Анализи

Година на тешки избори

Што нè чека во 2024 година

За разлика од судските предмети што застареа и заминаа во историјата по сила на измените на Кривичниот законик, 2023 година застари по сила на календарот. Замина, oставајќи ги сите надежи за 2024-та, која е година на избори, не само во Македонија, туку рекордна на глобално ниво: изборни процеси ќе се спроведат во повеќе од 70 држави.

Голем дел од домашната јавност сака што поскоро да ја заборави 2023-та и живее во надеж дека новата ќе донесе промени на подобро. Реалистите се внимателни – очекуваат тешка и непредвидлива година, со тешки избори, не само поради двојниот процес – претседателски и парламентарни, туку, пред сè, по прашањето каков „дух“ ќе преовлада во земјата по нив.

Изворот на дилемата е познат. Ако во 2023 година, најспомнувани зборови без „уставни измени“ и „избори“, тие остануваат и во 2024 година. Сѐ поизвесна е проценката дека парламентарните избори ќе се претворат и во своевиден референдум по неколку прашања: за уставните измени – не сами по себе – туку како врв на ледениот брег од францускиот предлог, неефикасната битка со корупцијата и криминалот, и неказнивоста.

Надвор од „радарот“

Зграда на Владата на Република Северна Македонија

Во година на изборни циклуси во над 70 земји, Македонија тешко ќе го привлече меѓународното внимание | Фото: БИРН

И двата опонентски блока сметаат дека адутите се на нивна страна. Владејачките партии повторуваат дека нема европски пат без уставни измени, опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека патот до ЕУ води преку сузбивање на криминалот и корупцијата.

Од властите ќе се бара одговор и одговорност зошто токму на патот кон ЕУ земјата крахирала во сферата на темелните европски вредности, а од опозицијата – детално да образложи како земјата ќе продолжи по европскиот пат без поддршка за уставните измени.

Без јасни одговори, прашањето за уставните измени во иднина може да (о)стане алиби за покривање на недостигот од реформи, односно за состојба на континуирана парализа.

Ако во 2023 година, најспомнувани зборови без „уставни измени“ и „избори“, тие остануваат и во 2024 година

Поранешната министерка Радмила Шекеринска неодамна даде реална дијагноза за состојбата и упат за можна терапија.

„Кога Северна Македонија преговара со својот сосед, од другата страна не ја има само Бугарија, туку и неговата политичка моќ, која произлегува од членството во ЕУ и нашата желба да станеме членка на Унијата. Кога веќе ЕУ не успеа да ја балансира таа асиметричност, со тоа што билатералните прашања на некој начин ќе ги елиминира од процесот, тогаш сметаме дека ЕУ мора да седне на масата и да помогне за да се најде одржлив и продуктивен процес“, сугерираше таа.

Но, 2024 година нема да биде најпогодна за тоа, бидејќи ЕУ ќе биде преокупирана со избори. Во јуни 400 милиони избирачи од 27 земји-членки на Унијата ќе гласаат за составот на новиот Европски парламент. Со оглед дека во втората половина на годината, и во САД ќе се спроведат можеби најважните избори досега, Македонија ќе биде речиси надвор од радарот за какво било фасилитирање на тој процес, исправена единствено пред сопственото огледало, изборите, резултатите од нив.

Глад за морални авторитети

Скулптура маска пред Театар за деца и младинци

На граѓаните им се нудат аргументи дека времињата и властите се менуваат, ама матриците не | Фото: БИРН

Настрана од анкетите што сега се пласираат и победничките најави од сите страни на политичкиот спектар, партиите како да забораваат на големиот контингент гласачи што се решени да останат дома, или да го пречкртаат гласачкото ливче. Според досегашното поведение на партиите, тој процент нема да се намалува, но може да се зголемува.

А тоа ќе се случува доколку СДСМ и ДУИ продолжат сите неистомисленици симплифицирано да ги подведуваат под терминот „мрачни сили“, или ако врвот на ВМРО-ДПМНЕ продолжи да тврди дека денес Македонија не е подемократска од периодот пред изборите во 2016 година.

