Истражувањa

Германска инвестиција со египетски предзнак

Едно поштенско сандаче во Ратинген, Германија, е единствениот доказ дека близу железничката пруга се наоѓа компанијата Electro-Mechatronic Systems (GES), фирма која премиерот Никола Груевски кон средината на јануари ја најави како голема германска инвестиција од 15 милиони евра

БИРН истражуваше кој се крие зад оваа компанија, чиј претставник, Ахмед Елшаер, кога го потпишуваше договорот во Македонија со премиерот Никола Груевски, министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлевски, и вицепремиерот Владимир Пешевски, рече дека „дека нивната намера е да ја направат Македонија лидер во поглед на одржливата енергија“.

Груевски и министерот Павлевски на потпишувањето на договорот со претставникот на германската GES Ахмед Елшаер, каде беше најавена инвестицијата од 15 милиони евра | Фото: Влада на РМ

Груевски и министерот Павлевски на потпишувањето на договорот со претставникот на германската GES Ахмед Елшаер, каде беше најавена инвестицијата од 15 милиони евра | Фото: Влада на РМ

Истражувајќи заедно со германски новинари кои беа во седиштето на компанијата близу Дизелдорф, наидовме на податоци дека станува збор за таканаречена „Летербокс компанија“, бидејќи на местото што е наведено како седиште, нема ништо друго, освен поштенско сандаче со името на ГМС.

Поштенското сандаче - единствен доказ за постоењето на компанијата во Германија, која најави милионска инвестиција во земјава

Поштенското сандаче – единствен доказ за постоењето на компанијата во Германија, која најави милионска инвестиција во земјава

Зад германската компанија Electro-Mechatronic Systems (GES), според податоците од германскиот регистар на компании, стојат две лица од Каиро, Египет. Станува збор за Амир Сами Микхаил и Ахмед Абдалла Мохамед Елшаер, кои компанијата ја формирале со основачки влог од 25 илјади евра.

Ако се погледне веб-страницата на GES, може да се прочита дека нивното претставништво е во Дизелдорф, Германија, но нема никакви податоци за основачите на компанијата, ниту адреса ниту пак, контакт телефон.

Како продажна канцеларија на официјалната веб-страницата е наведена единствено Македонија, а како контакт има само македонски број од мобилен телефон.

„Ова е очигледно лажна веб-страница, бидејќи германскиот систем не ја регистрира. Освен тоа, според германските закони, веб-страниците на компаниите мора да ги содржат сите податоци за страницата, за серверот и за надлежните лица. Со тоа што оваа фирма нема никакви податоци како што е наложено, практично се кршат германските закони“, ни изјави програмер од Берлин, кого што го замоливме да ни помогне да лоцираме каде е регистрирана веб-страницата на ГЕС.

Според „Money house”, веб-страница за пребарување компании од светот, наидовме на податокот дека седиштето на ГЕС се наоѓа на улицата Санд 18 во Ратинген, Германија. Ако се пребара оваа локација на Гугл, лесно може да се види дека станува збор за мал објект во близина на рампа од железничка пруга.

Седиштето на компанијата според Google maps

Седиштето на компанијата според Google maps

Истото ова може да се забележи и кога ќе се отиде на лице место.

Местото во чија близина се наоѓа компанијата за производство на соларни панели и ЛЕД светилки

Местото во чија близина се наоѓа компанијата за производство на соларни панели и ЛЕД светилки

Колегите-новинари од Германија, кога отидоа на самото место, регистрираа дека тука се наоѓа магацин на друга компанија, ICE (Industrial Exponent Exports), а единствената трага од GES е поштенското сандаче.

На местото има само магацин од друга компанија, ICE, која се занимава со трговија и извоз на производи за ладење и климатизација

На местото има само магацин од друга компанија, ICE, која се занимава со трговија и извоз на производи за ладење и климатизација

„Нема никакво лого од компанијата, ниту пак, влез. На местото има само магацин од друга компанија, ICE (Industrial Components Export), која се занимава со трговија и извоз на производи за ладење и климатизација“, ни рекоа германските новинари.

На седиштето од ICE, како лице за контакт е напишан Амир Сами Микхаил, еден од сопствениците на GES кој во формирањето на фирмата учествувал со влог од 3.750 евра. Елшаер, пак, претставникот од ГЕС кој беше во Македонија, вложил 21.250 евра, што значи дека фирмата која планира да инвестира 15 милиони евра од Македонија е формирана со влог од 25 илјади евра.

Успеавме да стапиме во контакт со Микхаил и да го прашаме за најавената инвестиција во Скопје. Тој звучеше расположен за разговор.

„Секако, ќе ви објаснам сè што сакате да знаете. Само јавете ми се во текот на наредните денови, бидејќи во моментов патувам од Египет за Германија“, ни рече тој.

Во наредните денови, Микхаил не одговараше на нашите телефонски повици.

На германските новинари невообичаен им се гледаше и податокот дека веб-страницата на GES е заведена со екстензијата „com.de“, со оглед на тоа што речиси сите компании во Германија се заведени со екстензијата „de“.

Според податоците од германскиот регистар на компании, GES била формирана во 2013 година. Наспроти ова, на веб-страницата на оваа компанија пишува дека таа постои од 2010 година.

