Репортажи

Граѓаните во акција за помош на бегалците

Во моментот кога ќе се истовари автобусот, бегалците, најчесто облечени со кратки панталони и влечки, веднаш се впуштаат по тезгите поставени од невладините организации, полни со облека.

Поради штрајкот на машиновозачите, на граничниот премин Табановце, ниту вчера, ниту пак, утринава, не помина ниту еден воз | Фото: БИРН

Поради штрајкот на машиновозачите, на граничниот премин Табановце, ниту вчера, ниту пак, утринава, не помина ниту еден воз | Фото: БИРН

Со прекинот на железничкиот сообраќај, поради штрајкот на машиновозачите кои немаат земено плата за јули и за август, под знак прашалник се доведе и справувањето со бегалската криза во земјава. До пред 4 дена, бегалците од Сирија, Авганистан, Ирак и други земји од воените подрачја, најчесто патуваа со возови, а во последниве денови, преполни автобуси и такси возила со бегалци се движат од Гевгелија кон Табановце.

БИРН помина два дена на граничниот премин во Табановце каде што постојано поминуваа автобуси, па во одредено време, особено во петокот, имаше огромен застој, бидејќи поради тесните патишта кои водат кон железничката пруга во Табановце, а и силниот дожд, беше невозможно да се разминат два автобуса.

„Овие десетина автобуси мораат да чекаат, додека не се испразнат и не си заминат автобусите што се веќе на Табановце, бидејќи нема можност да се разминат. Мора да се чека“, ни рече припадникот на МВР кој го регулираше сообраќајот во меѓуграничната зона помеѓу Македонија и Србија.

Во еден автобус можат да патуваат околу педесетина бегалци, а во возовите дури и по 900, што прави огромна разлика во можноста за справување со бранот бегалци во земјава.

Вчера синдикалните организации и раководството на Македонски железници постигнале договор.

„Во време кога Македонија се соочува со мигрантска криза, тоа предизвикува загрозување на безбедноста и сигурноста на сообраќајот“, изјави директорот на МЖ Никола Костов.

Сепак, на граничниот премин Табановце, ниту вчера, ниту пак, утринава, не помина ниту еден воз.

Есента ја дочекуваат со кратки панталони и боси нозе

Со донациите од граѓаните, бегалците добиваат потопла облека | Фото: БИРН

Со донациите од граѓаните, бегалците добиваат потопла облека | Фото: БИРН

Екипа на БИРН го придружуваше Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија, кој беше на граничниот премин Табановце за да донира облека за бегалците, собрана од многу граѓани.

Во моментот кога ќе се истовари автобусот, бегалците, најчесто облечени со кратки панталони и влечки, веднаш се впуштаат по тезгите поставени од невладините организации, полни со облека.

„Jacket, jacket, please (Јакна, јакна, ве молам)“, довикуваат кога ќе пристигнат.

До собраната гардероба се приближи мајка со својата ќерка која бараше патики. Кога волонтерите му ги соблекоа водените патики на девојчето, глетката беше застрашувачка. Нозете ѝ беа потечени, а ноктот од прстот речиси отпаднат. Мајката беше во страв дека групата ќе ѝ избега, па постојано ги брзаше волонтерите, кои се обидуваа да ги дезинфицираат прстите на девојченцето. Тоа, пак, не испушти глас. Мирно чекаше додека волонтерите ѝ облекуваа чорапи и патики и на крајот се насмевна.

Волонтерите помагаат на девојчето од Сирија чии нозе ѝ беа потечени, а ноктот од прстот речиси отпаднат | Фото: БИРН

Волонтерите помагаат на девојчето од Сирија чии нозе ѝ беа потечени, а ноктот од прстот речиси отпаднат | Фото: БИРН

Што треба сега да кажеш?“, ја праша мајката.

„Thank you (благодарам)“, рече девојчето.

На граничниот премин Табановце бегалците се задржуваат едвај десетина минути. Земаат храна и топла облека и брзаат понатаму, во страв да не ја загубат групата.

