Проектот „Бас рапид транзит“, или БРТ (во превод – брз автобуски превоз) се реактуализираше по неодамнешниот состанок меѓу скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и проектниот тим што работи на оваа тематика.
Идејата за воведување БРТ, како нов вид јавен превоз во главниот град, со посебни автобуси што ќе се движат по издвоени ленти и нема да заглавуваат во сообраќајниот метеж, е од времето на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, кога се обезбеди и финансирање на овој зафат со кредит од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.
Откако Шилегов, како кандидат на СДСМ за втор мандат, ги загуби изборите во 2021 година од независната противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, проектот замре додека таа раководеше со градот. Таа во кампањата ветуваше дека, наместо тоа, ќе воведе бесплатен јавен превоз со 250 електрични автобуси. Сепак, по нејзиното разидување со ВМРО-ДПМНЕ, партија што имаше мнозинство во Советот, нејзините транспортни проекти беа блокирани од тоа мнозинство.
Ѓорѓиевски, пак, неодамна најави дека БРТ веќе не е само идеја, туку сериозно поставен и институционално заокружен проект, а парите од ЕБОР ќе се префрлат на Град Скопје како неповратни и ќе се користат исклучиво за реализација на проектот.
Тој најави набавка на современи хибридни возила за оваа намена, паметни станици и патнички информативен систем, како и заштита на средишното зеленило на булеварите, каде што порано се предвидуваше да се градат трасите за БРТ.
Со Ѓорѓиевски разговаравме за тоа што е досега познато во врска со БРТ, што дополнително треба да се утврди и зошто проектот чекаше досега поради политички несогласувања.
БИРН: Неодамна имавте средба со проектниот тим што работи на проектот БРТ и најавивте дека проектот ќе почне да се реализира. Проектот отвора многу прашања и дилеми за тоа како ќе се изгради и ќе изгледа. Што е познато и дефинирано за него во моментов?
Ѓорѓиевски: Има неколку точки за кои сум сигурен во моментов, а првата е дека БРТ ќе се реализира. Сите согласности ги добивме, и одлуките на владата за продолжување на кредитирањето, за кое граѓаните плаќаат камати, а нема реализација.
До крајот на годината ќе биде распишана тендерска постапка по две основи. Едниот за реализација на трасата од депото во Ѓорче Петров до депото во Општина Аеродром, или онаа траса за која првично се говореше во минатото.
Но, разликата е дека средишното зеленило нема да се отстрани како што се планираше во минатото. Имаше предлози БРТ да биде на крајната десна лента. Ние ќе одиме покрај средишното зеленило и ќе додадеме два појаси со заштитно зеленило од двете страни, што мислам дека естетски сериозно ќе ја подобри сликата на главниот град.
Конкретно, булеварот Партизански одреди ќе има по две ленти од двете страни, па повторно зеленило, па велосипедски патеки и пешачки зони.
Јас давам сè од себе заедно со тимот да поставиме камен-темелник, односно да почнеме да ги движиме процесите за оваа траса и до крајот на мојот мандат таа да биде реализирана.
Дополнително влегуваме во изработка на физибилити студии за поврзувањето од Центар кон Чаир, односно Бутел, од една страна, и од друга страна, кракот за кој честопати во минатото сме говореле, а тоа е од Центар кон Пинтија, односно кон Драчево.
Додадовме два нови краци, кои, исто така, ќе бидат опфатени со физибилити студија, за да можеме на цело Скопје да му дадеме можност за линии со БРТ, а тоа е линијата до Ченто, од една страна, и од друга страна, Ѓорче Петров и до Сарај.
Тоа ќе бидат трите линии: Бутел – Драчево, Ченто – Сарај и Ѓорче Петров – Ново Лисиче.
Кога на ова ќе ги додадеме сите инфраструктурни зафати што се реализираат во градот, како Лимак, поврзувањето со булеварот Борис Трајковски, клучката Момин Поток, Љубљанска и другите, како и стоте автобуси што се набавуваат од Министерството за транспорт и врски, и градскиот воз, мислам дека веќе ќе бидеме град што ќе нуди реални алтернативи за граѓаните да не мора да ги користат своите возила.
