Регион

БиХ: Процесирањето на воените злосторства, ја истакна трајната етничка поделба

Преглед на случувањата во 2018 во Босна и Херцеговина

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Младен Лакиќ , Сараево

Кога во ноември, поранешниот командант на босанската армија за Сребреница, Насер Ориќ, беше ослободен од обвинението за убиство на тројца воени затвореници од српска националност, извршено во 1992 година, неговите поддржувачи славеа пред судот во Сараево.

Голема поддршка при изрекувањето на пресудата на Ориќ му дадоа и поранешните соборци, кои пристигнаа пред Судот на БиХ со десетина автобуси.

Тие држеа транспаренти во своите раце, со фотографии на Ориќ, на кои, меѓу другото, пишуваше: „Херои, а не злосторници”.

Многу Бошњаци го поздравија ослободувањето на Ориќ, бидејќи го сметаат за херој, поради неговата улога во одбраната на Сребреница, во годините пред масакрот извршен во 1995 година.

Но, во Република Српска (РС), ваквата пресуда ја сметаат за доказ дека судот е пристрасен и антисрпски настроен.

„Босна и Херцеговина и институции како што е Судот на БиХ се лошо место за Србите”, изјави по пресудата за весникот „Ослобоѓење“, Милорад Додик, српски член на Претседателството на Босна и Херцеговина и поранешен претседател на РС.

Босанските Срби сакаа Ориќ да биде осуден, не само за трите убиства за кои тој беше обвинет и ослободен од обвиненијата, туку и за други злосторства.

Додик истакна оти за убиствата на Србите за време на војната, нема никаква одговорност, додавајќи дека тој би сакала вработените Срби во Судот на БиХ, да ја напуштат оваа институција.

Ситуацијата беше посмирена кога во октомври против Атиф Дудаковиќ, поранешен командант на Петтиот корпус на АБиХ и против 16 поранешни негови подредени, беа поднесени обвиненија за воени злосторства, кои вклучуваат убиство на повеќе од 300 луѓе и уништување на српски православни цркви.

Апсењето на Дудаковиќ во април наиде на критики кај некои бошњачки политичари, но и пофалби кај босанските Срби.

Во деновите по апсењето, Бошњаците одржаа неколку протести во Федерацијата БиХ, при што на Дудаковиќ и на неговите соборци им дадоа поддршка виорејќи знамиња на АБиХ и носејќи транспаренти на кои пишуваше: „Херои, а не злосторници”.

Главната политичка партија на Бошњаците, Партијата за демократска акција (СДА), изрази незадоволство поради апсењето и соопшти: „Армијата на БиХ систематски ги спречуваше и казнуваше сторителите на злосторства во своите редови”.

Партијата истакна дека босанските Срби биле вистинските агресори во војната, додавајќи: „Силите кои извршија агресија на Босна и Херцеговина, систематски ги планираа, организираа, охрабруваа и извршуваа злосторствата”.

Од друга страна, Драган Чавиќ, поранешен претседател на РС, изјави дека се надева оти Дудаковиќ ќе биде прогласен за виновен.

„Овој човек беше клучна фигура по командна одговорност за сторените воени злосторства извршени врз Србите, но и врз Бошњаците, во зоната на одговорност на Петтиот корпус, особено на крајот на 1995 година. Конечно, дојде денот да бидат лишен од слобода и тоа ме радува”, истакна Чавиќ за медиумите во БиХ.

Законот за жртвите на воена тортура ја зголеми дискриминацијата

Божица Живковиќ-Раилиќ,претседател на Здружението на жени жртви на војната во РС. Фото: БИРН

Континуитетот на повоените етнички поделби меѓу Бошњаците, Хрватите и Србите во БиХ, во 2018 година беа истакнати со многу клучни настани во оваа земја.