Таквите црно-бели верзии може да ги одвратат од избори и граѓаните што планирале да гласаат, бидејќи отворено им се нудат кредибилни аргументи дека времињата и властите се менуваат, ама матриците не.

Изборите ќе бидат тешки, бидејќи македонската политичка класа, нурната доминантно во јалови меѓупартиски пресметки, инертен хедонизам и слепило за реалноста, рефлектира дека сѐ уште е под нивото на предизвиците со кои се соочува земјата во сите суштински сфери – здравството, образованието, демографијата, инфраструктурата…, и нудат кавги, но не и структуиран дијалог за нивно решавање.

Без јасни одговори, прашањето за уставните измени во иднина може да (о)стане алиби за покривање на недостигот од реформи

Голем камен на сопнување ќе биде и воскреснувањето на националистичките наративи – од поклонувањето пред мермерни плочи со Голема Албанија, до зовривањето тензии за крстот на Шара и други провокации, од чија било страна. Во етничките атари се надеваат дека тоа ќе им биде можност за добивање изборни поени, но многу повеќе може да им стане казна.

Со оглед дека веќе се групираат двата големи блока во кои се познати или се проектирани идните партнери од македонскиот и албанскиот блок, националистичките излети најможе бргу да ѝ пресудат на коалициската „хемија“. И да го потврдат правилото дека не е важно кој ќе добие најмногу гласови, туку кој ќе успее да формира влада.

Иако партиите го занемаруваат овој факт, по ова прашање во следните четири месеци ќе бидат под голема лупа на граѓаните. Ќе бидат изложени на секојдневен систематски преглед и јавен полиграф, низ кој не ќе може да се подметнуваат стари прикаски за нови победи по цена на меѓуетничкото спокојство, или подгреани манџи од претходни, нереализирани изборни програми.

И наспроти доминантниот партиски менталитет на изборните листи да завршуваат главно проверени послушници со двоцифрен стаж, кои стискаат копче по партиски налог, а не по волја на тие што ги избрале, уверување дека имаат искрена волја за промени ќе може да дадат партиите што навистина ќе понудат морални авторитети, кои беа дефицитарни во изминатите три децении.

Кафе на улицата Македонија

Скулптура шмизла на улица Македонија во центарот на Скопје

Некој ќе пие кафе на улица Македонија, некој на Илинденска број 2 | Фото: БИРН

Што е сосема извесно? Иако во граѓанско општество е непримерно и несоодветно да се зборува со етнички предзнаци – ново во новата година е што Македонија за првпат ќе има „сто дена премиер Албанец“, според договор меѓу СДСМ и ДУИ од 2020 година, а како резултат на опсесијата на ДУИ да се факторизира себеси, помалку со резултати, повеќе со колекција од функционерско-етнички еполети.

Од 28 јануари, на премиерската функција ќе биде кадарот на ДУИ, Талат Џафери. Иако станува збор за премиер на преодна (пржинска) влада, задолжена за спроведување избори, за ДУИ тоа имало симболичко значење од аспект на етничкото демонополизирање на трите главни функции во државата.

Голем камен на сопнување ќе биде и воскреснувањето на националистичките наративи

Партијата тоа веќе го постигна со Џафери како претседател на Собранието во два мандата, помеѓу и со функцијата „прв вицепремиер“ стокмена, исто така, за кадар на ДУИ. Партискиот потпретседател Бујар Османи веќе најави дека „следната мисија“ на ДУИ во сузбивањето на етничкиот монопол е функцијата претседател на државата.

Тоа значи дека овие претседателски избори може да бидат последни на кои сватовите од Мала Речица ќе одат „на свадба без невеста“, односно со консензуална поддршка за кандидат што е од мнозинската етничка заедница.

Втората извесност откако технички премиер ќе стане Талат Џафери е дека Димитар Ковачевски на 29 јануари ќе пие кафе во центарот на Скопје, без костум.

„Одам да купам ново палто и фармерки, и одам да пијам кафе на улица Македонија“, изјави тој, прашан што ќе прави на 29 јануари.

Прашањето кој ќе пие победничко кафе на Илинденска број 2, ќе се знае по 8 мај.