Некои од нив, пак, мислат дека донираната гардероба се наплатува, па пробуваа џемпери и јакни, се подгледнуваа за да видат како им стојат, а потоа прашуваа: „Колку треба за ова?“. Длабоко се заблагодаруваа кога волонтерите ќе им кажеа дека е бесплатно.

Бебе старо 4 дена на Табановце
На граничниот премин Табановце
вчера пристигна мајка со детенце старо четири
дена. Од волонтерите доби голем број
донации од пелени, облека, млеко, храна,
ќебиња. Жената едвај можеше да се движи
со бебето и со сите потребни средства за
нега спакувана во неколку ќеси, и за еден
час го продолжи патот кон Србија, а потоа
кон Унгарија, со надеж дека ќе стигне до
европските држави.

Голем број новинари од Норвешка, Шведска, Велика Британија, Австрија, Јапонија,.. известуваат од Табановце. Телевизиска екипа од Шведска прави сторија за едно семејство со две деца кое патува од Сирија, а крајната дестинација им е Шведска.

„Ги следиме од Турција. Сето време сме со нив и го поминуваме истото што и тие. Ќе ги следиме и ќе известуваме за нив сè додека не стигнат до посакуваната дестинација. Тешко ни е, бидејќи сега сите семејства кои сакаат да стигнат до Шведска, ни се приклучуваат и бараат да одиме со нив, надевајќи се дека можеме да им помогнеме. А всушност, ние не можеме да сториме ништо, освен да известуваме“, ни рече шведскиот новинар.

Дел од бегалците мислат дека донирата гардероба се продава | Фото: БИРН

Дел од бегалците мислат дека донирата гардероба се продава | Фото: БИРН

Околу 18 часот вчера, кога се очекуваше нов прилив на бегалци и полни автобуси, а веќе снемуваше обувки и облека за бегалците, се појави средовечен човек со автомобил. Се паркираше во близина на железничката станица и го отвори гепекот. Внатре имаше кутии со нови чевли за деца.

„Кој број носи вашето дете?“, ги прашуваше на англиски јазик родителите.

Кој број и да го кажеа, човекот претураше низ гепекот од колата, наоѓаше чевли и им ги подаваше.

Апел за донации

На бегалците најпотребни им се чевли и топла гардероба, апелираат невладините организации | Фото: БИРН

На бегалците најпотребни им се чевли и топла гардероба, апелираат невладините организации | Фото: БИРН

Хуманитарните организации од Македонија ги повикуваат граѓаните да донираат пред сѐ топла облека (јакни, капи, чорапи, блузони) и чевли за бегалците што им е најпотребно во овие врнежливи денови во пресрет на есента.Граѓаните можат да ги однесат донациите на повеќе места како магацинот на невладината „Легис“ кој е отворен од 10 до 20 часот. „Легис“ се наоѓа во Чаир на улица „Цветан Димов“ 4.

Донации можат да се носат и во просториите на Хелсиншкиот комитет кој се наоѓа во Дебар маало на улица „Наум Наумовски-Борче“ 83 и е отворен од 9 до 17 часот преку неделата, а за викенд од 10 до 14 часот.

Последните податоци на МВР се дека во периодот од 19 јуни до вчера изутрина биле издадени потврди на вкупно 69.743 странски државјани, од кои, 46.913 се од машки пол, 9.610 се од женски, 11.360 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата и уште 1.860 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање на правото на азил.

И додека македонските волонтери и граѓани се обидуваат да им помогнат на бегалците во справувањето со нивните агонии на патот кон Европа, отворено останува прашањето дали Македонија ќе гради ограда на границата, слично како што тоа го стори Унгарија за да го сопре големиот прилив бегалци. „Ројтерс“ пред два дена пренесе изјава на министерот за надворешни работи Никола Попоски кој во интервју за унгарскиот неделник „Фигело“ рекол дека на Македонија, веројатно „ќе ѝ треба некоков вид физичка одбрана, иако тоа нема да биде долгорочно решение“.

„Но, доколку сериозно го земеме тоа што го бара од нас Европа, тогаш ќе има потреба и од тоа – било војници, било ограда или комбинација од двете “, рекол Попоски.