Истражувањa

Со увозниот јаглен се увезле и аномалии во РЕК „Битола“

Невидливата цена на справувањето со енергетската криза

Блок 3 на РЕК „Битола“, од јануари има проблеми во функционирањето. Еден од причинителите е и увозниот јаглен што по употребата остава наслаги слични на бетон, тврдат, за БИРН, повеќе независни извори што инсистираат на анонимност.

Станува збор за јаглен што содржи материи што се лепат за опремата. Нивното отстранување е тешко и ризично за постројката. 

Всушност, приказната за сериозни оштетувања во Блок 3 на РЕК предизвикани од несоодветниот состав на јагленот што се увезува од Албанија, веќе со месеци се споделува на социјалните мрежи и во приватна комуникација.

БИРН веќе пишуваше за чудниот избор на компании што се ангажираа да доставуваат јаглен од Грција и од Албанија. 

Аномалија имало, но од што е?

Надлежните од ЕСМ, за БИРН, потврдуваат дека Блок 3 бил исклучен од електроенергетската мрежа, но не одговараат на прашањето дали тоа се должи на несоодветната суровина. Од таму велат дека причина за неработењето се  „сервисни активности на опремата“ , како и аномалии забележани во текот на сервисирањето.

Тие велат дека  Блок 3 наскоро ќе биде ставен во функција, инсистирајќи дека таму „не се забележани никакви оштетувања, односно опремата е недопрена“.

Од државната енергетска компанија, во писмениот одговор,  додаваат дека блоковите на РЕК „Битола“ се во добра кондиција, и покрај, како што велат, амортизираноста и несоодветната нега во минатото.

„Ремонтните активности во текот на грејната сезона, но и пред тоа, во текот на енергетската криза со која се соочуваше и се соочува државата, беа изведувани кога беше нужно и неопходно, со цел да не дојде до оштетувања на опремата. Во текот на летниот период, претстојат зафати со кои блоковите треба да бидат оспособени за новата грејна сезона што нѐ очекува“.

ЕСМ испрати и фотографии на кои блоковите и опремата се прикажани чисти и без оштетувања.

Исчистениот блок 3 од РЕК | Фото: ЕСМ

На овие фотографии им претходеа други, добиени од извори што инсистираат на анонимност на кои се гледаат наслаги залепени за опремата во блокот.

Оштетувањата би можеле да настанат или поради несоодветно мешање на посилниот јаглен со домашниот, или со прекумерна употреба на увезениот | Фото: приватни архиви

Според нашите извори, најпроблематичен е јагленот што доаѓа од рудникот Селеница во Албанија. Тој содржи битумен. Тоа го потврдува и презентацијата изработена од албанската Национална агенција за природни ресурси.

Како дошло до тоа да се користи битуменозен јаглен кога и во тендерот строго било наведено дека се бара лигнит – не е познато. Една од претпоставките е дека плаќањето на доставените количества по гигаџул топлинска моќ, наместо по тон, ги мотивирало доставувачите да бараат што посилен јаглен

Според изворите на БИРН, со согорувањето на увезениот јаглен се создавала смеса слична на бетон, која е многу цврста бидејќи е добиена од материјали под висока температура. При обидите тоа да се искрши и исчисти, пак, за да може системот нормално да функционира, се користеле ударни алати со висока моќност и други средства, со што, како што велат, се создавал ризик од сериозни оштетувања на опремата во самиот блок, особено кога таа постапка се повторува по секое согорување несоодветен јаглен.

Тешкотиите при чистењето се прикажани на дел од фотографиите, каде што, како што рекоа нашите извори, се гледаат трагите од употребата на опрема за дупчење. Тие потврдија дека блокот 3 е веќе исчистен, но додадоа дека сега прво ќе треба стручни екипи од РЕК да ја прегледаат опремата и да ја проценат штетата, па потоа блокот да се врати во употреба. Поправки секако ќе бидат потребни, велат.

Технички проблем и системски страв

Системот во РЕК „Битола“ е направен за да користи лигнит, кој го има во околните рудници во пелагонискиот басен, и на македонската, и на грчката страна. Тој е послаб, односно помалку калоричен од битуменозниот јаглен и произведува пониски температури од него. Но, бидејќи по долгогодишните ископувања во рудниците околу комбинатот сѐ потешко е да се најде квалитетен локален лигнит, ЕСМ минатата година соопшти дека ќе увезува висококалоричен јаглен што ќе го меша (хомогенизира) со домашниот, за да добие соодветна смеса што ќе се користи во комбинатот.

Тоа беше дел од амбициозниот план на државата за справување со енергетската криза – наместо струја, да увезува енергенси, со кои ќе произведува електрична енергија во домашните капацитети и целосно ќе ги покрие домашните потреби.

