Истражувањa

Градежниците се офајдија од „Скопје 2014“

Повеќе од две третини од целата сума за „Скопје 2014“ завршија кај Бетон, Гранит, Страбаг АГ, Бетон Штип и Бауер БГ. Тие останаа имуни на економската криза, токму поради ангажманот од државата

Пет градежни компании поделија 452,5 милиони евра народни пари преку тендерите од државата за да го барокизираат главниот град. Тоа значи дека повеќе од две третини од целата сума предвидена за грандиозниот проект „Скопје 2014“ (и од финансиски и од архитектонски аспект), завршува кај Бетон, Гранит, Страбаг АГ, Бетон Штип и Бауер БГ.

Во годините кога македонската индустрија се соочи со тешки последици од економската криза и најголем дел од компаниите го намалија производството, прокнижија загуби, па дури и отпуштија дел од вработените, градежните компании останаа имуни на финансиските проблеми благодарение на нивното ангажирање од страна на државата во изградбата на зградите, мостовите, фасадите, подземните и катните гаражи, плоштадите, фонтаните и сите други зданија што ги опфати проектот „Скопје 2014“.

Освен што го маскираа градот, со градежната офанзива финансирана од државата, успеаја статистички да ја замаскираат и кризата во економијата – силниот раст на градежништвото го компензираше падот на економската активност во останатите индустрии.

Така, просечниот економски раст во периодот од 2010 до 2015 година додека се градеше „Скопје 2014“, изнесува 2,5% годишно, а придонесот на градежништвото во тој раст е речиси половина. Поточно, да го немаше градежништвото, просечниот економски раст ќе беше само 1,5%.

Без „Скопје 2014“ градежниците ќе останеа без работа

Најголем дел од барокот во Скопје, според вредноста на добиените тендери, го изѕида градежната компанија Бетон, за сума од 190,3 милиони евра. Тоа значи дека секое трето евро што досега го потроши државата за „Скопје 2014“, завршило на сметката на Бетон. Оваа компанија ги изгради куполите и го реконструираше републичкото Собрание за 20 милиони евра, ги градеше новите објекти на Министерството за надворешни работи (МНР) и на Градската куќа за коишто исто така доби приближно по 20 милиони евра, направи повеќе постаменти за споменици, ги обновува фасадите на ЕВН и на Министерството за транспорт и врски, a ќе го гради и Панорамското тркало.

Бетон ја изгради и северната трибина и ја обнови целата арена Филип Втори, за речиси 60 милиони евра, но овој проект власта не го смета како дел од „Скопје 2014“.

awet

Финансиските извештаи на Бетон покажуваат дека од 2010 година до третиот квартал во 2015 година, до кога се доставени податоци до Македонската берза, вкупните приходи од градежни работи на домашниот пазар изнесуваат вкупно 226 милиони евра. Оттука произлегува дека, всушност, секое евро што стигнало како приход на сметката на Бетон во последните шест години, дошло од државата. Вкупната добивка на компанијата за истиот период изнесува 4,9 милиони евра.

Градежната компанија Бетон е една од најголемите во државата, а најголем акционер во неа е бизнис магнатот, Минчо Јорданов.

Со удел од 120,05 милиони евра во „Скопје 2014“, Гранит е втора градежна компанија по Бетон, која најмногу се офајди од барокната преправка на Скопје. Вкупните приходи од градежни работи на домашниот пазар на Гранит од 2010 година до септември лани изнесуваат 406,9 милиони евра, што значи дека проектот „Скопје 2014“ зафаќа само 30% од домашното градежно портфолио на компанијата.

SG

Најголем проект на Гранит беше изградбата на Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј за што државата одвои 32,2 милиони евра. Гранит го градеше и Факултетот за драмски уметности за 19,7 милиони евра, катната гаража Македонска фаланга за 10,7 милиони евра, Кривичниот суд за 10,2 милиони евра, Порта Македонија за 5 милиони евра.

Меѓутоа, тука не завршува ангажманот на Гранит за државата. Компанијата се јавува и како подизведувач на изградбата на два нови автопати, од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид, за кој државата зеде кредит од 580 милиони евра од кинеската Ексим банка.

Вкупната добивка на компанијата, во периодот 2010–2015 година изнесува 28,9 милиони евра.

Гранит е најголемата градежна компанија во земјава, а најголем акционер во неа е бизнисменот Страшо Милковски, кој до неодамна беше и претседател на Управниот одбор, но од лани го наследи неговиот син Зоран.

Претставништвото на најголемиот градежен концерн од Австрија, Страбаг АГ, доби ангажман за само три објекти од „Скопје 2014“, но со вредност од 55,44 милиони евра. Страбаг АГ ја градеше Македонската филхармонија за 27 милиони евра, ја гради деловната зграда на АД ЕЛЕМ за 14,7, а учествуваше и во изградбата на Стариот театар со тендер од 13,7 милиони евра.

