медиуми да прецизира кога го пријавил случајот, Заев на Фејсбук одговори: ,,Проверив и ја известувам јавноста дека случајот „Рекет“ го пријавив на 22 април 2019 година“.

Последните денови пред повлекувањето од премиерската функција, Заев ги поминува во консултации околу кадровските предлози за формирање на техничката влада.

До крајот на 2019 година, парламентите на 28 членки на НАТО го ратификуваа протоколот за македонското членство во НАТО. Исклучок е само Шпанија, каде што по изборите сè уште не е формирана влада. Со оглед дека македонскиот парламент треба да се распушти на 11 февруари, а не е извесно дали Шпанија ќе ја изврши ратификацијата дотогаш, владата го прифати предлогот на опозицијата: ратификацијата на Протоколот за НАТО во нашиот парламент да биде извршена предвреме.