Надлежните од ЕСМ за БИРН потврдуваат дека Блок 3 бил исклучен од електроенергетската мрежа, но не одговараат на прашањето дали тоа се должи на несоодветната суровина

Познавачи на технологијата во термоцентралите, за БИРН, објаснуваат дека висококалоричните јаглени може да предизвикаат оштетувања во опремата на блоковите и застој во производството, особено во термоцентрали што не се приспособени да ги користат.

Според нив, оштетувањата што се гледаат на фотографиите до кои дојде БИРН  би можеле да настанат, или поради несоодветно мешање на посилниот јаглен со домашниот, или со прекумерна употреба на увезениот. Чистењето на тие наслаги, додаваат, предизвикува застој во работата, бидејќи системот мора да се доведе до ладна состојба за да може да се интервенира, а за тоа, според стручната литература, може да бидат потребни три до пет дена.

Застојот може да се види и од податоците за дневното производство на електрична енергија. Тоа е неколкукратно пониско во споредба со претходните месеци, и иако има логика да се произведува помалку струја во однос на зимските месеци, кога трае грејната сезона, сепак забележително е тоа што дневното производство веќе не ја задоволува вкупната дневна потрошувачка, а порано имаше и вишок. Или – планот за целосно покривање за домашните потреби со локално производство, поради кои и се увезуваше јагленот – веќе не функционира.

Дневно производство на енергија од термоцентралите

Како дошло до тоа да се користи битуменозен јаглен, кога и во тендерот строго било наведено дека се бара лигнит – не е познато. Една од претпоставките е дека плаќањето на доставените количества по гигаџул топлинска моќ, наместо по тон, ги мотивирало доставувачите да бараат што посилен јаглен.

Изворите со кои разговаравме велат дека кај дел од вработените во блоковите се појавила загриженост дека интервенциите поради наслагите ќе предизвикаат поголеми штети и затоа ја алармирале управата, но биле замолчувани. Иако го потврдија својот идентитет, тие беа крајно внимателни во разговорите.

 Стравуваа да не бидат видени со „непознати лица“ среде Битола, а информациите ги споделуваа исклучиво преку енкриптирани канали. Нивната внимателност, како и отсуството на посилни реакции однатре, укажува на атмосфера на страв околу РЕК „Битола“ и околу операциите со увоз на јаглен.

Сомнежи уште од набавките на јагленот

Трите блока на РЕК „Битола“ | Фото: БИРН

БИРН веќе пишуваше дека увозот на јаглен, според одлуката на ЕСМ од јуни минатата година, го вршат три фирми, од кои една е албанска енергетска компанија наречена „Хај Тауерс“ и две се микрофирми од Скопје основани од ист човек, извесен Аљибер Ибраими од тетовската населба Мала Речица. За Ибраими има малку податоци на интернет, а неговото име и презиме се појавува во сопственичката и управителската структура на неколку фирми во Полошко што се занимаваат со живинарскиот бизнис.

Изворите со кои што разговаравме велат дека кај дел вработени во блоковите се појавила загриженост дека интервенциите поради наслагите ќе предизвикаат поголеми штети и затоа ја алармирале управата, но биле замолчувани

Едната фирма, наречена „Куантум Солушнс“, ја формирал непосредно пред да се распише тендерот, а другата, „Енергија Икс“, кога тој веќе течел. Тендерите со вкупна вредност од над девет милиони евра беа првата работа што тие фирми воопшто ја добиле. Не се знае како ја извршиле, односно како донеле 100 илјади тони јаглен од Грција и 50 илјади тони од Албанија, кога ниту имаа возен парк, ниту отворени канцеларии (само адреса за регистрација), имаа само по еден вработен – управителот, а луѓето вклучени во нив немаа никакво видливо искуство во енергетскиот сектор. Иако БИРН бараше, ЕСМ не ги достави договорите со нив на увид.

Во меѓувреме, неколкупати се менуваше и сопственичката структура во двете микрофирми најмени да помогнат во справувањето со енергетската криза. На почетокот, во март 2022 година, Аљибер Ибраими беше единствениот сопственик на „Куантум Солушнс“, но четири месеци подоцна му се придружи извесен Лазар Кимов.

„Енергија Икс“, пак, Ибраими ја формираше во мај 2022 заедно со скопјанката Ана Христовска, која во август беше заменета со ракометниот менаџер Ристо Чокрев. Ибраими, пак, во ноември го отстапи својот дел на гостиварецот Сеат Елмази, чие семејство со години работи во транспортниот бизнис. Четири месеци подоцна Елмази ја напушти фирмата и во неа остана само Чокрев и како сопственик и како управител.

И покрај сите промени, во фирмите во ниеден момент досега не се појави лице поврзано со енергетиката.