Анализи

Холидеј Ин: Будењето на бетонскиот џин

Почна како  „скопски Менхетн“ заврши како причина за протести

Од едната страна се слуша „да го спречиме бетонското чудовиште“, од другата – „погледнете, не е чудовиште“, а од трета – „помогнете, не можеме ништо да сториме сами“. Дебатата за паркингот спроти хотелот Холидеј Ин дополнително се вжешти денес, откако сопствениците претставија што сакаат да градат таму, а активисти бараат да не се гради за да се заштити јавниот интерес и животната средина.

Ова парче асфалт во центарот на Скопје повторно влезе во јавниот фокус откако се објави дека инвеститорите ги уплатиле комуналиите од речиси два и пол милиони евра и веќе се на чекор до добивање градежна дозвола, а со тоа и до почетокот на градбата. Од пред една недела се собираат потписи на онлајн-петиција против проектот, а денеска 29 граѓански организации испратија отворено писмо до премиерот Зоран Заев, за тој да го спречи градењето.

Во обид да ја поправи лошата репутација што проектот ја стекна уште на невидено, фирмата-инвеститор МГ Фешн детално претстави што точно ќе гради – две станбени згради од 22 односно 20 ката плус поткровје и една деловна 16-катница, сето тоа поврзано со трговски и деловен простор на два ката, со зеленило на терасите и во околниот простор итн.

Сликата ја комплетира градоначалникот Саша Богдановиќ, кој со денови по медиумите објаснува дека не може самиот да го спречи градењето бидејќи има законски обврски, и ги моли другите институции за помош.

Љубопитни погледи нагоре

Презентација на проектот за станбено-деловниот комплекс

Идејата дојде уште во меденaта фаза на првата влада на Никола Груевски, во февруари 2007 година, кога на владина седница беше донесена одлука да се создадат услови за изградба на три облакодери во блокот спроти хотелот Холидеј Ин.

Тоа значи на целиот простор од хотелот до булеварот Кочо Рацин, спроти Олимпискиот базен, што ги опфаќа паркингот и куќите од Ново маало, кои во голем дел се во распаѓање поради што се сметаше дека го нагрдуваат центарот на градот. Тогаш се образложуваше дека Владата само ќе создаде услови, и се надева дека ќе се најдат инвеститори да ги градат зградите.

Во јуни 2007 се донесе првиот ДУП за т.н. „скопски Менхетн“. Се предвиде, според образложението на општината Центар, модерен комплекс кој, повторно, ќе го опфаќа целиот блок, не само паркингот, и во кој треба да има и училишта, градинки, ресторани, станбени и деловни простори, паркинзи, сали, галерии, кина – практично да функционира како град во градот.

Во време кога на Скопје се уште не му беше смачено од градење, кога се немаа случено трансформациите на Стар Аеродром, Маџир маало, Тафталиџе, Водно и многу други делови од градот, а Скопје 2014 се уште беше само нечија неизговорена желба, оваа владина одлука поттикна размислувања за проекти што се нарекуваа „скопски Менхетн“.

Во таа и во следната година се појавија и најавите за висококатници во Аеродром, бизнисменот Бојо Андревски сакаше да прави 50-катница врз Европскиот униврзитет, а неколку згради од по триесетина ката беа предвидени во Карпош.

Новото Скопје беше замислено како град на облакодери. Како што е познато, подоцна се претвори во град на имитации на барок, неокласицизам и рококо и на десеткатници збиени една до друга како коцки, со игнорирање на стандардите за хуман урбан развој.

Овие најави во јавноста не предизвикаа некое негодување. Реакциите повеќе се сведоа на љубопитност какви спектакуларни проекти се замислени, скептичност дека тие воопшто може да се остварат, и сомнеж дали е можно да се направат облакодери од сто ката на подрачје подложно на земјотреси.

Медиумите тогаш не трчаа по реакции од урбанисти, екологисти или активисти за хуман животен простор, туку по експерти од ИЗИИС, кои стручно објаснуваа дека постојат технологии со чија помош воопшто не е проблем да се направат толкави згради во Скопје, и ги посочуваа Токио и Тајван како примери.

Ништо од тоа не се случи, со исклучок на изградбата на кулите Џеваир во Аеродром. Другите проекти, како 25-катницата кај Европски универзитет и три 30-катници во Карпош  се уште „спијат“  во ДУП-овите. Така беше и со идејата за оригиналниот „скопски Менхетн“.

