Портрет

Градежникот што го вознемири Скопје

Кој е бизнисменот Фатмир Етеми

Фатмир Етеми е еден од најмоќните градежници во земјава со милионски профити во евра на годишно ниво. Како бизнисмен растеше под радарот на медиумите. Новинарските истражувања се фокусираа на сосема други ликови што црпеа привилегии од сите нивоа на власта и градеа узурпирајќи го заедничкиот простор.

Меѓутоа, јавноста го смести Етеми меѓу озлогласените профитери во истиот момент кога почна да гради во централното градско подрачје, каде што луѓето со право алергично реагираат на секој следен ДУП. Ја подигна зградата врз зелена површина кај Мајчин дом во Аеродром и соседите бурно реагираа и протестираа.

„Поарно да ги вложев парите во акции, отколку вака да се карам со цело Скопје“, вели Етеми со кого разговаравме во неговата канцеларија во Карпош 3.

На нашата забелешка дека, сепак, реакциите биле очекувани, тој го изрецитира познатото „сè беше според законите“.

Фатмир Етеми е еден од најмоќните градежници во земјава со милионскипрофити во евра на годишно ниво. Како бизнисмен растеше под радарот на медиумите

„Сега, вие, новинарите пишувате дека кај Мајчин дом сум ѝ продал паркинг на општината за 300.000 евра, ама не кажувате дека тоа парче земја претходно го платив 800.000 евра. Значи, сум го дал на граѓаните со попуст од половина милион“, прекорно ни се обрати.

Легалноста му е аргумент и кога станува збор за парцелата спроти НИП-от, која во очи Нова година ја приватизираше за само седум евра по квадрат. И овој случај ја скандализираше јавноста, меѓутоа Етеми смета дека не сме го препознале неговиот фер плеј.

Ќе го разубавел просторот и нема да го „чепка“ паркот.

„Таму има маркичка за хотел и затоа земјата можев да ја приватизирам за едно евро, а не за седум. Таков е правилникот. Ама јас бев коректен и платив седум евра зашто сакам таму да градам деловен објект.“

„Ќе ме растргнеа ако платев едно евро.“

Градежно земјиште се приватизира преку Министерството за финансии.

Етеми одмавнува со главата и вели дека нема комуникација со неговиот истоименик Фатмир Бесими. За него министерот е добар човек, ама, сепак, припаѓале на две спротивставени политички опции.

Јас бев пратеник на ДПА, потсетува Етеми.

„Министерот и не се занимава со приватизацијата на земјата, тоа го прави друг орган под него.“

Контроверзии околу градежните потфати

Зградата кај Мајчин дом го фрли фокусот врз бизнисот на Етеми | Фото: БИРН

Фатмир Етеми одамна не се занимава со политика, меѓутоа низ неговите градежни потфати на атрактивни локации провејуваат интересите на политичкиот естаблишмент. Медиумите известуваа за неколку вакви случаи.

Триста и дванаесет квадрати деловен простор на приземјето од зградата кај Мајчин дом сега се во сопственост на поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, во чиј мандат се впиша градежната маркичка. Според Радио слободна Европа, Коневски, деловниот простор вреден стотици илјади евра, ќе го исплаќа преку парите што ќе ги добива од закуп, а не од свој џеб.

Фатмир Етеми одамна не се занимава со политика, меѓутоа низ неговите градежни потфати на атрактивни локации провејуваат интересите на политичкиот естаблишмент

Спротивно на тоа, Етеми тврди дека Коневски веднаш го платил просторот.

„Не давам никому вересија, ни на св.Петар“, вели тој.

Поранешниот градоначалник, според неговите зборови, првпат го сретнал кога овој дошол да го купи деловниот простор.

На нешто поголема надморска височина, на Водно, преку градежниот бизнис повторно се споил со Љубчо Георгиевски, со кого до 2002 беа во власта предводена токму од некогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Етеми, всушност, градел врз парцела на Георгиевски, меѓутоа тој инсистира дека партнер му била фирма и дека „не знае кој бил сопственикот“.

„Кај нас на Балканот луѓето уживаат да прават филмови.“

„Се договарав со директорот Гоце или како и да се викаше, сега веќе не се сеќавам. Љубчо Георгиевски не сум го видел едно седум-осум години.“

Контроверзии ја следеа изградбата на објектот на Партизанска, во кој денес е седиштето на градежната компанија на Фатмир Етеми – ЗСФ КОМ. Уште во 2013 година, пред да се гради објектот, урната е семејна куќа.

Сопствениците на куќата се противеа и тврдеа дека Етеми во тој момент немал право да ја урива. За случајот реагираше и локалната канцеларија на Транспаренси интернешнел.

