Вести

Граѓанска непослушност ако се изгласа државниот испит

По четврти пат, професорите и студентите кажаа децидно „не“ за владината реформа и побараа повлекување на законот кој денеска се најде пред Собранието. Во спротивно, како што рекоа, ќе следи граѓански отпор и граѓанска непослушност.

DSC01086

Со писма напишани до секој пратеник од Собранието поединечно, претставниците на Професорскиот пленум денеска влагоа во Парламентот и ги поднесоа своите барања за законските измени кои предвидуваат воведување државен испит во високото образование.

На професорите им се приклучија и студенти и претставници од невладини организации, а писмена поддршка им дадоа и 80 еминентни професори од странски високообразовни институции.

Академската јавност побара претседателот Иванов да стави вето за државниот испит доколку законот биде изгласан во Собрание. По четврти пат, тие кажаа децидно „не“ за оваа владина реформа и побараа повлекување на законот. Во спротивно, како што рекоа, ќе следи граѓански отпор и граѓанска непослушност.

„Поворка од десетици илјади луѓе ги негираше овие законски измени кои се противуставни, штетни, полни со недоследности и се средство за уривање на универзитетската автономија! Бараме целата постапка да се врати на почеток. Во спротивно, ќе следи граѓански отпор и граѓанска непослушност, нешто што не е непознато во филозофијата“, рече професорот Никола Мартиновски.

Професорот Никола Мартиновски вели дека законските измени се штетни, противуставни и ќе служат како средство за уривање на автономијата на универзитетите | Фото: М. Јордановска

Професорот Никола Мартиновски вели дека законските измени се штетни, противуставни и ќе служат како средство за уривање на автономијата на универзитетите | Фото: М. Јордановска

Професорката Билјана Ванковска е разочарана од молкот на институциите и игнорантскиот односна властите, кои ниту еднаш не одговорија на нивните барања.

„Фактот дека стоиме под отворено небо на вакви временски услови покажува дека двата храма до овој момент не најдоа начин за пристоен дијалог и низ конструктивен дијалог и сослушување на сите засегнати страни. Ние сме свесни за сите проблеми, но баравме да не сослушаат. Се надеваме дека пратениците ќе нè слушнат, ќе го повлечат законот и ќе дадат време во наредните три месеци да се воспостави дијалог за високото образование“, рече професорката Билјана Ванковска.

Владимир Делов од Студентскиот пленум рече дека премиерот Никола Груевски се однесува како „навреден тинејџер“, наместо да ги слушне нивните барања, поткрепени со аргументи.

„Нас не нè интересира која партија е на власт, ниту пак оваа Влада да падне за да дојде некоја друга. Одбиваме да нè вплеткуваат во нивните политички игри. Ние истапуваме со аргументи и со конструктивни критики и им покажуваме каде грешат. А премиерот се однесува како навреден тинејџер. Не доликува на еден државник да се однесува така“, рече Делов.

Откако ги прочитаа барањата, професорите и студентите се упатија кон Собранието за да ги достават истите.

Тогаш пред Парламентот се испречи полициски кордон, па присутните извикуваа: „Нема да ви направиме ништо, не сме насилници“.

И додека професорите и студентите на ниски температури речиси два часа стоеја пред Собранието, во законодавниот дом течеше седницата, на која на дневен ред се 7 предлог- закони од областа на образованието, меѓу кои и Законот за високо образование.