Остварливи и неостварливи облакодери

Полуразурнати објекти ќе го опкружуваат новиот модерен комплекс | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Во 2012, кога истече петгодишниот рок на важење на ДУП-от за просторот меѓу Холидеј Ин и Олимпискиот базен, се донесе нов, со кој висината на зградите се намали од сто на 60 ката. Но, се уште ниту еден инвеститор не беше заинтересиран.

Во тој план, изработен од компанијата Билд , просторот е поделен на три засебни градежни парцели, со можност на секоја од нив да се изгради по една 60-катница со по две згради од по 20 ката од страните, со цел да се спојат во триаголник, како што предвидуваат повеќе визуелизации. Едната парцела беше врз паркингот, а другите две врз старите трошни куќи од Ново маало.

Во 2012 се донесе нов Генерален урбанистички план, со кој овој ДУП не беше усогласен. Од 2013 Општина Центар е во рацете на опозицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, но ништо не се смени на овој простор, иако општината имаше обврскаа да го усогласи планот. Плацот спроти Холидеј Ин функционираше како паркинг со наплата.

Ново маало остана еден од малкуте простори во поширокото централно подрачје во кој не се случуваше градежна експанзија. За разлика од другите делови на градот каде што индивидуални сопственици или заедници на станари можеа да бараат и наоѓаа инвеститори да им го надградат само нивното парче земја, тука требаше да се најде инвеститор за облакодер, кој ќе откупи 40-50 ситно расцепкани имоти за едниот и уште толку за другиот облакодер.

На некои од нив има по седум-осум заеднички сопственици, па ниту еден инвеститор не се реши да се заплетка во сложена процедура во која ќе треба да се спогоди со неколку стотини луѓе за да може да почне да гради.

Само една од парцелите немаше таков проблем – на самиот паркинг спроти хотелот Холидеј Ин. Таму поголемиот дел од просторот беше јавен, а помал дел и припаѓаше на Македонската православна црква, добиен со денационализација бидејќи на тоа место се наоѓала поранешната црква Свети Константин и Елена (која требаше да се обнови на плоштадот, па се изгради кај Домот на АРМ). Токму таа парцела ја докупи фирмата Обновители ДОО, во заедничка сопственост на МГ Фешн и на МПЦ, преку т.н. процес на окрупнување.

Идејата за трансформација на целиот блок во некаков заокружен, самоодржлив комплекс со станови, деловен простор и јавни услуги (училиште, градинка), иако и самата по себе контроверзна, практично се напушта. Бидејќи инвеститорот гради една третина од блокот, може да ги игнорира потребите за јавни објекти и да остави тие да се решат во другите два блока, каде што изгледите за градење се минимални. Ќе остане контрастот меѓу куќите во распаѓање во Ново маало и бетонскиот џин до нив.

Нови врзани раце

Позиција на објектите во просторот, од презентацијата на проектот

Во 2017, кога на чело на општината дојде сегашниот градоначалник Саша Богдановиќ и кога советот изглада мораториум на спроведувањето на урбанистичките планови, се уште стоеја трите шеесеткатници во блокот спроти Холидеј Ин. Како и многу други планови, и тој отиде на ревизија, која не се изведе.

Планот го ревидираше истата фирма што го нацрта првичниот. Таа стигна само до 14-от од 20 чекори за ревизија и  поради недоразбирања меѓу планерот и општината, се раскина договорот, и обидот за ревидирање пропадна.

Бидејќи законот налага дека додека не се донесе нов ДУП стариот останува да важи, на инвеститорите им било овозможено да си уплатат комуналии и да побараат градежна дозвола. Особено откако во 2020 година, по барање на двајца анонимни граѓани на Охрид, Уставниот суд го укина мораториумот во општина Центар и ги тргна пречките за барање градежни дозволи.

Општината тогаш најави дека за спорните планови ќе побара суспензија од Министерството за транспорт и врски (како што дозволува најновата верзија на Законот за просторно и урбанистичко планирање), но ниту тоа не се случи.

„Ние побаравме суспензија, но за да се случи тоа треба да се почне нова постапка. А тоа не можеме да го направиме бидејќи чекаме тарифник“, објасни градоначалникот Богдановиќ.

На овој начин повторно профункционира принципот „врзани раце“ во односите меѓу локалните власти и градежните инвеститори, во кои властите не можат да го спречат остварувањето на приватниот интерес без разлика какви штетни ефекти тој може да има врз општото добро.

Богдановиќ вели дека се уште не се откажал, и испитува дали има можности да се спречи градбата, па бара помош од Антикорупциската комисија и од други институции.

Факт е дека практично ништо не се случуваше цели десет години додека овој бетонски џин спиеше, а кога се разбуди, можеше само да  се констатира дека надлежните не можат повторно да го успијат.