Центарот ќе стане пешачка зона, во која ќе се движи само БРТ. Тоа е стара идеја и отсекогаш ми се допаѓала. Тоа е срцето на градот. Но, најлесно е да го забраниме протокот на возила таму, ама што ќе направиме? Ќе предизвикаме дополнително оптоварување на сообраќајниците од левата и од десната страна.
Затоа прво нудам решенија. Треба целосно да се реализира проектот Лимак, односно булеварот Македонија, кој е еден од најсериозните капитални проекти во градот, во последниве 30 години. Паралелно работиме и на проценка на имотите на улицата Даме Груев, зад Собранието, која треба да се прошири и да стане булеварско решение.
Сакам уште нешто да истакнам, кај депоата ќе има паркинзи каде што граѓаните ќе можат да ги остават своите возила и да го користат БРТ.

Замислата е другите автобуски линии да го хранат БРТ, вели Ѓорѓиевски | Фото: БИРН
БИРН: Што останува дополнително да се утврди во врска со проектот? Колку возила ќе се набавуваат?
Ѓорѓиевски: Не можам сега да дадам детали, но ќе бидат повеќе од 30 возила. Освен БРТ, Градот ќе направи напори, до крајот на мандатот, да направиме уште една набавка на автобуси, покрај овие 100 возила што владата ги обезбедува и за кои сум искрено благодарен. Финансиски се консолидиравме и мислам дека може да одиме кон дополнителна модернизација на возниот парк.
Нема многу прашања што се неодговорени. Во соработка со Општина Чаир работиме на проектот за улицата Цветан Димов. По неа ќе се движи трасата на БРТ. Ќе создадеме услови за тоа. Верувам во проектантите и убеден сум дека до крајот на летово ќе заврши постапката за проектирањето, па би почнале со реализација. Имаме одличен тим за тоа во Градот Скопје.
По воведувањето на БРТ, ќе направиме одредени измени во возниот ред и во дел од трасите на автобускиот превоз. Ќе треба некаков редизајн, од денешна позиција не можеме да почнеме ништо да менуваме пред да го ставиме БРТ во функција. Генералната замисла е другите линии да го хранат БРТ. Сето тоа ќе се прави јавно, транспарентно и со вклученост на граѓаните во целиот процес. Тоа ќе бидат слатки маки.
БИРН: Кога објавивте дека почнува реализацијата, излегоа обвинувања дека тоа можеше да се случи четири години порано, но вашата политичка партија ги кочеше тие процеси во Советот на Град Скопје. Кој е вашиот коментар за тоа?
Ѓорѓиевски: Јас, генерално, избегнувам да се занимавам со минатото, таков ми е пристапот. Ако се занимавам, нема да гледам кон иднината и да ги решаваме сите овие работи.
Ќе одговорам многу едноставно. Јас во Кисела Вода бев градоначалник, кој во составот на Советот имаше партиципиенти од сите политички партии, и од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа мнозинство, и од Социјалдемократскиот сојуз, и од Левица, и од помали политички партии.
Истото е и во Градот Скопје. Но, буџетот во Градот Скопје за првпат во историјата оваа година помина без ниту еден глас против.
Во Кисела Вода, честопати се носеле одлуки едногласно, да не речам најголемиот дел од одлуките, но тоа е позиција што зависи од менаџирањето на градоначалникот. Советниците се претставници на граѓаните. Јас може да имам различни ставови за одредени текови, за одредени проекти, но не смеам да го игнорирам советникот.
Во изминатите четири години, ние имавме една состојба во која имаше целосно игнорантски однос кон Советот. Јас не верувам дека некој вака јавно со медиуми има седнато од минатото раководство и има образложено детали, па макар и да земе да ги нацрта трасите како што јас го правам тоа. Народот, граѓаните и советниците сакаат отвореност и транспарентност.
Кога нешто ќе објасните во детали на сите советници, тие ќе го прифатат тоа. Можеби некој ќе има различно мислење, но никој нема да биде против. Таков е мојот пристап. Комуникацијата и носењето одлуки е двонасочна улица.
Вие не може да очекувате некој слепо да ви верува и да ви биде условно кажано послушник, да ви ги гласа сите предлози, а притоа да нема елементарни познавања за состојбите и информации од ваша страна.