Народното собрание на РС во јуни донесе закон со цел обезбедување на правата и на бенефициите на поранешните затвореници и лицата што преживеале тортура во војната, прв од ваков вид кој беше усвоен, но само на ентитетско, а не и на државно ниво.

Сепак, усвојувањето на законот предизвика стравувања дека тој може да придонесе за зголемување на етничката дискриминација.

Со законот, на поранешните затвореници и на жртвите на тортура, ќе им биде обезбеден основниот пакет права, во кои се вбројуваат месечните надоместоци, во најголем дел бесплатната здравствена заштита и загарантираното предимство при вработувањето во јавниот сектор, но само за оние кои живеат во Република Српска, а не и за оние кои во војната биле измачувани во овој ентитет, кои заминале и по конфликтот не се вратиле.

Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот, изјави оти решението лежи во донесување на ваков закон на државно ниво.

„Секој закон донесен на ниво на ентитет, без разлика дали станува збор за РС или за Федерацијата, секогаш ќе исклучува одредени жртви на војната, бидејќи придобивка од него ќе имаат само оние кои живеат во тој ентитет, но не и оние кои заминале и не се вратиле”, нагласи Тахировиќ.

Хрватите жалат поради самоубиството на Праљак

Драган Човиќ, претседател на Хрватската демократска заедница во БиХ. Фото: ЕПА

Во август, официјалните претставници на босанските Хрвати, вклучително и Драган Човиќ, лидер на Хрватската демократска заедница во БиХ, ја прославија 25-годишнината од формирањето на Херцег-Босна, одамна непостоечка, во војната во БиХ самопрогласена државичка на босанските Хрвати, што беше поддржана единствено од Хрватска.

Многу аналитичари сметаат дека ова одбележување на годишнината од формирањето на Херцег-Босна, е дел од кампањата за формирање на трет хрватски ентитет во БиХ.

„Оние кои ја знаат ХДЗ, не гледаат ништо ново кога станува збор за прославувањето на Херцег-Босна, но вакви работи дефинитивно ги нарушуваат повоените односи во БиХ”, рече аналитичарката, Златиборка Попов-Момчиновиќ.

Во 2018 година во БиХ беше одбележана и првата годишнина од драматичното самоубиство во судницата на Хашкиот трибунал, на една од клучните воени фигури на Херцег-Босна, Слободан Праљак.

Во Груде, градот во кој беше основана Херцег-Босна и воените сили на босанските Хрвати, Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), во ноември, во чест на Слободан Праљак, беше одржана миса и молитва во католичката црква.

Праљак, воен командант на Главниот штаб на ХВО, по изрекувањето на пресудата со која беше прогласен за виновен за воени злосторства, во судницата испи отров и набрзо потоа почина.

Контроверзни јубилеи, паралелни комеморации

Билборд поставен во Бања Лука, на кој е фотографија на Милорад Додик (десно) и на поранешниот претседател на РС, Радован Караџиќ. Фото: БИРН

Воените јубилеи и оваа година беа причина за расправа, особено повторното одбележување на спорниот Ден на Република Српска.

Стотици полицајци, пожарникари, затворските чувари, припадници на цивилната одбрана, па дури и членови на Здружението на ловци на РС, маршираа по главната улица во Бања Лука на 9 јануари, прославувајќи го Денот на РС – спорен национален празник чие одбележување, според одлука на Уставниот суд на БиХ, е дискриминаторно кон граѓаните од несрпска националност, кои живеат во овој ентитет.

Низ Бања Лука, која е административен центар на РС, беа поставени знамињата на РС и билборди со слоганот „Мислете на татковината”, бидејќи на 9 јануари, се прославува денот кога во 1992 година, е формирана РС, настан кој голем број Бошњаци го сметаат за вовед во војната, која започна неколку месеци подоцна.

А како и секоја година, Денот на независноста на БиХ на 1 март, не се прославуваше во РС, чии граѓани во 1992 година, не сакаа да се одвојат од поранешна Југославија.