Репортажи

Борба за нов пасош или лична карта: кој чека, можеби ќе дочека

Четири часа во редот за вадење нови лични документи, без закажување

„Само нешто да прашам?“, им се обраќа еден средовечен човек на луѓето што се тискаат пред самиот влез на пунктот за вадење лични документи без закажување, кој пред нешто повеќе од еден месец беше отворен во полициската станица „Пролет“.

Надвор е ладно, едвај неколку степени над нулата. Сега е 9 часот, ама тие што успеале да се доближат до самиот влез се дојдени уште во 5. Гледаат испитувачки кон оној „што сака само да праша“ (фраза која постојано се слушаше), бидејќи не им е сеедно ако по 4 часа чекање, некој туку-така пред нив влезе во објектот каде што се поднесуваат барања за нов пасош, лична карта или возачка дозвола. А документите мора да се сменат бидејќи старите важат до 12 февруари, рок по кој во секој од нив ќе мора да стои новото име на државата – Северна Македонија.

Вратата се отвора и полицаецот што го чува влезот, подизлегува надвор.

„Мајка ми имаше мозочен удар и тешко се движи. Дали ќе може да ја донесам тука за да извади документи“, прашува средовечниот човек, во надеж дека со болната мајка ќе има приоритет за влез.

Му олеснува кога добива позитивен одговор. И луѓето што се тискаат пред вратата молчешкум одобруваат. Ги има од сите генерации. Стари луѓе во своите 80-ти, кои тешко се движат, родители со мали деца, многу пензионери, но и млади, кои дошле тука откако по десетици обиди не успеале да закажат редовен термин за промена на документите, бидејќи во Скопје е толкав метеж, што отсега термин може да се најде најрано за месец септември следната година.

За волја на вистината, по брза постапка може да се извадат документи за неколку дена, со закажување на другите пет скопски пунктови, каде што воопшто нема метеж, ама тие чинат двојно, само за пасош е над 6.000 денари, и сите не можат да си ги дозволат.

Кога државата ќе затаи

Граѓани со часови чекаат на пунктот на МВР пред полициската станица „Пролет“, за да извадат нова лична карта, пасош или возачка дозвола, во кои ќе биде впишано новото име на државата - Република Cеверна Македонија

Гужва пред пунктот на МВР во Скопје за вадење нови лични документи без закажување | Фото: БИРН/В.Маглешов

Оставени без голем избор, луѓето застануваат во долгата редица пред единствениот пункт, каде што за нов пасош, лична карта или возачка дозвола може да се аплицира без закажување. Изгледаат некако помирено со идејата дека тука ќе мора да останат со часови. Нешто налик на редиците во 1990-тите, кога со часови се чекаше за леб и млеко. Или не така одамна, за бензин. Бидејќи секогаш кога државата ќе затаи, граѓаните се тие што ги трпат последиците.

Исто и сега. Договорот за промена на името беше потпишан уште во 2018 година, со одредба дека во рок од 5 години, сите документи ќе мора да се сменат, за во нив да стои новото име на државата. Ама надлежните продолжија да издаваат стари документи до средината на 2021 година.

„До 2030 ми важат, што се вика сега ги сменив. Веќе не ми е ни за тоа што пак ќе платам за нив, ќешки до тоа само да беше, туку кој ќе ја трпи гужвата“, критикува еден од пензионерите додека гледа во колоната пред себе.

По многу вртења на телефон успеал да закаже редовен термин, но дури за во мај, што е три месеци по крајниот рок. Стравувајќи дека полиција ќе го казни ако го фатат со возачка дозвола на која е впишано старото име на земјата, или уште полошо, дека не ќе може да земе пензија со сегашната лична карта, решил да дојде на пунктот каде што примаат без закажување.

„Ова ми е четврти пат како доаѓам. Првиот пат успеав да стигнам и до скаличката пред влезот, ама затворија, било крај на работното време“, раскажува тој, уверен дека сега ќе успее во намерата. 

Не е единствениот. На повеќето, посебно на повозрасните, ова не им е прв обид да стигнат до влезот на пунктот.

По половина час стоење, што со оглед на ниските температури е доволно за студот да влезе во коски, еден повозрасен човек револтирано излегува од редот.

 „Треба тие нас да ни платат, не ние нив“, извикува додека се оддалечува од пунктот.