Информацијата за основањето на компанијата судејќи според веб-страницата на GES

Извод од германскиот регистар на компании, според кој GES формирана во јуни 2013 година

Информацијата за основањето на компанијата судејќи според веб-страницата на GES

Информацијата за основањето на компанијата судејќи според веб-страницата на GES

„Господинот Елшаер нема доволно познавање од германскиот јазик, но го владее англискиот, па на негово барање беше обезбеден превод на англиски“, стои во нотарската изјава која што Елшаер ја давал пред нотар во Дизелдорф кога ја формирал фирмата.

На мапата за тоа каде сè имаат инвестирано, според веб-страницата на GES, има три локации – Македонија, Египет и Кина.

БИРН не успеа да најде инвестиции на GES во државите кои им се наведени на нивната веб– страница, освен најавената инвестиција во Македонија.

ГЕС – сестринска компанија на египетска фирма за недвижности

Според податоците од македонскиот централен регистер, Герман Електро Механтроникс ДОО во Македонија била формирана на 16 септември 2014 година, а премиерот Никола Груевски ја најави инвестицијата една година подоцна, во декември 2015 година.

Зад компанијата што е регистрирана во Македонија, Герман Електро Механтроникс ДОО стојат две лица од Каиро, Египет. Станува збор за Ајман Мохамед Мохамед Мостафа и Ахмед Абдалла Мохамед Елшаер, човекот што беше во Македонија за да го потпише договорот.

Извадок од Централниот регистар за компанијата ГЕС во Македонија, која е формирана со паричен влог од 5 илјади евра во септември 2014 година

Извадок од Централниот регистар за компанијата ГЕС во Македонија, која е формирана со паричен влог од 5 илјади евра во септември 2014 година

Седиштето на компанијата се наоѓа во строгиот центар на Скопје, спроти Италијанската амбасада. Станува збор за прoстории кои се нови и беше очигледно дека во тек е вселување во просториите. Кога заѕвонивме на вратата, не ни отвори никој.

Седиштето на ГЕС во Македонија е во фаза на опремување | Фото: БИРН

Седиштето на ГЕС во Македонија е во фаза на опремување | Фото: БИРН

Сакавме да знаеме какво е искуството на сопствениците на ГЕС во областа на производство на соларни панели и лед светилки? Зошто компанијата решила да инвестира токму во Македонија и како стапила во контакт со македонските надлежни институции? Каде ГЕС има инвестирано досега? Каде се наоѓа нивното претставништво во Кина и дали сè уште функционира производството таму?


Груевски најави 200 нови вработувања со новата инвестиција
На потпишувањето на договорот со ГЕС, беше кажано дека компанијата ќе инвестира 15 милиони евра во изградба на производствен погон и административна зграда кои ќе се протегаат на површина од 15.000 метри квадратни во „Бунарџик“.
Ќе се произведуваат соларни панели и лед-светилки со врвна германска технологија која компанијата сега ја применува во нивниот производствен погон во Југоисточна Кина.
Планирано е изградбата на фабриката да започне кон крајот на февруари или најдоцна на почетокот на март и да биде готова за шест до осум месеци, а производството треба да започне при крајот на годинава. Премиерот Груевски најави дека со новата инвестиција, ќе има вработувања за 200 лица.
Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлевски изјави дека „новата инвестиција е значајна, бидејќи со неа ќе се намали невработеноста, ќе се зголеми извозот, а ќе се воведе врвна германска технологија во производството на лед сијалици“.

Прашања поставивме и до кабинетот на министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлевски. Во ист ден, со разлика од неколку часа, од компанијата ГЕС во Македонија и од кабинетот на Павлевски ни стигна идентичен одговор. Единствената разлика беше што одговорот од ГЕС беше на англиски јазик, а од кабинетот на Павлевски на македонски.

Оттаму нѐ известија дека ГЕС, всушност, била сестринска компанија на фирмата „Беверли Хилс Холдинг“.

„ГЕС дојде во Македонија како резултат на контакт остварен со амбасадорот на Република Македонија во Египет и таа има намера да ја реализира инвестицијата за која е обврзана во одреден период и да вработи квалификуван кадар согласно потпишаниот договор. Беверли Хилс Холдинг е една од водечките компании на Среден Исток и Африка со разновидни бизниси. Групацијата работи на развој на проекти за недвижности, комуникациски мрежи, склопување соларни системи и ЛЕД преку 12 компании и е застапена со проекти во Обединетите Арапски Емирати, Египет, Чад, Судан и Саудиска Арабија“, се вели во одговорот од кабинетот на Павлевски.

Според нив, ГЕС е една од сестрите-компании на Беверли Хилс, која гарантира за бизнис активностите на ГЕС и инвестицијата во Македонија.

На веб-страницата на Беверли Хилс Холдинг, пак, се вели дека станува збор за брзорастечка компанија за недвижности, развој и инвестиции основана во 2006 година од страна на Ахмед Алшаер, но никаде не се спомнува сестринската компанија ГЕС.

Неизвесно останува зошто оваа инвестиција во Македонија беше најавена како германска, со оглед на тоа што освен формалната регистрација и поштенското сандаче, новата инвестиција нема допирна точка со оваа држава.

Ова прашање го поставивме и до министерот Павлевски, но не добивме одговор.