Атентатот врз Трамп и македонската историја

Според некои политиколози, неуспешниот атентат врз Доналд Трамп од пред година и пол, уште во времето на американската предизборна кампања, кога овој беше само можен кандидат на Републиканската партија на американските претседателски избори, во американската јавност го предизвика таканаречениот „Болсонаро ефект.“

Терминот „Болсонаро ефект“ влезе во политичката теорија според името на некогашниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кој беше тешко ранет при бомбашки атентат на 6 септември 2018 година. На тие избори, Болсенаро убедливо победи со 55 проценти од гласовите. По неуспешниот атентат врз Трамп, на конгресот на републиканците, тој со овации беше избран за нивни претседателски кандидат, а набргу потоа стана и претседател на САД.

Болсонаро ефектот ја префрла целта на атентаторот во некоја друга, дури астрална димензија. Во очите на јавноста, таа истовремено станува и жртва, и спасител. Како жртва, нејзе ѝ треба посебна заштита, а јавноста е подготвена да ѝ ја пружи, така што во голем број, односно масовно ќе застане зад неа.

Од друга страна, жртвата е и спасител, токму затоа што е жртва на системот што дозволил да биде атентирана. Во таа смисла, се очекува дека токму искуството на жртва ќе ѝ овозможи ефикасно да го смени системот и да не дозволи да се повторуваат овој вид политички насилства.

Жртва на системот

Токму од овие причини, тешко е да се поверува дека последниот неуспешен атентат врз Трамп ќе го постигне истиот ефект. И тоа од неколку причини. Најважната е дека сега Доналд Трамп не е веќе опозициски претседателски кандидат, туку американски претседател кој, за овие нецели година и пол од претседателствувањето, успеа да ги растегне границите на својата лична моќ на простори без преседан во искуствата на кој било негов претходник.

Значи, не може повеќе да се гледа како жртва на системот, туку како негов главен креатор.

Сепак, во првичните анализи, објавени на неполни 24 часа по обидот за атентат на претседателската гала-вечера со новинарите што известуваат од Белата куќа, се тврди точно тоа, дека Трамп е токму жртва на системот. И тоа на системот што самиот го создаде. Всушност, тоа е систем што, не само што го нормализира политичкото насилство, туку и го охрабрува.

На внатрешен план, тоа се секако широките овластувања дадени на таканаречената емиграциска полиција (ICE), зад чие дејствување веќе стојат две цивилни жртви во Минесота. Се разбира, тука е и реториката на Трамп и буквалното сатанизирање на неговите политички неистомисленици, меѓу кои се голем број интелектуалци, уметници, но и новинари и медиумски куќи.

Натаму, реториката на создавање култ на личноста, зачинета со именување низа институции со неговото име и генерирани слики каде што самиот себеси се претставува како божество. И, секако, можеби и најважно, неговото излегување од рамките на американскиот Устав.

Нормализирањето на насилството, на меѓународен план најдрастично се гледа во случајот со Венецуела и особено со војната во Иран. Венецуелскиот претседател Мадуро, сепак, подобро помина од иранскиот ајатолах Хаменеи. Тој беше „само“ киднапиран, додека ајатолахот Хаменеи беше буквално атентиран, заедно со дел од неговото семејство.

Тука се и американските напади на наводно сомнителните бродови и танкери во меѓународните води, под обвинение дека шверцуваат дрога. Иако во ваквите напади, животот веќе го изгубија речиси двесте членови на нивните екипажи, досега во јавноста не беа презентирани никакви количества наркотични средства, ниту, пак, убедливи докази дека бродовите претставувале сериозна опасност или биле на некаква шверцерска рута.

Не треба да се заборават тука и вербалните дуели што Трамп ги провоцира со низа светски лидери, најчесто европски и уште почесто легитимно избрани водачи. Кулминацијата е секако нападот врз папата Лав Четиринаесетти, инаку Американец по националност. И, секако, омаловажувањето на меѓународните организации, вклучувајќи ги тука и Обединетите нации.

Се разбира дека каков било политички атентат не може да се оправда, особено не врз американски претседател. САД, имено, имаат богата историја на политички, па и претседателски атентати. Досега, од последиците на атентати загинаа четворица американски претседатели (Абрахам Линколн, Џемс Гарфилд, Вилјем Мекинли и Џон Кенеди) и еден претседателски кандидат (Роберт Кенеди).

Обидите за атентати врз претседателите и претседателските кандидати се двоцифрени, но, за среќа, поголемиот дел од нив, токму како и овој врз Трамп, се неуспешни.

Но, она што може да се научи од оваа богата традиција е дека тековите на американската историја не се променети ниту милиметар со смртта на кој било од убиените американски претседатели. Американскиот политички систем, едноставно, е таков што убиениот претседател автоматски се менува со неговиот потпретседател, што значи дека политичката линија на настраданиот претседател не се менува или многу малку се менува.

