Загреб
,Кога во ноември, народниот правобранител на Хрватска, предупреди дека употребата на симболи и слогани на фашистичкото усташко движење од Втората светска војна, во Хрватска станала распространета појава и дека законот, во ограничувањето на нивната употреба, не е ефикасен, таа зборуваше за тренд кој оваа година предизвика огромна загриженост кај активистите за човекови права.
„Така, во последниве неколку години, се печатат книги, се пишуваат и објавуваат статии и интервјуа, се одржуваат трибини, се снимаат документарни филмови и се емитуваат телевизиски емисии, во кои се негира или се минимизира злосторничкиот карактер на НДХ”, предупреди Видовиќ.
Во рамките на овој тренд на историски ревизионизам во Хрватска, оваа година беа објавени неколку книги, кои ги минимизираат злосторствата на усташите и бројот на жртви во најголемиот усташки логор, Јасеновац. За овие свои ревизионистички идеи, авторите на книгите добија свој простор и даваа интервјуа во мејнстрим медиумите, а организираа и промоција ширум Хрватска.
Така, хрватскиот автор, Игор Вукиќ, во својата книга, „Работен логор Јасеновац“, вели дека Јасеновац не бил концентрационен логор, туку работен и казнен логор за непријателите на хрватската држава. Хрватскиот јавен сервис, Хрватската радио телевизија, ХРТ, исто така, му даде на Вукиќ простор во етерот, да говори за својата книга за Јасеновац.
И контроверзниот словенечки десничар, Роман Лељак, ширум Хрватска, ги промовираше својата книга и својот документарен филм, „Јасеновац-мит”, на локации во сопственост на католичката црква и на локалните општини.
На есен, во просториите на неделникот „Хрватско слово”, што се наоѓа во просториите на Националната универзитетска библиотека и во доминиканскиот манастир во Сплит, беше промовирана и книга која го глорифицира озлогласениот командант на хрватските фашистички логори од Втората светска војна, Вјекослав Макс Лубуриќ.
Според податоците на Спомен-подрачјето Јасеновац, усташите, помеѓу 1941 и 1945 година, убиле повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти, но десничарските ревизионисти тврдат дека овој број е многу помал.
Претставниците на српското, еврејското и ромското малцинство и хрватските антифашисти, во ноември, предупредија дека политичарите и медиумите ги намалуваат злосторствата на усташите. Нивните реакции дојдоа откако австриската влада одлучи да ги забрани симболите поврзани со Независната Држава Хрватска (НДХ) и со усташкото движење.
„Начинот на кој Германија и Австрија се однесуваат кон овие појави, треба да биде начинот на кој и Хрватска кон нив ќе се однесува“, пишува во писмото што тие им го упатија на високи хрватски функционери.
Член 325 од хрватскиот кривичен закон вели дека секој оној што „ќе повика на насилство или омраза насочени против група лица или член на група поради нивната расна, верска, национална или етничка припадност, ќе се казни со затвор до три години, а организаторите на овие групи, со казна до 6 години затвор”.
Сепак, ретко кој е гонет во согласност со овој член од законот за извикување на поздравот „За дом спремни” или за јавно истакнување на усташките симболи. Овие лица, во такви случаи, обично се гонат за прекршок и се казнуваат со парична казна.
Еден од најконтроверзните случаи беше случајот со националистичкиот пејач, Марко Перковиќ Томпсон, за кого судот, со првостепена пресуда, утврди дека не е виновен за кршење на јавниот ред и мир со извикување на поздравот „За дом спремни“.
Бришење на хрватското антифашистичко наследство
Порталот „Антифашистички Вјесник“, кој е посветен на антифашистичкото наследство, годинава објави дека многу споменици, посветени на жртвите на усташкиот режим, пропаѓаат, и дека се толку обраснати со трева, што голем дел од нив, дури и не се препознаваат.
„Нивната состојба најдобро сведочи за односот на Владата на Република Хрватска, кон жртвите на фашизмот“, објави „Антифашистички Вјесник“.
Половина од антифашистичките споменици во Хрватска, околу 3.000, оштетени се или уништени за време на војната во деведесеттите. Дел од нив беа отстранети и подоцна, од владата или од вандали.
Еден таков случај во ноември предизвика дури и смеа, кога жител на Сплит, ја урна бистата на Раде Кончар, Србин од Хрватска, лидер на отпорот кон усташите, при што бистата, додека ја буткал, му паднала на нога и му ја скршила.
Кога локалните медиуми земаа изјава од него, тој рече: „Јас немам лично ништо против него (против Раде Кончар). Но, не ми се допаѓаат комунистите. Не ми се допаѓаат партизаните, комунистите, Србите … “.
