Регион

Хрватска: Одбележана годишнината од смртта на Нада Димиќ

Срби од Хрватска и активисти за човекови права, ги посетија логорите од Втората светска војна, Стара Градишка и Јасеновац, во чест на партизанката Нада Димиќ

Српскиот народен совет, кој го претставува српското малцинство во Хрватска, и невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права, во неделата, на годишнината од убиството на младата партизанка, Нада Димиќ, организираа посетата на поранешните концентрациони логори, Стара Градишка и Јасеновац.

Група од 50 лица положија цвеќе и со едноминутно молчење ѝ оддадоа почит на Нада Димиќ, крај антифашистичкиот споменик во Стара Градишка, по што го посетија меморијалниот центар Јасеновац, каде што се наоѓа големиот споменик на жртвите од концентрациониот логор, наречен „Камен цвет“.

Димиќ, родена во Дивосело, кај Госпиќ, во Хрватска, во 1923 година, била член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Таа ѝ се приклучила на првата партизанска единица во Брезовица во јуни 1941 година и учествувала во саботажите на пругата Загреб-Сисак. Усташката полиција ја заробила во декември 1941 година.

„Во почетокот на февруари 1942 година, таа била донесена во логорот Стара Градишка, каде што била убиена кон крајот на март“, рече на комеморацијата, Бранка Виерда, од Младинската иницијатива за човекови права.

Прво била мачена, а на 17 март 1942 година, на возраст од 19 години, била убиена.

Виерда го заврши својот говор велејќи дека Димиќ заслужува „вечна слава и пофалба“.

Димиќ е еден од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти, кои помеѓу 1941 и 1945 година, биле убиени во логорот, од фашистичкиот усташки режим.

Јасеновац функционирал како систем на логори; како важен подлогор бил оној сместен во поранешниот затвор во близина на Стара Градишка.

За разлика од спомен-подрачјето Јасеновац, локацијата на Стара Градишка не е многу посетувана.

Лошата состојба на споменикот на жртвите на усташките злосторства во Стара Градишка, укажува на тоа дека сеќавањето на жртвите на усташкото движење се занемарува, велат организаторите на комеморацијата одржана во неделата.

Комеморација во знак на сеќавање на Нада Димиќ, пред споменикот во Стара Градишка. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Споменикот во Стара Градишка. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Бившиот усташки логор од Втората светска војна во Стара Градишка. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Бившиот усташки логор од Втората светска војна во Стара Градишка. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Споменикот „Камен цвет“ во спомен-подрачјето Јасеновац. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ.

Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ.