Анализи

Без мораториум би имало 300 нови згради во Центар

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Масовната градба значително го зголеми бројот на жители во центарот | Фото: БИРН

Граѓаните не треба да се грижат дека во Општина Центар ќе се изградат згради од по 60 ката пред хотелот „Холидеј ин“, рече Менди Ќира од Стопанската комора на Северозападна Македонија во синоќешното гостување на 1ТВ, откако вчера Советот на општината, и покрај решението на Уставниот суд, повторно донесе одлука за мораториум за издавањето градежни дозволи на поголемиот дел од нејзината територија.

Со тоа претставникот на стопанствениците што го иницираа укинувањето на мораториумот се обиде да го задржи фокусот на дебатата на овој дел од центарот, кој со месеци предизвикува големо внимание во јавноста, иако проблемите со градењето во Центар се протегаат многу пошироко до Маџир маало,  Дебар маало, Капиштец и до други локации.

Тој додаде дека тие како бизнис-заедница не биле против повеќе зеленило во општините, но дека урбанистичките планови требало да се одблокираат „за да им се овозможи на граѓаните да располагаат со својот имот, што е човеково право“.

Ако им се дозволи на сопствениците на имоти да располагаат со нив на начините што се предвидени со сегашните детални урбанистички планови, тоа можеби нема да доведе до изградба на 60-катниците, но ќе овозможи во централното подрачје да се изградат уште околу 300 станбени и деловни згради. Некои од нив се мали, по четири ката, и на хартија се куќи (приземје, два ката и поткровје), додека други се висококатници од по 11, 14, дури и до 26 ката.

ДУП-овите запрени додека се донесат нови

Проектот за паркингот пред „Холидеј Ин“ е во јавниот фокус со месеци | Фото: БИРН

За разлика од досегашната пракса кога се носеа привремени забрани за градење на секои три месеци, овојпат општината усвои трајна одлука за неприменување на деталните планови за кои било утврдено дека не се во согласност со Генералниот урбанистички план за Град Скопје за периодот од 2012 до 2022 година.

Меѓу 27-те блокирани урбанистички планови е и тој што предвидува изградба на три згради од по 60 ката во центарот, поврзани со згради од по 20 ката. Овој проект повторно предизвика силни реакции меѓу граѓаните, особено откако минатата недела на конференцијата „Шанса за Скопје“ беше претставена макета како тој комплекс би изгледал во споредба со објектите од неговата непосредна околина како хотелот „Холидеј ин“, катната гаража и блоковите и кулите од Градски ѕид.

Бизнисменот Ќира во ТВ-интервјуто се обиде да аргументира дека ако главниот проблем за граѓаните на Скопје е што на тој простор може да изникне уште едно бетонско чудовиште, тие воопшто не треба да се грижат.

„Тие 60-катници се таму 10 или 15 години и ниту се почнати да се градат, ниту ќе се градат. Никој не е заинтересиран да ги гради зашто тука има други проблеми. Значи не е тоа така дека ќе се градат. И нема шанси да се градат, јас имам сознанија за тоа“, рече Ќира во гостувањето во „Отворено студио“.

Не може три, но може една

За да се направи целиот комплекс треба да се откупат осумдесетина имоти од 230 сопственици | Фото: БИРН

Идејата е навистина стара, и не дојде од локалната самоуправа, туку од Владата. Првпат почна да се зборува за деловен центар со висококатници на просторот спроти „Холидеј ин“ уште за време на првиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски, меѓу 2006 и 2008 година. Тогаш се споменуваа згради и до сто ката, но подоцна во Деталниот урбанистички план од 2012 беа нацртани три 60-катници поврзани со 20-катници.

Тој план воопшто не беше во фокусот на јавноста сѐ до крајот на минатата година, кога беше откриено дека државното земјиште на големиот паркинг спроти хотелот било продадено на заедничка компанија на бизнисменот Зоран Антиќ и на Македонската православна црква, врз основа на законското право за откуп на земјиште заради дооформување на градежните парцели.

Ако им се дозволи на сопствениците на имоти да располагаат со нив на начините што се предвидени со сегашните детални урбанистички планови, тоа можеби нема да доведе до изградба на 60-катниците, но ќе овозможи во централното подрачје да се изградат уште околу 300 станбени и деловни згради

Засега се мали шансите да се изгради целиот комплекс од три плус три згради. Тој не е замислен да се направи само на паркингот спроти хотелот, туку на целиот простор меѓу „Холидеј ин“, Веро центарот и Олимписки базен, опфаќајќи го и Ново маало, едно од најстарите маала во Скопје. И по шест години откако овој ДУП е во сила, на тоа место според проверката на податоците од катастарот за недвижности има 80-тина приватни имоти што им припаѓаат на околу 230 сопственици. Тоа е имотно-правен проблем што би требало да го реши кој било заинтересиран инвеститор.

Сепак, со окрупнувањето на парцелата на паркингот, заедничката фирма на Антиќ и на МПЦ би можела да изгради една од трите згради, ако ДУП-от остане непроменет. Антиќ има најавено во медиумите дека сакал да направи повеќе објекти, од кои највисокиот би бил кула од 30 ката што би го носела името „Кензо Танге“.

Градежниците позасегнати од другите ДУП-ови

Местото каде што инвеститорите се префрлија откако снема парцели во Стар Аеродром е Маџир маало | Фото: БИРН

Додека тој ДУП е тешко остварлив поради имотно-правната состојба, на многу други локации низ Центар има градежни маркички што лесно може да се реализираат, а дел од нив веќе се претвораат во згради, со одобренијата за градење што биле издадени пред првата одлука за мораториум.

Местото каде што градежните инвеститори го насочија својот фокус откако речиси снема парцели во Стар Аеродром е Маџир маало. По истиот пример, оваа населба целосно се трансформира, и ако се исполни ДУП-от, таму може да има околу 80 објекти од по седум ката, поврзани во блокови.

И спроти реката Вардар, во уште едно старо маало, Крњево, се предвидени 70-тина седумкатници и еден објект од 14 ката на аголот на паркингот спроти поранешен Скопски саем.

Сѐ уште стои маркичката на плоштадот за објектот наречен „Шпански скали“ на празниот простор меѓу зградите „Пелистер“ и „На-Ма“, како и катната гаража од 29 метри спроти Старата железничка станица, до недовршената зграда на ЕСМ. Европски универзитет може да порасне од три на 26 ката.

Нереализирани маркички има и во Капиштец спроти Клинички центар, на Водно и во Дебар маало. Во дел од овие места се користат максималните димензии предвидени за индивидуални куќи (приземје, два ката и поткровје) за да се изградат згради од по четири ката, на секој по еден стан.

 Заштита на државниот имот и на соседските права

Белчева Андреевска: Досега сме го распродавале наместо да градиме училишта, градинки или културни центри | Фото: БИРН

Во новата одредба на Општина Центар, именувана како „одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови“, се вели дека нема да се спроведуваат плановите кај кои не се усогласени површините на градежно земјиште, максимално дозволениот број на жители и густина на населеност, наменската употреба и други одредби од Генералниот урбанистички план.

Се прекинуваат сите постапки што почнале откако Уставниот суд го запре мораториумот, а остануваат да важат дозволите издадени пред 27 декември 2017 година.

Првпат почна да се зборува за деловен центар со висококатници на просторот спроти „Холидеј ин“ уште за време на првиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски, меѓу 2006 и 2008 година. Тогаш се споменуваа згради и до сто ката, но подоцна во Деталниот урбанистички план од 2012 беа нацртани три 60-катници поврзани со 20-катници

Мораториумот не се однесува на издавањето дозволи за реконструкција, адаптација, пренамена, измени во градба, ниту на одобренијата за подземни инфраструктурни инсталации.

Претседателката на Советот на Центар, Јана Белчева Андреевска, која беше една од иницијаторите на мораториумот, очекува дека на крајот од овој процес ќе имаат детални урбанистички планови што ќе овозможат похумано живеење. Таа објаснува дека ревизијата на ДУП-овите има неколку генерални цели.

„Прво, државниот имот треба да го заштитиме и да го искористиме за зеленило или за други институционални или социјални потреби на жителите на Центар. Досега сме го распродавале наместо да градиме училишта, градинки или културни центри. Второ, треба да се обезбеди дека одредбата за 20 отсто зеленило на секоја парцела навистина ќе се почитува. Трето, да нема ДУП-ови во кои не се согледани сите фактори на ризик, можности за евакуација при непогоди итн. И четврто, да се почитува соседското право“, вели Белчева Андреевска.

Целта на општинските власти, според неа, е повеќе да ја вклучат јавноста во донесувањето на плановите и да ѝ овозможат да дава забелешки за целите планови, вклучително и за јавниот простор, а не како досега, секој да има право да поднесе претставка само околу содржината предвидена на неговиот имот.