Во експресна постапка Владата ги присвои општинските ингеренции за изградбата на поголеми хотели вон градски средини. Овој потег го разбуди стравот на активистите дека се протнува уште една урбанистичка промена со која од врвот на политичката моќ ќе се задоволуваат апетитите на неколкумина за сметка на граѓаните и на природата.
Mинистерот за транспорт Александар Николоски во разговор за БИРН објаснува дека ингеренциите ќе им се одземат само на малите општини кои немаат административни капацитети, а целта е да се изградат хотели и покрај автопатиштата со што би се поттикнал туризмот.
Пред две недели Министерството за транспорт го смени Правилникот за урбанистичко планирање, изедначувајќи ги големите хотели со енергетски капацитети, аеродроми и други клучни инфраструктурни објекти од државно значење, така што одлуките за градење ќе ги носи владата, а не општините.
Оваа административна промена следуваше само два дена по единствената стручна расправа организирана од Министерството за транспорт, каде не беа поканети новинарите.
Поради брзата и нетранспарента постапка, но и поради чести злоупотреби на урбанистичките правила во минатото, особено во Охрид, во скопски Центар, Маврово и други атрактивни локации, активистите го читаат потегот како сценарио за градење во заштитени подрачја и експропријација на имоти преку нетранспарентни процедури, без учество на локалното население и јавноста.
Што со градби во заштитените подрачја

Активистите стравуваат дека со ваквите измени ќе се олесни градењето во заштитени подрачја | Фото: БИРН
Луѓето што редовно ги следат изјавите поврзани со урбанизмот, причините за овие нови и загрижувачки потези ги препознаваат во постари изјави на владини претставници, кои делуваат како основа за сегашните измени на правилникот.
Во ноември на конференцијата „Е 75 –Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“ министерот Николоски коментираше дека е многу сложено да се гради и дека долго се носат урбанистичките планови, особено во заштитените подрачја како Охрид, Битола, Кратово и старата скопска чаршија.
Дополнително министерот коментираше дека во Македонија недостасуваат хотели со пет ѕвезди, а за да се стекне оваа категорија, хотелот законски мора да има најмалку 1.000 квадратни метри, услов што сега се вградува и во правилникот што предвидува дел од хотелите ги третираат како државни објекти.
„Не може хотели да се наоѓаат во иста категорија со аеродроми, автопатишта и болници“, вели за БИРН Татјана Чакулев, активистката од О2 Иницијатива и советничката од Независни за Карпош за БИРН.
Чакулев стравува дека доколку некој хотел се класифицира како објект од државно значење, ќе се олесни неговото градење во заштитени подрачја зашто во Законот за заштита на природата веќе е дозволено да се гради во заштитени подрачја, освен во зоните на строга заштита.
Активистите беа алармирани од брзината со која се смени правилникот. На 10ти февруари во Министерството за транспорт се одржа стручна расправа со членови од Комората на овластени архитекти и овластени инженери и други засегнати страни.
Иако на расправата активистите и стручната фела изразија загриженост и критики, министерството експресно ги донесе промените веќе на 12ти февруари, само два дена по расправата. На 13ти февруари измените беа објавени во Службен весник.
Како пример го дава скопско Водно кое е заштитен предел каде, сепак, се гради.
Односно, таа објаснува дека според законот веќе во втората зона, која се нарекува зона за активно управување, се дозволени активности од економски карактер кои немаат негативно влијание на примарната цел на заштита, како екотуризам или традиционално екстензивно земјоделство.
Непосредно по промената на правилникот во разговор со БИРН, министерот Николоски негираше дека ќе се овозможи градење хотели во национални паркови, покрај Охридско езеро и сите други заштитени подрачја од секој вид, како скопската и битолската чаршија.
„За секое заштитено подрачје има специјални закони кои не се дерогираат со правилник бидејќи тоа е понизок правен акт и не може да биде над закон“, објасни министерот и вицепремиер.
Измени само за хотели крај автопатиштата

Министрите Николоски и Љутков на конференцијата „Е 75 –Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“ | Фото: Министерство за транспорт
Во недостаток на дебата за јасно да се објаснат мотивите за промените, активистите излегоа и со претпоставки дека со новите правила за хотели дури и приватно земјиште може да се експроприра под изговор дека објектот е од државно значење.
Бидејќи хотелите не се објекти од јавен интерес, министерот Николоски тврди дека нема да може да се врши експропријација на земјиште поради изградба на ваков хотел.
Невладината О2, пред стручната расправа алармираќи ги новининарите за промените, реагираше и на моментот дека на овој начин при одлуките се прескокнуваат локалните жители и јавноста.
„Се отвора врата за силување на просторот, наметнувајќи градби онаму каде што не им е место, со неможност на локалното население да влијае врз одлуката“, стоеше во соопштението од О2.
Николски и околу оваа загриженост уверува дека за проектите што ќе произлезат од овие измени, сепак, ќе има јавна анкета од 30 до 90 дена, а во тој период ќе можат жителите да ги изразат своите мислења на кои мора да добијат одговор од општината.
Тој објасни дека измените, всушност, ќе се однесуваат само при градење на хотели на коридорот 8 во западна Македонија и на коридорот 10, односно Е-75 автопатот кој ја поврзува нашата земја со Грција.
„Оваа промена е замислена пред сè за хотелите покрај автопатите кои се наоѓаат во општините со помали административни капацитети кои не можат да се справат во ваков вид проекти“, вели министерот Николоски.
На ова се надворзува и ланската изјава на министерот за култура и туризам Зоран Љутков зборуваше за неискористениот потенцијал на автопатот кон Грција каде поминуваат бројни странски патници.
„Јас сум убеден дека секој километар од овој пат носи во себе можност за нова соработка, ново партнерство и нов развој“, рече министерот Љутков.
Меѓутоа, во Правилникот експлицитно не е наведно дека промената се однесува за хотели покрај автопатиштата, во оваа регулатива единственото појаснување е дека ваквата класификација нема да важи за градските хотели.
Дека новиот член од правилникот ќе важи само за хотели покрај автопат не соопштија ниту претставниците од министерството на стручната расправа, на која, сепак, новинарите учествуваа на сопствено инсистирање.
БИРН се консултираше со професионалната заедница околу ваквото објаснување на министерот и од таму ни посочија дека постои друг член во Правилникот за урбанистичко планирање кој ги уредува објектите покрај пат, како бензиски пумпи, автосервиси и мотели.
За објекти до кои се пристапува од државни патишта, како што се автопатиштата, надлежност и до сега имало Министерството за транспорт. Односно, доколку се додале хотелите и хотелските комплекси во овој член, многу појасно ќе се дефинирало точно за кои туристички објекти би требало да е надлежна централната власт без да се отвори простор за сомнежи дека тој може да се злоупотреби во иднина.