Финансиските извештаи на компанијата од Централниот регистар до кои дојде БИРН, покажуваат дека во периодот од 2009 година, од кога почна да се гради Македонската филхармонија, до 2014 година, инкасирале вкупно 33 милиони евра. Финансиските извештаи за лани, пак, сѐ уште не се познати, бидејќи компаниите допрва треба да ги достават до Централниот регистар.

Меѓутоа вредноста на добиените тендери е далеку поголема отколку вкупните приходи на компанијата од 2009 до 2014 година.

sdtru

Едно од објаснувањата е дека дел од проектите сѐ уште се во фаза на изградба и поради тоа не се целосно наплатени побарувањата од државата, меѓутоа, не се знае ниту дали државата ги платила обврските за веќе изградените објекти.

Проектот „Скопје 2014“ постојано го следеа финансиски проблеми за кои инволвираните менаџери на градежните компании само срамежливо, во отсуство на камери, зборуваа дека државата не ги плаќа редовно долговите. Регулативите за финансиска дисциплина со кои требаше да се стави ред во плаќањата, исто така не ги опфатија повеќегодишните јавни набавки, а Законот за јавни набавки предвидува да се одложат плаќањата за една или повеќе години доколку дојде до ребаланс на буџетот.

Од градежните компании не одговорија на прашањата на БИРН дали државата доцни со плаќањата на обврските.

Ангажманот на штипски Бетон во изградбата на „Скопје 2014“, пак, според вредноста на добиените тендери, изнесува 54,8 милиони евра. Бетон Штип учествуваше во изградбата на Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј за 9 милиони евра, го градеше Музејот на македонската борба за 6,3 милиони евра, но Бетон допрва ќе инкасира пари од државата, бидејќи сѐ уште ја гради фасадата на МЕПСО во барок, а лани склучи договори и за изградба на два нови факултети, ФИНКИ и Факултетот за физичка култура за 19,8 милиони евра.

Финансиските извештаи на компанијата од Централниот регистар, покажуваат дека во последните години, како што се зголемува ангажманот од страна на државата, така растат и приходите и добивките на Бетон Штип. Од 2009 година до септември лани, оваа компанија инкасирала вкупно 50 милиони евра од извршени градежни работи и направила профит од 3 милиони евра.

zadtrjh

Оваа градежна компанија е блиска до бизнисменот Јордан Камчев којшто преку Орка Холдинг АД и ЕКСИКО ДООЕЛ е акционер во Бетон Штип.

Градежната фирма Бауер БГ, пак, за својот ангажман во „Скопје 2014“ ќе добие вкупно 31,9 милиони евра. Оваа компанија ја градеше фасадата и оградата на Владата за 11,2 милиони евра, го гради плоштадот „Скендербег“ за 10,8 милиони евра, Палатата „Емануел Чучков“ каде што ќе бидат сместени Државниот завод за ревизија, Геолошкиот завод и АД за стопанисување со станбен и деловен простор за 7,3 милиони евра.

Меѓутоа, оваа градежна компанија, и без објектите од проектот „Скопје 2014“, има богато портфолио од државни објекти. Евиденцијата на Бирото за јавни набавки покажува дека најголем дел од општинските тендери ги добива токму Бауер БГ.

Вкупните приходи на компанијата од 2009 до 2014 година изнесуваат 32,7 милиони евра.

srsery

Компанијата има идентично име како бугарската градежна компанија, која е дел од германскиот градежен гигант Бауер АГ, но станува збор за домашни градежници. Како нејзини сопственици се јавуваат Благој Димитров и Горан Димитров, првиот со адреса во Злетово, а другиот во скопски Карпош.

Ниту една од петте градежни компании што добија највредни тендери во изградбата на проектот „Скопје 2014“, не одговорија на прашањата на БИРН како и колку овој ангажман им помогна да ја пребродат кризата без да ги допре нивните биланси.

Три евра во касите на фирмите, едно кај работниците

Jавните инвестиции повеќе им помогнаа на газдите на градежните компании, отколку на работниците | Фото: БИРН архива

Jавните инвестиции повеќе им помогнаа на газдите на градежните компании, отколку на работниците | Фото: БИРН архива

Последните податоци на БИРН од отворената база „Скопје 2014 под лупа“, покажуваат дека сите згради, фасади, плоштади, фонтани, споменици, односно целиот барок досега ги чинеше граѓаните 634 милиони евра.

Овие пари, но и останатите јавни инвестиции создадоа градежен бум, па така додека индустриското производство во екот на економската криза од година в година го пробиваше дното, градежништвото искачуваше нови висини. Во третиот квартал од 2015 година, според податоците на Народната банка, растот на градежништвото достигна дури 85,1%.

„Проектот ‘Скопје 2014’ беше почнат заради други идеи, за подобрување на туризмот, разубавување на метрополата, нашиот идентитет, меѓутоа одлучивме да не го прекинеме за да ја стимулираме економијата во градежништвото и другите гранки“, изјави во една прилика екс премиерот во чие време Скопје се трансформираше во барок, Никола Груевски.