Milost ne tražim niti bih vam je dao!Rade Končar lomi noge fašistima i 76 godina nakon što su ga strijeljali! 💪💪💪https://t.co/cdhBScboVW
— Krešo Beljak (@KBeljak) November 7, 2018
Хрватскиот политичар, Крешо Бељак, се пошегува на Твитер: „Раде Кончар им ги крши нозете на фашистите и по 76 години откако го стрелаа“.
Намалено судско гонење на воените злосторства
Хрватскиот суд во ноември го осуди поранешниот југословенски генерал, Борислав Ѓукиќ, на 9 години затвор, бидејќи за време на војната, во 1993 година, се обидел да ја дигне во воздух браната Перуќа, во Хрватска.
Меѓутоа, како што предупредија организациите за заштита на човековите права, бројот на случаите на воени злосторства со судска завршница, е намален.
Невладината организација, Документа – Центар за справување со минатото, од Загреб, во јули 2018 година, го презентираше својот извештај за судењата за воени злосторства во 2017 година, истакнувајќи дека хрватското судство, минатата година, во однос на претходниот период од 10 години, процесирало најмал број на случаи.
Од вкупниот број обработени предмети во 2017 година, во 38 отсто од случаите осомничените биле судени во отсуство. Се работи за Срби, кои веќе не живеат во Хрватска.
Извештајот, што во октомври го објави Српскиот народен совет, тело кое ги претставува интересите на Србите во Хрватска, вели дека многу злосторства над Србите, извршени за време на војната 1991-1995 година, не добиле судски епилог или не резултирале со пресуди.
А јавното незадоволство поради „недоволниот број судски процеси против Србите“, беше во фокусот на протестите одржани во октомври.
Иницијаторот на протестот, градоначалникот на Вуковар, Иван Пенава, го обвини хрватското судство, оти не прави доволно за да ги уапси сторителите на воени злосторства во Вуковар, кој во 1991 година се најде под опсада на Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици, кои по опсадата го разурнаа.
Хрватските министри им оддаваа почит на осудените воени злосторници
Осудениот хрватски воен злосторник, Мирко Норац, оваа година, два пати, на официјални комеморации, се појави во јавноста, и во двата наврати беше поздравен од министри во владата.
Прво го поздрави министерот за бранители, Томо Медвед, на комеморацијата во Љубово во август, а потоа и министерот за одбрана, Дамир Kрстичевиќ, кој изрази задоволство поради неговото присуство на одбележувањето на годишнината од воената операција „Медачки џеб“, спроведена во 1993 година, во Госпиќ во септември.
„Мораме да бидеме горди на операцијата Медачки џеб“, изјави Крстичевиќ.
Норац, првиот пат, беше осуден од Хашкиот трибунал за убиство на цивили во Госпиќ во 1991 година. Потоа и судот во Загреб го осуди за злосторства против човештвото и за воени злосторства извршени над цивили и воени затвореници во Медачки џеб, во септември 1993 година.
Претседателот на Координацијата на српските здруженија на семејствата на исчезнатите, загинати и убиени лица на просторот на поранешна Југославија, Драган Пјевач, чија мајка загинала во Медачки џеб, а нејзиното тело било осакатено, изјави дека појавувањето на Норац на комеморацијата е срамен чин.
„Можете да замислите како се чувствував кога ја видов веста дека Норац е почестен (пофален од министерот за одбрана Крстичевиќ) и оти доби најголем аплауз“, изјави Пјевач.
Иако помина една година, откако во Хаг беа осудени шестмина воени и политички функционери на самопрогласената Херцег-Босна, тие до денес останаа носители на одликувањето, што пред изрекувањето на пресудата, им го додели хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ.
Во ноември, во неколку места во Хрватска, беше одбележана годишнина од смртта на еден од нив – на Слободан Прљајк, командант на Главниот штаб на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), кој една година претходно, откако му беше прочитана пресудата, со која беше прогласен за виновен за воени злосторства, изврши самоубиство пиејќи отров во судницата на Хашкиот трибунал.
Хрватското Министерство за правда ја ангажираше хрватската Академија за правни науки, да изработи студиска анализа на првостепената и второстепената пресуда изречени во случајот против шестмината функционери на босанските Хрвати, што, според министерството, има за цел да ја испита можноста за оспорување на конечната пресуда.
Бранка Виерда, од Младинската иницијатива за човекови права, изјави дека „овој потег придонесува кон негирањето на она што е утврдено со хашките пресуди и несоочувањето со она што се случило“.