Во Македонија има сè помалку студенти, а оние што одлучуваат високото образование да го завршат на домашните универзитети, ги преферираат информатичките науки и медицината.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека за последните десет години, бројот на студентите се намалил за седум илјади, односно за 12 отсто.
Вкупниот број студенти во учебната 2023/2024 година изнесувал 55.316, а дури 20 отсто од нив учат на државните и на приватните медицински факултети. Иден медицински кадар најмногу се образува на Факултетот за медицински науки во Тетово, а потоа следуваат штипскиот, па скопскиот факултет.
Сепак, прв според бројот на студенти од државните факултети е ФИНКИ, на кој учат над 4.700 студенти. На најголемата високообразовна установа, универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, покрај на ФИНКИ и на медицинските факултети, зголемување на бројот на студенти има и на Факултетот за дизајн.
Сличен е соодносот и на приватните универзитети, односно најмногу се запишуваат на медицинските и на информатичките науки.
Паѓа интересот за општествените науки
Водејќи се според бројот на студенти, малку млади сакаат да бидат филолози, правници, градежници… На овие факултети се бележат и најголемите загуби на студенти.
Прв е Шумарскиот факултет, кој во споредба со 2014 година, сега има 69 отсто помалку студенти. На Филолошкиот факултет, на кој студентите може да избираат од 11 катедри, има дури 64 отсто помалку, а сличен тренд бележат и Градежниот, Земјоделскиот и Правниот факултет.
Правниот факултет, всушност, има и најголем пад во бројот на студенти. На него се запишале над 390 бруцоши помалку во споредба од пред десет години. Нема многу заинтересирани да студираат право и на државниот Тетовски универзитет, ниту, пак, на Правниот факултет во Кичево.
И другите државни универзитети бележат пад во бројот на студенти. На Битолскиот универзитет, во пораст се само оние што се запишале на Педагошкиот факултет.
Пораст бележат и Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки. За да станат теолози се пријавиле 2,5 отсто повеќе, а за да ги изучуваат исламските науки, дури 21 отсто повеќе во споредба од пред десет години.