MМКТ соопшти дека нема да дозволи да се поднесе жалба на должината на казната доживотен затвор, што на поранешниот претседател на босанските Срби, Радован Караџиќ, му беше изречена минатиот месец.
„Не постои правна основа во статутот или во правилата на Механизмот, врз основа на кои Караџиќ би можел да поднесе жалба на конечната пресуда или на дел од неа“, се вели во одлуката, потпишана од претседателот на ММКТ, Кармел Агиус.
Со оваа одлука, исто така, беше одбиено барањето на Караџиќ, да му се за дозволи именување на правен советник, кој би му помогнал во подготовката на барањето за преиспитување на правосилната пресуда, со која казната од 40 години затвор, му беше зголемена на доживотен затвор.
Минатата недела, Караџиќ поднесе претставка во која наведе дека смета оти ММКТ погрешил кога му одредил казна доживотен затвор, бидејќи не водел сметка за „практиката на судовите во поранешна Југославија“, со што му се прекршени човековите права.
Караџиќ, исто така, наведе дека советот на ММКТ не дал образложение, зошто казната изречена во 2016 година, од 40 години затвор, му е зголемена на казна доживотен затвор.
Судот на ООН досега само еднаш дозволил преиспитување на правосилната пресуда – во случајот на Веселин Шљиванчанин, кој беше осуден за неговата улога во масакрот во Вуковар, Хрватска, во 1991 година.
Жалбениот совет на Хашкиот трибунал, му ја намали затворската казна на Шљиванчанин од 17 на 10 години затвор.
Судот се согласува да преиспита казна, само ако се презентираат нови докази.
На 20 март Караџиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување.
Тој беше прогласен за виновен за геноцид во Сребреница, за прогонства низ цела БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.
Со истата пресуда, тој беше ослободен од обвинението за геноцид извршен во други општини во БиХ, во 1992 година.