Анализи

Годината низ наша Призма

БИРН пишуваше за „Бехтел и Енка“, фрли ново светло врз стари зделки, даде глас на приказни што се шепотеа

Бугарите во Уставот како услов за продолжување на преговорите со Европската Унија и датумот за парламентарни избори беа двете главни теми што партиските и политичките центри ги наметнуваа годинава што измина.

Меѓу дневно-политичките надмудрувања се наметнуваа и други теми. БИРН, со неколку текстови, отвори нови аспекти на актуелни прашања, фрли светло на стари матни зделки, раскажа нераскажани приказни…

Сомнителни  тендери

Меморандумот за соработка со Бехтел и Енка е усвоен во 2021. Проектот почна да се реализира 2023 година | Илустрација: БИРН

Пролетта ја отворивме темата за тоа кој стои зад конзорциумот што ќе ја надгледува работата на коридорите 8 и 10Д, кој по ексклузивниот договор, владата одлучи да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка. Истражувањето покажа дека, покрај италијанската ИРД, надзорот ќе го вршат и „Евро консталтинг“ на Бранимир Димитријевиќ, обвинет во Ерменија за измама при надзор на изградба на тамошните автопатишта.

Следуваа реакции од компаниите и од владата и обиди за демантирање, кои, сепак, останаа само на обиди. Потоа беа сменети и девет закони со кои се овозможи изградбата на автопатиштата. Договорот веќе почна да се реализира, работите на терен се движат, а обвинителството во март отвори предмет за случајот.

Фотографиите со скромната и несоодветна исхрана што пациентите во скопскиот Клинички центар често ги поставуваат на социјалните мрежи беа повод да истражиме, чија е кујната што ја приготвува храната и зошто таа е толку лоша?

Откривме дека преку матна зделка склучена пред две децении, кујната ја работи фирмата „Хацат“ на поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Делче Ицков. Ниту тој, ниту државата, а најмалку, пак, пациентите се задоволни, но никој не презема нешто за промена на состојбата.

БИРН го следеше и енергетскиот сектор, па откако откри сомнителен тендер за набавка на јаглен за РЕК Битола, пишуваше и за оштетувањата што ги предизвика увезениот енергенс од Албанија. Длабоки наслаги на Блокот 3 на енергетскиот комбинат направени од употребата на несоодветниот јаглен никогаш не беа потврдени од надлежните од ЕСМ. Но, фотографиите до кои дојде БИРН, поткрепени со коментарите на компетентни извори, зборуваа поинаку. Блокот беше оштетен и привремено ставен надвор од употреба.

Урбанистички хаос

Во некои скопски населби сончев зрак тешко се пробива | Фото: БИРН

Помислата од удирањето темели за нови згради во Скопје, често ги вознемирува соседите што живеат во близина. Дури и кога е само маркичка во предлог ДУП.

Недовербата во системот градена со години секогаш кај жителите поттикнува страв дека на нив ќе им биде одземено малото парче слободен простор што им останало или, пак, дека зад новата градба сигурно стои некој моќник што ќе ги победи пред институциите.

Таков е стравот и на жителите на Лисиче, кои протестираа поради новиот ДУП, кој овозможува градби на парцели за кои БИРН откри дека се на компанијата „Голден арт“.

Непрецизните правила за тоа што е зграда, а што куќа го отежнаа животот во скопските населби Црниче и Пржино. По дваесет години такво градење, локалните жители немаат слободен простор за нормално функционирање надвор од домовите, но за проблемот, раменици крева и актуелниот градоначалник Орце Георгиевски.

Сепак, се надева дека новото ограничување што го донесе општината да може да има најмногу четири стана ќе ја обесхрабри комерцијалната градба во населбите под Водно.

А населби во центарот на Скопје веќе личат на кањони, во кои, поради многуте градби надвиснати над тесните улички, тешко може да пробие сончевиот зрак. Еден таков кварт се наоѓа спроти Клиничкиот центар. Откако претседателката на ДСКС, Билјана Ивановска откри дека зад една од новите градби стои „еден познат човек“, БИРН истражи за кого станува збор.

Жртви на системски пропусти

На студено време и загаден воздух граѓаните со часови чекаат за промена на личните документи | Фото: БИРН

Кон крајот на септември, јавноста ја вознемири веста за свирепото убиство на Танкица Младеновска, жена од Кочани. Утрото кога тргнала накај работа била убиена од нејзин поранешен колега. Веста беше главна во медиумите, но сведена на кратките полициски информации, кои не откриваа многу, освен што наведуваа дека таа била во љубовна врска со убиецот. Тоа ги засили чаршиските муабети, кои ги надраснаа вообичаените локалните озборувања, па можеа да се видат и во некои медиуми.

БИРН, десетина дена по убиството, отиде во Кочани и раскажа поинаква приказна, слушната во градот во кој живеела и од оние што лично ја познавале.

Танкица, деновите, со години ги поминувала во страв од убиецот, на кој под закана била принудена да му дава пари. Малата средина не гледала со наклонетост кон неа, како што е случај со разведените жени. Поради околината молчела, а кога се охрабрила да пријави, системот не ѝ пружил заштита.

Токму тој систем не функционира и кога прашањето не е живот или смрт, туку секојдневни нервози и проблеми, кои на граѓаните им го отежнуваат функционирањето. Па, така истражувањето на БИРН покажа дека мала невнимателност може да ви донесе кредит на грб, иако ниту ви бил потребен, ниту сте го барале.

Во меѓувреме, додека бројот на луѓе на чие име се земени пари од фирмите за брзи кредити се множи, институциите си ја префрлаат одговорноста чија е вината за овој пропуст.

А оние граѓани што не брзале и немале доволно среќа да добијат линија на телефонскиот број на МВР, крајот на годината го поминаа чекајќи во ред. Со часови пред полициската станица Пролет чекаа да извадат нови документи, со придавката северна, кои ќе бидат задолжителни од февруари 2024.

Регионални теми

Балканските држави лесно даваат пасоши на странци | Илустрација: БИРН

Но, не е Македонија изолирана територија во која граѓаните се чувствуваат незаштитено. БИРН откри дека измами со претплатата што корисниците ја плаќаат на мобилните оператори има и во Србија, и во Бугарија. Без да бидат свесни, со еден клик на мобилниот телефон, претплатниците упаѓаат во светот на непосакуваните хороскопи, игри и други онлајн-забави поради кои месечните сметки им растат. А регулаторите немаат многу одговори за тоа како ги штитат од измама.

Регионот има и други заеднички нешта, како на пример лесни прсти за давање државјанства на странци. БИРН откри дека македонската влада му дала државјанство и пасош на контроверзен американски бизнисмен, кој отворил фризерски салон во Скопје, но потоа го повлекол законскиот минимум за инвестиција што му го обезбедил државјанството, а салонот го препуштил на друга фирма.

„Призма“, на крајот на годинава ја презентираше и македонската верзија на Мониторингот на сопствеништвото на медиумите, како дел од регионалниот проект, во кој се вклучени и Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Сумираните податоци за базата, собирани и работени шест месеци, се сумирани во наодите за проблемите со мерењето на публиката, функционирањето на онлајн медиумската сцена и финансиската зависност на индустријата.