Граѓанските активисти веднаш би се мобилизирале да знаат дека Етеми заедно со бизнис-партнери поседува дел од парк зад трговскиот центар „Капитол“ во Аеродром, во близина на училиштето „Ѓорѓија Пулевски“. Изгорен од досегашното искуство, тој, вели, нема намера да гради таму, иако реално не може и да сака.

Го купил земјиштето пред петнаесетина години од приватници за да гради хотел, меѓутоа општината бргу му ја избришала градежната маркичка.

„Очекувам да ни се понуди некоја друга локација или да бидеме обесштетени“, вели Етеми, иако не изгледаше дека е баш убеден оти тоа ќе се случи.

Последните неколку години, градежната компанија на Етеми пријавува милионски профити. Најуспешна година му била 2018, со добивка од над седум милиони евра

Електронскиот портал на Катастарот покажува дека овој бизнисмен ги поседува земјиштето и објектите на кафеаната „Опатија“, во градскиот парк. Според ДУП-от, таму е предвиден старски дом, меѓутоа ниту оваа локација за сега не е во градежните планови на Етеми.

„Нема врска тоа“, вели Етеми на нашето прашање дали евентуално за старскиот дом го контактирал Бојан Јовановски, попознат како Боки 13.

Фатмир Етеми, во последнава деценија градел низ цело Скопје. Покрај во Аеродром, изградил станбени комплекси во Чаир, Карпош и во Тафталиџе, а моментално ѕида голема зграда на некогашното Кино Бутел.

Последните неколку години, градежната компанија на Етеми пријавува милионски профити. Најуспешна година му била 2018, со добивка од над седум милиони евра, а милионски ѝ се добивките во 2019 и во 2020 година. Во компанијата работат 27 лица.

Етеми вложил и во акции во Скопски пазар и во Комерцијална банка, каде што воедно е и член на надзорниот одбор. Сега поседува 38 проценти од Скопски пазар, под чија капа се 13-те големи зелени пазари во главниот град и голем деловен простор, и 3,2 проценти од Комерцијална банка, за кои во неколку наврати вложил повеќе милиони евра.

Во индустриската зона во Сарај, Етеми има фабрика за бакарни кабли, инвестиција вредна три милиони евра, во која влегол со партнери. Екс премиерот Заев и првиот вицепремиер Артан Груби, лани во септември ги посетија погоните.

„Кока-кола“ и ДПА

Себеси се портретира  како стар скопјанец со фамилијарни корени што се протегаат три века наназад | Фото: БИРН

Непосредноста му е одлика, велат неговите муштерии, а тоа и се покажа и во контактите со БИРН. Без многу двоумење се согласи да разговара со нас.

Досега Етеми, својата животна приказна ја раскажува со одреден холивудски твист. Ќе прочитате дека почнал како професор по биологија со плата од 300 германски марки, па преку трговијата со „кока кола“ и со детергенти стекнал капитал за влез во градежништвото.

„Уште во 1995 година бев милионер“, ни вели.

Денес тој  вели дека вработените во „Охис“ земале плата само зашто тој успевал да ги извезува нивните производи.

Себеси се портретира  како стар скопјанец со фамилијарни корени што се протегаат три века наназад. Во главниот град пораснал во маалото зад универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Досега Етеми, својата животна приказна ја раскажува со одреден холивудски твист. Ќе прочитате дека почнал како професор по биологија со плата од 300 германски марки, па преку трговијата со „кока кола“ и со детергенти стекнал капитал за влез во градежништвото

Политичката кариера ја почнува како општински советник во Чаир, а по две години, во 1998 стана дел од парламентарното мнозинство предводено од Љубчо Георгиевски и од неговиот тогашен лидер Мендух Тачи.

При расколот во ДПА му се придружи на Имер Селмани во новата партија Нова демократија, меѓутоа бргу дигнал раце од политиката – по изборите во 2009 година, кога изгуби од Изет Меџити во трката за градоначалник на Чаир.

„Не можев ништо да сменам“, признава тој.

Додека се занимавал со политика, му се случиле два сериозни инцидента.

Летото 2002 година, додека сѐ уште беше пратеник, пред неговата куќа во скопско Визбегово експлодирала бомба. Етеми тврдеше дека инцидентот имал политички мотиви, но никогаш не откри на што се сомнева.

Ни денес не сака за тоа јавно да говори.

Седум години подоцна, две лица го киднапирале неговиот малолетен син додека си играл на улица во населбата Чаир. Го држеле пет часа и сакале да изнудат пари од бизнисменот.

Полицијата, сепак, ги фати киднаперите и тие беа осудени.