„Се видов со директори на градежните компании, чии фирми учествуваа во проектот, ги прашав дали ‘Скопје 2014’ им било од помош. Еден директор на најголема градежна фирма рече ‘Не да ни беше од помош туку ни помогна да преживееме во овој тежок период. Ако го немаше, најверојатно ќе пропадневме’“, рече тој.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, вели дека нема дилема оти главен двигател на економскиот раст од 2010 година наваму е градежништвото преку проектите што ги финансира државата, меѓутоа, тој вели дека јавните инвестиции повеќе им помогнале на газдите на градежните компании, отколку на работниците.

„Градежништво во овој период има направено нова вредност во економијата (т.е. генерирало бруто додадена вредност) од околу 3,5 милијарди евра, што не е воопшто малку. Но, за жал, доходот е многу нерамномерно распределен. Дури три четвртини од тој доход завршил кај сопствениците на градежните фирми, а само една четвртина кај работниците“, анализира Јовановиќ врз основа на податоците за бруто домашниот производ од Државниот завод за статистика.

„Во овој период има околу 9.000 нови вработувања во градежништвото, што е раст од околу 20%, просечната плата во градежништвото во овој период е зголемена од 16.000 на 19.000 денари, што е околу 10% реален раст, но, тоа е премалку кога ќе се види колкав е растот на профитите на фирмите. Тие во истиот овој период имаат реален раст од 130%“, додава Јовановиќ.

Битно (е што) се гради!

Изјавата на екс премиерот Груевски дека власта одлучила да продолжи изградбата на проектот „Скопје 2014“ за да го стимулира градежништвото во време на економска криза слободно може да се подведе под тезата „битно се гради“, меѓутоа, економистите на тоа велат „битно е што се гради“.

Битно е „што се гради“, а не „да се гради“, велат економистите | Фото: БИРН архива

Битно е „што се гради“, а не „да се гради“, велат економистите | Фото: БИРН архива

„Најголем дел од средствата од проектот отидоа во објекти, помал дел во споменици. Мислам дека не погрешивме и тоа ни помогна“, изјави Груевски.

Економистите велат дека инвестициите во „Скопје 2014“ се непродуктивни од секој аспект, бидејќи степенот на развој на Македонија бара приоритетни да бидат инвестициите во јавната инфраструктура.

Методија Несторовски, универзитетски професор чија специјалност е токму инвестиционата политика, вели дека парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ се изгубени пари од економски аспект, затоа што спомениците, зградите или плоштадите не се основа за пораст на економијата на долг рок.

„Овие инвестиции имаат ефект врз порастот на економијата само во моментот додека се реализираат преку интензивирање на градежните активности. Градежните компании ги собрале парите, прикажале профити и тоа се квантифицирало во зголемување на бруто домашниот производ (БДП). Тоа е единствениот ефект за економијата“ вели Несторовски.

Тој појаснува дека кога се вложува во автопати, железница или други инфраструктурни проекти „се создаваат услови на долг рок бизнисите да ги намалуваат трошоците на работење, на пример преку заштеда на гориво, време за транспорт, и за сметка на тоа тие ќе работат со поголеми добивки, ќе отвораат нови работни места, па дури и ќе го шират бизнисот“.

Парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ се изгубени пари од економски аспект, затоа што спомениците, зградите или плоштадите не се основа за пораст на економијата на долг рок, вели Методија Несторовски, универзитетски професор

Универзитетскиот професор Трајко Славески, кој беше и министер за финансии до периодот кога почна да се реализира проектот „Скопје 2014“, исто така смета дека приоритет во трошењето на народните пари треба да имаат проекти што го зголемуваат долгорочниот потенцијал за економски раст.

„Јавните инвестиции во автопати, во железнички пруги, во образованието се единствено економски оправдани и тие се основа за долгорочен економски раст со повисоки стапки од 6% или 7% коишто би дошле по 10 – 15 години“, коментира Славески.

Академикот Абдулменаф Беџети вели дека целиот проект „Скопје 2014“ ќе чини и многу повеќе од 634 милиони евра, ако се пресмета цената на капиталот и изгубената заработувачка поради тоа што парите се потрошени непродуктивно, а не за изградба на патишта, хидроцентрали или инвестиции во железничкиот транспорт.

Меѓународните финансиски институции како ММФ и Светска банка, исто така сугерираа властите да вложуваат повеќе пари во изградба на инфраструктурата, наместо во проекти како „Скопје 2014“ што не овозможуваат економски развој.

„Инвестициите во транспортната инфраструктура се клучни за економскиот развој на Македонија“, изјави Елен Голдстајн, директор на Светска банка за Југоисточна Европа.

Светска банка сугерира земјите во развој да инвестираат околу една четвртина од БДП (што во нашиот случај би било над 2 милијарди евра) во капитални проекти за да се забрза економската активност. Кај нас, ниту една Влада досега, не одвоила повеќе од 3%-4% од БДП за јавни инвестиции.