Македонија во мало

Граѓани со часови чекаат на пунктот на МВР во полициската станица „Пролет“, за да извадат нова лична карта, пасош или возачка дозвола, во кои ќе биде впишано новото име на државата - Република Cеверна Македонија

Гужва пред пунктот на МВР во Скопје за вадење нови лични документи без закажување | Фото: БИРН/ В.Маглешов

Два монтажни тоалети и две клупи на кои никогаш нема слободно место за седење се единствениот инвентар пред објектот. Тие што пушат се поттргнуваат настрана и палат цигара по цигара.

Вниманието го одзема детската игра на едно мало девојче во зелена јакна. Нема повеќе од 5-6 години. Дојдено е со своите родители, уште неколку постари деца, кои се чини дека ѝ се сестри и браќа. По два часа игра се смирува до својата мајка, несвесно дека уште барем толку ќе биде потребно додека заедно си заминат дома.

На самиот влез стои натпис дека предност за влез во пунктот се дава за родители со мали деца и за болни луѓе. Па така, по половина час чекање, преку ред се пропушта да влезе една мајка со бебе, а по неа и двајца старци, кои едвај се движат на патерици, по калливиот простор отстрана на редот.

Десно од објектот, пак, стратешки затскриен зад едно бело камионче, маж во своите 40-ти, пред полициска станица си тера бизнис. Им ги пополнува барањата за новите лични документи на повозрасните луѓе и им наплаќа за тоа. По 100 денари од документ. Има полни раце работа, а луѓето во него гледаат спас, исплашени дека ќе нема празни обрасци или помош за пополнувањето кога ќе влезат во пунктот, па џабе ќе им биде чекањето со часови.

„Не ги зедов очилата, добро што дечково е тука“, се правда една пензионерка.

Други негодуваат затоа што надвор нема празни обрасци за пополнување.

Пладне е, луѓето стануваат нервозни. Ако на почетокот разговорите се вртеа околу проблемите со закажувањето термини или проценки за гужвата, сега веќе се свртуваат кон политика. На тапет е власта.

„Сѐ е промашено кај нас, се е…“, се бунтува еден од луѓето во редот додека друг се жали дека „овие се предавници“.

„Па, сега нека им текне и Северна да избришат, и пак истото. Туку тоа е, ние пензионерите ќе си чекаме… ќешки до попладне ќе завршиме“, гласно критикува пензионерот кому ова му е четврто чекање во редот, додека гледа во весникот и си го крати времето на чекање со решавање крстозбори.

„Еве, потоа нека стават Јужна, па пак ќе чекаме“, со гнев дополнува друг.

Се мешаат македонскиот, албанскиот и ромскиот јазик. Редот од неколку стотици луѓе е приказ на Македонија во мало, вистинско мултиетничко општество. Оној негов дел што не може да плати „брзи постапки“ и влегување преку врски. Сите стуткани, гневни и уморни. И согласни дека „не нѐ бива“.

Џабе е да се буниш

Граѓани со часови чекаат на пунктот на МВР во полициската станица „Пролет“, за да извадат нова лична карта, пасош или возачка дозвола, во кои ќе биде впишано новото име на државата - Република Cеверна Македонија

Гужва пред пунктот на МВР во Скопје за вадење нови лични документи без закажување | Фото: БИРН/ В. Маглешов

На самиот влез веќе станува неподносливо. Почнуваат турканици. Една жена на патерици едвај се задржува да не падне. Две убави млади девојки, преку ред доаѓаат пред вратата. Повозрасен господин ги прекорува да се вратат назад.

„Што е бе, ти на работа не треба да одиш“, дрско му се обраќа една од нив на човекот што бара да има ред.

Сите останати молчат. Девојките туркаат еден постар господин и влегуваат.

„Гледаш, џабе е да се буниш“, коментира тој.

Внатре работите веќе течат побргу. Службениците се уиграни. И тука се чека, ама не долго. Од 12 шалтери, колку што ги има во објектот, работат само седум.

„Седум до осум во првата смена“, појаснува еден од службениците, „во втора обично работат пет“.

Попладне метежот знае да биде уште поголем, бидејќи доаѓаат и тие што не можат со часови да отсуствуваат од работа за да извадат нови лични документи.

По повеќе од 4 часа чекање во ред, мисијата е завршена. Пензионерот кој по четврти пат беше во редот за пасоши, излегува со победнички подигната тупаница. Како што прават боксерите по тежок меч. Среќен е, бидејќи завршил работа.

Ама не е сѐ готово. Уште еднаш ќе треба да чека ред, за да си ги земе новите документи.