Еве, да земеме хипотетички, ако по некој случај, далеку било, Доналд Трамп загине во некаков атентат, него ќе го наследи неговиот заменик Џеј ди Венс. Сите оние што барем бегло ја следат актуелната американска политика, знаат дека не постојат никакви шанси Венс да скршне од курсот на Трамп. Напротив, може само да го засили.

Американските атентати

Без оглед на ова нивно искуство, американската политика, и тоа како е вмешана во креирањето на историјата на други држави. Особено во Блискиот Исток и Латинска Америка. Покрај убиството на Хаменеи, тука се и убиствата на Садам Хусеин и Моарем ал Гадафи, како и пучот во Иран против владата на Мосадек (Обама своевремено му се извини на иранскиот народ за оваа нивна интервенција). Списокот, секако, е подолг.

Што се однесува до Латинска Америка, кубанскиот лидер Фидел Кастро уште го држи Гинисовиот рекорд на обиди за атентат врз него. Според Гинис, врз него се извршени дури 683 (неуспешни) обиди за убиство. Секако, највпечатлив пример е воениот пуч во Чиле на Аугусто Пиноче и убиството на тогашниот чилеански претседател Салвадор Аљенде.

Иако, мора да се каже тоа, речиси не постои држава во Латинска Америка, во која САД немаат на некој начин интервенирано. Од Сан Салвадор, преку Гранада, па сѐ до Никарагва.

Во таа смисла, атентатите, барем во некои случаи, и тоа како можат да ја менуваат историјата. И тоа, што би се рекло, во нашето блиско опкружување. Сараевскиот атентат, извршен врз австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд, е веројатно најзначајниот атентат во светската историја.

Тоа е поводот за почетокот на Првата светска војна и за комплетната промена на европската, па и светската политичка карта. Кога сме веќе кај опкружувањето, треба да се каже дека во Србија и денес се смета дека атентатот врз нивниот премиер Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година, и тоа како го сменил нивниот политички правец кон европските вредности.

Македонската атентаторска традиција

Македонскиот дел во светската историја на атентатите, не само што не е мал, туку би рекле и дека доминира. Напросто, лидери на ова поле. Секако, најмногу последици врз глобалните текови ќе предизвика Марсејскиот атентат од 1934 година, кога Владо Черноземски, искусен извршител на ВМРО, го убива југословенскиот крај Александар Први Караѓорѓевиќ.

Македонската историографија има опречни ставови кон разни и различни атентати, не толку според избраните жртви, туку повеќе по вистинските или претпоставените политички ставови на поединците. На пример, членовите на велешката анархистичка организација „Гемиџии“ и нивните солунски атентати од почетокот на векот се слават како висок самопожртвуван патриотски чин.

Тие, како впрочем и Андон Ќосето, еден од „најпродуктивните“ убијци на ВМРО, имаат споменици во Скопје. За разлика од тетовката Мара Бунева, атентаторката врз обвинителот Велимир Прелиќ, околу чија улога се „кршат копја“, убијците на Мане Мачков, Македонец роден во Штип и бугарски агент, во 1942 година, значи Кочо Битољану, Бранко Фрицкан и Ангеле Михајловски, организирани од Перо Наков и Коле Чашуле, се општопризнаени херои во македонската историја.

За нив е снимен и филмот „Истрел.“ Слично може да се каже и за Благоја Деспотовски-Шовељ, кој е убиен една година порано, токму во обид за атентат на истиот тој Мане Мачков.

Всушност, по солунските атентати во 1903 година, тероризмот станува главно средство на ВМРО. Познати се фамозните „магарешки“ атентати (1911/12 година), организирани од страна на Тодор Александров, кога магариња и влечни коли се товарат со експлозив, кој се активира на пазарите по македонските градови.

Но, за жал, атентатите се многу повеќе насочени кон „внатрешниот непријател“, отколку кон репресивниот апарат и тогашните власти. Во 20-тите години на минатиот век, во рамките на борбата за превласт во ВМРО, буквално се одвива братоубиствена атентаторска војна, во која животот го губат низа првенци на македонското револуционерно движење.

Од поновата историја се издвојува никогаш неразјаснетиот неуспешен атентат врз првиот македонски претседател Киро Глигоров во 1995 година. Овој чин донесе низа внатрешни турбуленции, но суштински не промени речиси ништо во позицијата и политичките насоки на Македонија. За волја на вистината, тука треба да се каже дека теоретичарите на заговор уште се сомневаат во официјалните верзии за погибиите на македонскиот претседател Борис Трајковски и генералот Васко Карангелески, убедени дека се работи за политички атентати.

Останува само да се надеваме дека македонската богата атентаторска историја ќе остане тоа – само историја. Во таа смисла и го разбирам македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, припадник на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, самопрогласена наследничка на традициите на терористичката ВМРО, кога на социјалните мрежи ќе објави (цитирам):

„Ми олесна што претседателот Доналд Трамп, првата дама и другите присутни се безбедни.“

Практично се солидаризира(вме) со политиката на Трамп, која во крајна дистанца и доведе до овој атентат. Сега и нам ни олесни!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија