Регион

Градоначалникот на Сребреница повторно го негираше геноцидот

Младен Грујичиќ, првиот градоначалник на Сребреница од српска националност, повтори оти не прифаќа дека масакрите над Бошњаците од овој град, извршени во јули 1995 година, се геноцид.

Младен Грујичиќ. Фото: Анадолија

Пишува: Игор Спаиќ / Сараево

Младен Грујичиќ, за ТВ Н1 во среда навечер изјави оти не прифаќа дека масакрите извршени во Сребреница се геноцид, без оглед на пресудите на меѓународните судови и на судовите во Босна и Херцеговина.

„Секоја жртва има своја тежина, вредност и треба да се почитува. Но, јас не можам да се согласам со квалификацијата на тој настан“, рече градоначалникот на Сребреница, во интервјуто за Н1.

Истакна дека во пресудите на Меѓународниот суд, бројот на жртвите во масакрите, што во јули 1995 година ги извршија силите на босанските Срби, кога убија неколку илјади бошњачки мажи и момчиња, не е конзистентен.

Додаде дека учествувал во истрагата за масакрот, при што дошол до „доволно докази“ дека некои луѓе, кои биле погребани во Поточари, всушност биле живи.

„Списокот на жртви мора да се ревидира и смени“, истакна тој.

Грујичиќ, поранешен наставник по хемија, е првиот градоначалник Србин на овој град, избран на изборите одржани во октомври минатата година, кои беа проследени со контроверзии, бидејќи дотогаш градоначалник секогаш бил Бошњак.

Победата на Грујичиќ предизвика загриженост кај многу Бошњаци, кои се плашеа дека тој ќе го игнорира, па дури и дека активно ќе го поткопа нивниот специјален статус во Сребреница.

Но Грујичиќ во интервјуто вели дека и покрај овие стравови, тој покажал оти и Србин може да ги претставува жителите на Сребреница.

„Некој очекуваше дека Бошњаците ќе заминат, дека ќе дојде до кризна ситуација. Се случи токму спротивното, и Бошњаците, како и Србите, ме прифатија како свој сосед, добронамерен сосед кој живее тука со своето семејство и кој сака да го смени опкружувањето на подобро“, рече тој.

Грујичиќ, минатиот месец, во интервју за БИРН изјави дека во потрага по работа и просперитет за овој сиромашен град, од кој населението константно заминува, сака да ги надмине траумите од војната и горчливата дебата за геноцидот.

Тој посочи дека Сребреница е често „колатерална штета“ во бескрајните политички препирки меѓу бошњачките политичари и политичарите на босанските Срби.

Додаде дека верува оти вистината за масакрот во Сребреница „не е докажана“.

Сепак, истакнува дека на жртвите од Сребреница треба да им се оддава почит, при што нагласи оти не сменил ништо во буџетот околу средствата наменети за планираната комеморација на 11 јули, туку дека само ги зголемил средствата наменети за комеморацијата на српските жртви во Сребреница.