Вести

Хонорарците на протест: „Лебот ни го земате!“

Толпата тргна од пред Собранието, потоа до Мининистерството за труд и социјална политика, до Владата, а заврши пред платото на Универзитетот Св.Кирил и Методиј. Таму хонораците и нивните поддржувачи се сретнаа со студентите.

honorarci

Повеќе синдикати, граѓански здруженија, невладини организации, новинари, актери, сликари, музичари и преведувачи уште еднаш го кренаа гласот и побараа во целост да се повлечат законските измени кои предвидуваат плаќање придонеси за хонорарите.

Тие бараат засилени инспекции на Инспекторатот за труд за да се отстранат случаите на прикриен работен однос и да се зголеми или укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од плата која сега изнесува шест просечни плати.

Толпата тргна од пред Собранието, потоа до Мининистерството за труд и социјална политика, до Владата, а заврши пред платото на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Таму хонораците и нивните поддржувачи се сретнаа со студентите кои неколку дена протестираат против воведувањето државен испит и прогласија „автономна зона“ на факултетите.

„Даночниот рај се претвори во пекол“, „Голема уста лапачка“, „Сите сте мафија“, „Лебот ни го земате“, беа само дел од транспарените со кои демонстрантите им упатија пораки на надлежните. Сето ова беше пропратено со музика, а пред Министерството за труд, толпата го повика министерот Диме Спасов со „Излези Диме на тераса“.

Првиот протест на хонорарците беше на 22 декември 2014 година, пред законот да стапи во сила. Минатата недела владејачката ВМРО-ДПМНЕ излезе со предлог-измени на законот. Измените предвидуваат олеснувања за лицата кои се вработени и дополнително земаат хонорари, а за невработените предвидоа намалување на сумата на која треба да се плаќаат придонеси.

Синдикатите и незадоволните хонорарци веднаш ги отфрлија ваквите измени, со барање законските измени да се повлечат во целост.

Во меѓувреме Собранието донесе закон со кој се трансформира работниот однос на оние кои досега били волонтери или пак работеле со авторски или договор на дело во државните институции, со што тие ќе станат редовно вработени.

Од галерија што следува може да се види атмосферата од денешните протести.

(фото галерија)