Репортажи

Под Водно згради, а наводно куќи

Интензивната градба постојано зема нов данок  во населбите Црниче и Пржино

Станбен објект од четири стана. Ова е описот на таблата пред едно ново градилиште во скопската населба Пржино, каде што се подготвуваат темелите. Објектот не е ниту куќа, ниту зграда, односно на хартија е куќа, а во суштина зграда, какви што има десетици во неговото опкружување и стотици на ридските населби во подножјето на Водно.

Оваа има четири стана поради одлуката на општинскиот совет на Кисела Вода, од април минатата година, дека на местата каде што градежното земјиште е наменето за индивидуално домување, тоа ќе биде максималниот број станбени единици. Пред одлуката, инвеститорите беа многу послободни во дефинирањето на поимот индивидуална куќа, а локалните власти отворени за нивните слободни толкувања.

„Има „куќи“ со по 8, 16, една дури со 28 станови“, вели градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Претворањето на куќите во мини-згради, со користење на нивните максимални димензии во урбанистичките планови (приземје, два ката и поткровје) е тренд низ цело Скопје, но во ридските населби во подножјето на Водно се оди чекор подалеку. Инвеститори ги пријавуваат улиците над нивните парцели како почетни коти, па теренот им овозможува да изградат уште еден до два ката надолу, како „подрумски“ простории. Практично „приземјето“ на зградата (односно на „куќата“) во реалноста е прв или втор кат.

Штетата е веќе направена

Големи разлики во димензиите меѓу старите и новите објекти | Фото: БИРН

Во изминативе 11 месеци, откако општината го ограничи бројот на станови по објект, за населбите Црниче и Пржино се издадени осум одобренија за градба. Оние што поднесувале проекти со повеќе станови биле враќани.

Но, штетата е веќе направена. Високоградбата во населбите трае веќе 20 години и целосно им го измени ликот.

„Нема веќе маалски живот, освен во некои улички. Не е ниту безбедно децата да си играат на улица, има премногу автомобили“, вели Марко, жител на Пржино и еден од активистите за запирање на градежната експанзија во населбата.

Градбите достигнуваат до шумата на Водно | Фото: БИРН

Со неколкумина од нив направивме прошетка низ населбата за да ни ја покажат нејзината трансформација. Апликациите на мобилните телефони велат дека за еден час сме поминале три километри и сме искачиле висинска разлика колку 17 ката. Згради што божем се куќи најдовме во секое маало, во секоја уличка.

Интензивната градба постојано зема нов данок.

„Еднаш им пропадна улица, другпат им падна потпорен ѕид, третпат пукнаа водоводна цевка, па темелите им се претворија во базен. Постојано се случуваат инциденти. Очигледно е дека на ваков ридест терен нема услови за толку интензивно градење во кое се користат камиони, булдожери, мешалки за бетон“, додава Марко.

Принудни урбанисти

Поради преголемиот број возила, пешаците се на улица | Фото: БИРН

И сѐ уште се гради. Високо над улицата Рилски конгрес се издигнува бетонската конструкција на објект што веќе има пет нивоа и не би можел да биде за четири стана. Според градоначалникот, тоа била последната градба за која одобрение било издадено пред ограничувањето да стапи во сила.

За жителите, пак, овие примери создаваат сомнеж дали и отсега ќе има ред.

„Велат дека овој објект е А1, но ќе видиме што ќе добиеме на крајот“, додава Марко, додека стоиме пред едно ново градилиште.

Луѓе од Пржино што никогаш професионално не се занимавале со урбанизам, во секојдневните разговори употребуваат термини како А1, А2, П+2+Пк и други, специфични за планерскиот речник. Маката ги натерала на тоа, и неможноста немо да гледаат како им се уништуваат условите за живот во непосредната околина.

Се организираат во групи, потпишуваат петиции, разменуваат документи и се во редовна комуникација со општината, притискајќи за поумерено градење, без разлика кој е градоначалник. По сѐ што им се случувало досега, тешко стекнуваат доверба дека институциите можат и сакаат да ги заштитат.

Инвеститорите „ловат“ потенцијални продавачи според состојбата на куќите | Фото: БИРН

Згора на тоа, не сите нивни соседи се согласуваат со нивната активност. Оние со руинирани куќи што немаат пари да ги поправат, или тие каде што има многу наследници и не можат да се поделат, секогаш се во потрага по најлесното решение – инвеститор на кого ќе му ја дадат куќата или бараката за зграда.

„Со тоа ни создаваат проблеми нам, другите. Инвеститорите се мошне вешти во пронаоѓањето потенцијални продавачи. Нивни претставници шетаат по населбата и прашуваат, посебно ако видат постара и трошна  куќа. Веднаш пробуваат да ги најдат сопствениците“, ни велат локалните жители.

Затворени панорами

Панорамски поглед на градот додека не се отвори ново градилиште | Фото: БИРН

Желбата да се добие стан со панорамски поглед на Скопје привлекува многу купувачи во Црниче и во Пржино, а тоа го поттикнува и бизнисот со високоградба. Цената на овој луксуз не се пресметува само во евра по квадратен метар, туку и во блокирани улички, чести дефекти на електричната или на водоводната мрежа, излевање на канализацијата и други инфраструктурни проблеми, и за старите, и за новите жители.

А и уживањето во погледот нема да трае вечно. Само додека некој изгради објект на соседната парцела. Исто така со поглед. И исто така привремено. На крајот, погледот ќе биде затворен, а ќе останат само проблемите.

„Ќе бараат потоа од мене да направам улици, паркинзи… Таму нема место каде да се прави поголема инфраструктура. Населбата е проектирана и теренот не го дозволува тоа“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

Градежната механизација ја оптоварува локалната инфраструктура | Фото: БИРН

Тој смета дека ограничувањето на четири стана ќе ја обесхрабри комерцијалната градба во населбите под Водно.

„Јас дури мислам дека два стана се доволно, бидејќи и со четири значително се зголемува бројот на населението на едно место, но не можам да одам против уставно загарантираните права. Доаѓаат и семејства што бараат четири ката, за родителите и децата да добијат посебни станови“, додава Ѓорѓиевски.

Одлуката пред Уставниот суд

Влезот на еден објект за „индивидуално“ домување во Пржино | Фото: БИРН

Колкави ќе бидат уставно загарантираните права (во катови, станови и во квадратни метри), пак, допрва ќе се одлучува. На суд. Локална градежна фирма поднела претставка до Уставниот суд со која бара да се укине правилото за максимум четири стана, кое формално се вика „автентично толкување на општи и посебни одредби на донесени урбанистички планови и урбанистичко планска документација“. Судот прифати да ја разгледува оваа иницијатива и се очекува да донесе одлука.

Според иницијаторот, кога биле носени ДУП-овите, не бил утврден максимален број станови, па со автентичното толкување општината практично направила измена на планската документација. Во претставката се додава и дека Законот за локална самоуправа не предвидувал општините да прават автентични толкувања на своите одлуки.

„Очигледен е бизнис-интересот тука. Но, ние стоиме зад нашата одлука, која е во согласност со Статутот на општината“, смета градоначалникот.

Новоградби што на хартија се куќи | Фото: БИРН

Уставниот суд, во изминативе години имаше повеќе одлуки со кои се охрабруваше или се обесхрабруваше градежната експанзија во главниот град. Двапати го укинуваше мораториумот за градење што го воведуваше претходната управа на Општина Центар за да направи ревизија на плановите. Претходно укинуваше ДУП-ови во Карпош. На почетокот од годинава укина ДУП донесен во 2014 година во Центар, што овозможи старите и ниски куќи во Капиштец да се заменат со висококатници, на истата улична мрежа и инфраструктура.

Но, судот во својата работа не се води од ефектите што градењето ги има во подрачјата за кои се одлучува. Негови главни критериуми се формалните чекори при носењето на оспорените одлуки, а сѐ друго е работа на локалните власти и на нивните политики.